1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Во гнездото

4 јули 2020

Изборниот спот на вмровскиот шпицен кандидат и шестемина „мускетари“ во многу нешта наликува на оние испрашувања на министрите од страна на Груевски во маратонските телевизиски седници на владата. Пишува Љупчо Поповски.

https://p.dw.com/p/3em4j
Nord-Mazedonien Parteizentrale der VMRO DPMNE in Skopje
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Целата сцена како да наликува од „магичните слики“ во кои Драган Оцокољиќ, Александар Гавриќ, Дарко Дамевски, Истреф Беголи ги глумеа нашите славни атентатори во Солун од настаните од 28 април до 1 мај 1903. Можеби се сеќавате како во филмот „Солунските атентатори“ Кирката, Орцето, Мечето, Шатев... се договораа како да ги кренат во воздух бродот „Гвадалкивир“, Отоманската банка, железничката пруга кон Цариград, гасоводните цевки во Солун. Во меѓународниот индекс на филмовите тој, малку непријатно за нас, е заведен како „Солунските терористи“. Овие млади македонски анархисти станаа идоли за повеќе генарации по нив. Па, сега некако изгледа како да биле на некој начин изборна асоцијативна инспирација и за уметничко-пропагандистичко-политички видео спот на врвната вмровска номенклатура за овие избори.

Затемнета просторија, еден екран на кој се прикажуваат „целите“, лидерот седнат меѓу шестемина мускетари, кои кажуваат како ќе ги исполнат задачите. Професорот-лидер испрашува, „студентите“ (меѓу кои и една високопочитувана професорка) одговараат – ваму и ваму ќе ги поставиме „бомбите“ (изборните цели) со кои Македонија ќе ја направиме подобра. Професорот-лидер изгледа задоволен, речиси е невозможно успехот да не биде постигнат. Групата заговорници во притаеното гнездо (некои би ги нарекле „шестемина на Оушн“, но место лица во шарени маици и кошули гледаме костумосани здрвени фигури) ги прават последните подготовки пред „акцијата“ – денес тоа се вика гласањето.

Други колумни од авторот:

Изборен ролеркостер

Зошто сега никој не ја сака ДУИ? Барем јавно

„Заговорниците“ во темницата

Имаше многу црни пропагандни спотови (идната недела веројатно ќе дојдат уште повеќе), имаше, позитивни, смешни и глупави (како оној со подгрбавените луѓе), имаше сцени во кои еден грамаден „Мојсеј“ ги предводи своите следбеници како да зачекорува низ отворениот премин во Црвеното Море, имаше стрипови – имаше досега сѐ и сешто. Веројатно никогаш нема да дознаеме кои биле „креативците“. Во многу случаи тоа не е ни важно. Но оваа сцена со „заговорниците“ во затемнетата просторија, изгледа како нешто повеќе, нешто „подлабоко“, нешто посуштински. Сакала да си признае себеси или не, вмровската номенклатура со него ја отсликува ситуацијата во која се наоѓа сега партијата. Порано правеа спотови во кои еден натчовек трча без да се измори по планини и полиња за да ја покаже неуморноста на партијата во освојувањето на нови хоризонти, денес трустот мозоци е сместен во некакво гнездо од каде треба да се испорача победата.

Mazedonien Ljupco Popovski
Љупчо ПоповскиФотографија: Petr Stojanovski

Изгледа совршено нејасно од каде доаѓа оваа „креативност“ – наместо во земјата на сонцето политичарите да ги искористат зраците за порака, тие ја користат темнината за да ја претстават светлината. Во еден текст порано го поставивме прашањето „Што се случува во ВМРО-ДПМНЕ?“ поради нивното приближување кон европската крајна десница и популистичко-националистичките прокламации „ала Салвини“. Во една неверојатно затворена, а голема партиска структура исклучително е тешко да се дознае што се случува во вмровските ешалони. Тоа понекогаш изгледа како задача за некакви овдешни „кремљолози“, но тогаш доаѓа дилемата – вреди ли сиот тој напор. Откако повеќе партии отаде десницата го пополнија тој простор на овие избори (колку и да изгледаат тие мали) ВМРО-ДПМНЕ се реши да се сврти кон „изворниот патриотизам“ со билборди и маици на кои е претставен Гоце Делчев (директна асоцијација за неразумните бугарски барања), обидувајќи се визуелно да се претстави како единствен бранител на македонските национални интереси. Изгледа дека некако е ставена на пауза фазата на глорификација на Тодор Александров (човекот кој заедно со Александар Протогеров и Петар Чаулев ја обновија организацијата под името ВМРО во 1919 година), па сегашната партиска структура помисли дека е дојдено времето за враќање на солунските корени, а не на братоубиствените колежи од 1920-тите. Тоа враќање на солунските корени треба да има и свовидна изборна визуелизација, па можеби потсвесно е и оваа опскурна приказна за задачите на изборните „војводи“.

Некому може да му изгледа пренагласена оваа експликација за еден изборен спот, но не треба да се потценуваат визуелизациите кога треба да се објасни состојбата во една партија. Оваа „заговорничка“ сеанса многу наликува на оние испрашувања на Никола Груевски кога беше премиер во телевизиските преноси на маратонските седници на владата. Сите министри тогаш како ученици одговараа на испрашувањето на магистерот. Сега изборните „мускетари“ одговараат како ќе ги спроведат плановите на шпицен кандидатот. Однадвор изгледа како ништо да не се променило во матрицата на врвните партиски ешалони – тие сакаат да бидат испрашувани од лидерот. И да му се допаднат. Изгледа како истата матрица? Еден изборен спот некогаш може многу да покаже каква е состојбата на еден партиски организам. Така е и со оваа сеанса во темницата.

Nord-Mazedonien Goce Delcev
Расчеречување на историската икона во политички цели за едни избори (фото: Гоце Делчев)Фотографија: Wikipedia/gemeinfrei

Сите биле чеда на Делчев

Како што тргнало, до крајот на кампањата и функционерите на ДУИ ќе почнат да го носат Гоце Делчев на маици. Али Ахмети вчера од Камениот мост во Скопје на активноста на револуционерот ѝ даде дури и име - „делчевизам“. Во неговата предизборна сеанса за проектот премиер Албанец, тој зборуваше дека Гоце Делчев носел кече кога некогаш држел говор пред Албанци во тогашната отоманска провинција и соработувал со албански патриоти, па поради тој „делчевизам“ македонските политички партии требало да бидат среќни со предлогот за премиер Албанец.

Што направија со Делчев? Никој нема веќе усул од неговата злоупотреба. Не би било воопшто нелогично доколку Турците во Македонија, а и оние во Турција, утре се јават и речат дека Делчев носел фес (како што носеа речиси сите во тоа време) па да го присвојат за својата кауза. Па во едно иронизирање на мисијата на револуционерот да речат дека поради фесот тој ги поддржувал и отоманските власти. Бугарите велат Делчев е наш, на Македонците им изгледа како да си им навредил нешто најсвето, вмровците го носат на маици, Ахмети вели тој носел кече, помалите десничарски партии попрво би ви ги извадиле очите отколку да кажете нешто лошо за човекот од Кукуш...

Изборите секогаш се ужасни за политичките актери. Тие понекогаш се подготвени да преминат многу граници за да останат во живот. Ако треба, како Ахмети, ќе го вметнат Делчев и во Рамковниот договор, дека тоа, всушност, била неговата визија. Едноставно кажано – ужасно расчеречување на историската икона во сегашните политички цели за едни избори.

Љупчо Поповски
Љупчо Поповски Уредник, новинар и политички аналитичар