1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Религија

Регионот се бранува по историската одлука на Цариград

ДТЗ
10 мај 2022

Руската православна црква порача дека ги признава исклучиво правата на СПЦ во С. Македонија, а српски верски аналитичари коментираат дека Цариград со ваквата одлука се вмешал во јурисдикцијата на српската црква.

https://p.dw.com/p/4B51Y
Nordmazedonien Skopje Orthodoxe Weihnachten
Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Додека во македонските храмови радосно бијат камбаните по објавувањето на историската одлука на Вселенската патријаршија, со која МПЦ-ОА стана канонска, веста предизвика најразлични реакции во православнииот свет. Руската православна црква (РПЦ) порача дека ги признава исклучиво правата на Српската православна црква (СПЦ) во Северна Македонија, а српски верски аналитичари коментираат дека Цариград со ваквата одлука се вмешал во јурисдикцијата на СПЦ.

Настрана не останаа ниту Бугарија и Грција. Додека бугарски медиум наведува дека „Скопје и ја украде Бугарската Охридска Архиепископија од Бугарија“, во Грција се коментира дека со одлуката на Светиот синод на Вселенската патријаршија „се става крај на повеќегодишната перипетија на шизматичката црква, која ја врати во рамките на канонската православна црква“. 

Реакции 

По одлуката на Вселенската патријаршија да ја признае Охридската архиепископија како канонска црква, реагираше Руската православна црква (РПЦ) која вели дека ги признава исклучиво правата на Српската православна црква (СПЦ) во Северна Македонија. „РПЦ, пред сè, ќе го земе предвид пристапот кон овој проблем на Српската црква на која и понатаму ѝ ги признаваме канонски права во Северна Македонија“, вели секретарот на Одделението за надворешни црковни односи на Московската патријаршија, протоереј Игор Јакимчук, во реакцијата која ја пренесуваат српските медиуми повикувајќи се на рускиот „Спутник“. 

Russland Moskau | Kyrill I. -  Patriarch der Russisch-Orthodoxen Kirche
Руската православна црква ја признава само јурисдикцијата на СПЦ во Македонија, порачуваат од МоскваФотографија: Sergei Chirikov/dpa/picture alliance

Оваа одлука не значи томос за автокефалност со кој официјално се регулира меѓународното име и статус на македонската црква, туку претставува објава дека црквата повеќе не е во шизма и раскол со православниот свет. Во соопштението на Вселенската патријаршија се наведува дека се остава на СПЦ да ги уреди управните прашања што ги има помеѓу неа и МПЦ-ОА во рамките на светоканонскиот чин и црковното предание.  

Крај на изолацијата: Вселенската патријаршија ја призна МПЦ-ОА за канонска

„Цариград се вмеша во јурисдикцијата на СПЦ„, коментира српскиот верски аналитичар, Јован Јањиќ, кој смета дека Македонската православна црква не е признаена од Вселенската, туку од Цариградската партријаршија, која пак е само прва по ранг меѓу православните цркви и дека практично се вмешала во јурисдикцијата на Српската православна црква. 

Во изјавата за Танјуг, тој нагласува дека со својата одлука Цариградската патријаршија  се вмешала во јурисдикцијата на Српската православна црква со оглед на тоа што таа не ѝ е мајка црква на Охридската архиепископија, поради што не може да ѝ даде автономија или автокефалност. 

Збришан планот на руско- српската оска 

Грчкиот црковен портал „Ортодоксија инфо“ во текстот под наслов „Шах- матот“ на вселенскиот патријарх што го збриша планот на руско- српската оска за нова турбуленција на Балканот“, пишува дека со одлуката на Светиот синод на Вселенската патријаршија „се става крај на повеќегодишната перипетија на шизматичката црква, која ја врати во рамките на канонската православна црква“. Како што пренесува агенцијата МИА, во текстот се додава дека и покрај непријателскиот став на Српската патријаршија, Константинопол не навлегува подлабоко во прашањето и му остава на Белград да преземе потези за завршување на постапката по ова прашање. 

Belgrad Saint Sava Kirche
СПЦ е незадоволна од одлуката на ЦариградФотографија: Boris Breytman/Zoonar/picture alliance

„Со овој одлучувачки потег, Вселенската патријаршија става крај на новите аспирации на Русија да предизвика нова рунда конфронтации околу јурисдиктивните прашања, а црквата на Србија ја става пред своите одговорности за завршување на напорите за решавање на проблемот според Светите канони“, коментира порталот. 

Бугарските медиуми, пак, коментираат дека Македонската православна црква била изненадувачки призната од Вселенската патријаршија како Охридска архиепископија. „Во изминатите години Бугарската архиепископија во Охрид беше од големо значење за опстанокот на Бугарите како народ и духовност. Тоа е, исто така, најдолгата постоечка црковна институција - речиси 750 години“, пишува бугарскиот медиум Епицентар. Бугарскиот историчар Божидор Димитров, пак, оценува дека признавањето на црквата „Охридска архиепископија за независна“ е предавство на националните интереси на Бугарија и и штети на Бугарија и на бугарската кауза во Македонија.

Премиерот Димитар Ковачевски во понеделникот оцени дека одлуката на Вселенската патријаршија да ја признае македонската црква како канонска е најважниот и најголемиот чекор. „Нашата православна црква сега е во заедница со сите православни цркви со што завршува седумдецениската изолација“, вели тој. 

За македонските верски аналитичари ваквата одлука на Вселенската патријаршија е охрабрувачка, ако се има предвид дека сличен потег беше направен и во однос на Украина, каде што црквата прво беше примена во православниот свет, а потоа и беше уреден статусот како автокефална.