Во изолација поради коронавирус? Нема проблем
Со малку креативност можете да ја претворите изолацијата во инспирација. Еве неколку идеи како да го искористите времето во карантин, и да продолжите нормално да живеете дури и затворени во четири ѕида.
Бидете креативни со конзервираната храна
Претворањето на конзервираната храна во нешто вкусно можеби бара малку магија, но сигурно не е невозможно. На пример, експериментирајте со лакса која ги прочистува синусите или пак измешајте конзерва туна со малку пченка и свеж ѓумбир за да го зајакнете вашиот имунолошки систем.
Затворената вежбална не е изговор
Имате доволно начини да ја одржите добрата форма на вашето тело дури и ако не можете да ја посетите вашата вежбална. Загрејте го телото со фитнес вежби или јога со онлајн упатства, а доколку ви е многу здодевно искористете ги и конзервите со храна во вашиот магацин за да ги развиете вашите бицепси и трицепси.
Време е за пролетно чистење
Искористете ја можноста, засукајте ги ракавите и употребете го вишокот енергија за да го светнете секое ќоше во домот. Ова може да биде најдобриот момент за расчитување на нередот. Можете дури и да ослободите место во плакарите и да зачистите во подрумот.
Целодневна забава со ТВ серии
Целодневното гледање на ТВ серии е гарантиран начин за опуштање на умот и телото. Можеби мини-серијата „Чернобил“ и не е најдобриот избор доколку сте во мрачно расположение. Алтернативата би било нешто полесно, како „Пријатели“. Доколку секој ден потрошите 6 часа и 20 минути на оваа серија, ќе ги изгледате сите 236 епизоди за 14 дена.
Опуштете се со семејни игри
Покрај сето слободно време можеби е добар момент да ја избришете прашината од некои постари игри и да се забавувате со оние со кои го споделувате карантинот. Доколку сте сами во изолација, повеќе класични игри денес имаат и онлајн верзии па можете да играте со пријателите преку интернет.
Научете нешто ново
Во денешно време можете да научите речиси се онлајн. Можеби секогаш сте сакале да научите некоја нова вештина или дури и јазик. Германски можеби? На интернет ќе најдете многу можности и за бесплатно изучување јазици, па со оглед на слободното време, нема никаков изговор зошто тоа да не го сторите.
Јавете и се на бабата
Вашите роднини секогаш се жалат дека ве гледаат само за празници. Сега е добар момент да им се јавите. Иако веројатноста дека ќе заглавите на телефон 1-2 часа е голема, сепак ќе ви се израдуваат. Притоа, ќе покажете грижа и за нив и за нивното здравје во оваа тешка ситуација, особено за постарите луѓе.
Планирајте го следниот одмор
Планирањето одмор е добар начин да избегате од вашата соба, макар и само во мислите. Исполнете го денот замислувајќи си како се релаксирате на Бали или уживате во чистиот планински воздух некаде на Алпите. Само не заборавајте да си купите и патничко осигурување бидејќи никогаш не се знае кога ќе дојде следната криза.