1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Што треба да знаете пред да се вакцинирате?

ДТЗ
29 март 2021

За три дена над 100 македонски граѓани починаа од Ковид-19. Лекарите апелираат граѓаните да се вакцинираат со првата вакцина што ќе стане достапна.

https://p.dw.com/p/3rKNl
Coronavirus l Impstoffdosis AstraZeneca
Фотографија: Yves Herman/REUTERS

За три дена над 100 македонски граѓани починаа како последица на Ковид-19. Бројката на заразени лица секојдневно расте. Болниците се полнат со сѐ помлади пациенти кои имаат тешка клиничка слика. По пристигнувањето на 24.000 вакцини од АстраЗенека од Ковакс механизмот, лекарите апелираат граѓаните да се вакцинираат со првата вакцина што ќе биде достапна. Вакцините почнуваат да делуваат најрано 3 недели после примање на првата доза и понатаму ефикасноста им се зголемува.

Листа за вакцинација

Масовната вакцинацијата на населението треба да започне в среда во вакциналните пунктови во здравствените домови, додека дозите од Спутник В се наменети за ревакцинација на 3.000 здравствени работници. Први на листата за вакцинацијата со АстраЗенека се лицата над 75 годишна возраст, со хронични болести, како и попишувачите. Лекарската комора вчера побара пациентите со автоимуни и инфламаторни ревматски заболувања да имаат предност за вакцинацијата во однос на општата популација.

-повеќе на темата: Вакцинираните против грип се поотпорни на Ковид-19 - зошто?

Министерот за здравство Венко Филипче при приемот на вакцините на „АстраЗенека“ на скопскиот аеродром информира дека со нив први ќе се вакцинираат 20.000 лица над 75 години со хронични болести и согласно местото на живеење ќе биде направена дистрибуција на вакцините во вакциналните пунктови во здравстевните домови. Покрај дополнителните 76.000 дози преку Ковакс системот, во април треба да пристигнат и вакцини од Кина, со што ќе почне масовна имунизација во салата „Борис Трајковски“.

Да се внимава и по вакцинирањето

Граѓаните кои веќе ја примија првата доза на вакцината „АстраЗенека“, како и оние кои следните денови ќе се вакцинираат, треба да бидат исклучително внимателни и да продолжат да ги почитуваат мерки, бидејќи е потребно време за да се создаде имунититет.

„По примање на првата доза од вакцината, потребни се до три недели да се создаде имунитет. Ова значи дека сите кои примиле деновиве вакцина треба да се исклучително внимателни следните недели и да продолжат да ги почитуваат мерките за лична заштита, како носење маска, физичка дистанца и одржување лична хигиена“, советуваат од Министерството за здравство.

-повеќе на темата: На вакцинација во Ниш - многумина без термин и во погрешен град

Најчести несакани ефекти по примање на вакцината се: болка на местото на апликација, црвенило и чешање, покачена телесна температура, треска, главоболка, болки во мускули. Овие несакани ефекти се јавуваат кај 10 отсто од вакцинираните. Поретко се јавува алергиска реакцијa. Најчесто, несаканите ефекти се благи и краткотрајни и исчезнуваат еден до два дена по вакцинацијата.

„Вакцината е единствено решение за излез од Ковид-кризата“

Викендов голем број македонски граѓани ја искористија шансаа и поитаа да се вакцинираат во Република Србија со вакцините на АстраЗенека.  Министерот за здравство Венко Филипче најави дека иако првата доза на вакцината ја примиле во Србија, тие ќе имаат можност доколку сакаат да се ревакцинираат во С. Македонија. Тој додаде дека веќе се подготвува начин како овие граѓани да влезат во македонскиот здравствен систем како вакцинирани против Ковид-19.

Совети

Во моментов во земјата има 18.907 активни случаи со Ковид-19. Филипче пред неколку дена  најави дека неделава ќе биде критична, но нови нема нови рестрикции. На сила е почитувањето на здравствените мерки за заштита од Ковид-19 и полициски час од 22 до 5 часот наутро. Вкупната бројка на ковид-дијагностицирани лица во земјата од почетокот на епидемијата изнесува 126.938. Битката со вирусот досега ја загубиле 3.675 граѓани, со болеста се избориле 104.356 пациенти.

-повеќе на темата: Ковакс и распределбата на вакцини: 36 држави сѐ уште не добиле ниту една вакцина

„Вакцините на Фајзер/Бионтек и Модерна имаат 95% ефикасност против симптоматска болест, вакцините на АстраЗенека и Џонсон и Џонсон имаат 70% ефикасност против симптоматска болест после една доза. Спутник В има најверојатно 90% ефикасност против симптоматска болест, додека пак вакцината Синофарм има 70% ефикасност против симптоматска болест. Ефикасностите се пресметани најмалку 3 недели до 8 недели после примање на првата доза.Вакцините Фајзер/Бионтек, Модерна, АстраЗенека, Џонсон и Џонсон, Спутник В и Синофарм имаат 100% или блиску 100% ефикасност против смрт од Ковид-19“, порача деновиве д-р Горан Кунгуловски, од Лабараторијата за генетика и персонализирана медицина при Клиниката „Жан Митрев“.

„Затоа вакцинирајте се со првата вакцина што ќе стане достапна за да не умрете. Вакцините почнуваат да делуваат најрано 3 недели после примање на првата доза и понатаму ефикасноста им се зголемува“, вели Кунгуловски.