1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Архитектура

Во Расадник наместо да се сади, ќе се гради

Деница Чадиковска
6 јануари 2020

ДУП-от предложен за „Расадник“ предизвика бура од реакции. Урбанистите, архитектите, власта, инвеститорите - секој гледа од свој аспект, некој во потрага за подобар проект, друг во трка по гласови, трет во трка за пари.

https://p.dw.com/p/3Vm1n
Nord-Mazedonien Protest Aktion in Rasadnik
Герила акција на активисти: „Во Расадник и дрвјата родија згради”Фотографија: Radio MOF

Зборот расадник значи градина во која се одгледуваат растенија за расад. Истоимената локација во Општина Кисела Вода со децении се користеше и за оваа намена, се разбира не целата, но големи делови од Расадник беа токму тоа – плодна земја на која растеа и зимзелени и листопадни дрвца. Факт е дека просторот никогаш не беше уреден онака како што доликува за земјиште на 4 километри од центарот на градот. Беше оставен, па таму стихијно можеше да се види сѐ и сешто. Освен расадите, на некои делови имаше и има складишта, продажба на дрва за огрев и слично. Ваквата ситуација не можеше да остане како што е. Беше јасно дека овој простор ќе треба да доживее некаков тип на урбанизација. Но, дали под урбанизација во Македонија се подразбира само згради и бетон?

Општината забрзано го подготвува овој простор да стане градилиште и населба со над 100 згради. До објавувањето на оваа сторија не добивме одговор на прашањата кои им ги упативме.

Повеќе:

Битката против урбанистичкиот хаос е сепак (не)возможна

Расчистувањето со урбанистичкиот хаос, произведува нов хаос!

Деталниот Урбанистички План кој беше предложен за парцелите во „Расадник“ предизвика бура од реакции кај граѓаните. Тие се гневни што надлежните не успеваат да го препознаат потенцијалот на зелените површини, па наместо јавни простори, на плодната почва никнуваат само нови згради.

„Немаме каде да се прошетаме, децата немаат каде да си играат освен на бетонот и на улицата. Расадникот, каков и да е во моментов, е една од последните тревни површини што ни остана тука во населбава“, вели една од сосетките во околните згради.

Nord-Mazedonien Google Earth Aufnahme von Skopje
Површината на неизградениот дел од Расадник е голема речиси колку површината на Градски ПаркФотографија: Google Earth/Maxar Technologies

Инвеститорите веќе ги купуваат приватните парцели, а ако ДУП-от се изгласа, на оваа локација ќе се доселат над 10.000 нови жители. Зградите во висина ќе се движат од шесткатници до тринаесеткатници. Некои од нив, ќе се наоѓаат на само 12 метри оддалеченост.

Површината на неизградениот дел од Расадник е голема речиси колку површината на Градски Парк. Дел од забелешките на граѓаните се однесуваат и на фактот што наместо нов Градски Парк, кој би им го подобрил значително квалитетот на живот на голем број жители од Кисела Вода, Аеродром и Центар, на оваа локација се гледа само од призма на профит.

„Наместо да го направат местово парк, како да не е доволно загадено во населбата. Но, така е сега и во Тафталиџе, Аеродром, Ѓорче... Само во пари им е паметот“, гневно раскажува еден од жителите на Кисела Вода.

Марта Илиевска, член на Управниот Одбор на Асоцијација на Архитекти на Македонија, објаснува дека ситуацијата не е воопшто едноставна. Таа вели дека овој ДУП е добар, но само ако го споредиме со оној што беше предложен во 2015 година, со кој не беше предвидено ни 30% зеленило. Додава дека на крај, не е ни важно колку е тој добар, бидејќи е изработен според правилата на Градскиот Урбанистички План.

Marta Ilievska, Architektenverband Nord-Mazedonien
Илиевска: Развојот на градот трпи многу во последните 10 до 15 годиниФотографија: DW/D. Cadikovska

„Ние може да имаме разни желби, но ДУП-от е резултат на ГУП-от. Дали ГУП-от е добар, тоа е еден друг проблем, бидејќи тој ГУП е направен за земји од третиот свет. Тоа се земји кои немаат направено попис. Последниот попис од 2002 година не е релевантен повеќе. Сметам дека ние треба да се запрашаме што ќе направи државата за да може да направиме подобар ГУП. Верувајте дека и колегите урбанисти и луѓето кои што работат во општината имаат комплексна цел. Ние треба да го изградиме градот.“

Илиевска објаснува дека ова не е проблем само на оваа општина, туку на целиот град. Најголемиот број од жителите во Скопје се соочуваат со слични инфраструктурни проблеми.

Асфалт наместо зеленило

„Градот многу трпи со развојот во последните 10 до 15 години. Пренатрупан е, сите тротоари се полни со возила, мајки со колички немаат како да поминат, пешаците немаат каде да се движат, сообраќајот е закочен, немаме доволно паркови каде да ги прошетаме милениците.“

Илиевска додава дека како поранешен жител на Кисела Вода, таа е свесна за предизвиците со кои се соочуваат тукашните жители. Просторот каде колите се паркираат и децата си играат е истиот.

„Не е една инспиративна населба за живеење. За мене, не е ни населба во која би сакала да растам дете. Пред сѐ децата треба да имаат простор каде ќе го поминат слободното време и тоа да биде една малку покреативна средина од онаа што е исполнета само со асфалтирани површини и згради.“

Rasadnik, Skopje, Nord-Mazedonien
Поради иднината на децата, не смееме да се откажеме, велат граѓанитеФотографија: DW/D. Cadikovska

Урбанистите, архитектите, властите, инвеститорите, секој гледа од свој аспект – некој во потрага за подобар проект, друг во трка по гласови, трет во трка за пари. Каде е тука градот и граѓаните? Пред Нова година се актуелизираат писмата со желби што се праќаат до добриот дедо со бела брада. Жителите на Скопје и на Кисела Вода напишале дека посакуваат почист воздух, помалку згради, а повеќе паркови во 2020-та. 

„Однапред нема да признаеме пораз во битката во која победува алчноста наспроти чесноста. Можеби на возрасните им е јасно дека Дедо Мраз не постои, но поради иднината на децата не смееме да се откажеме од верувањата, урбанизацијата на Скопје не смее да биде на наша штета“, велат граѓаните.

Оваа сторија е изработена во рамките на кампањата за подобра животна средина „Не игнорирај! Реагирај!“ која ја реализира Институтот за комуникациски студии.