1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Вучиќ - „татко“ на српско-косовскиот договор

Томас Бреј/дпа/Жана Ацеска21 април 2013

Српскиот силен човек Вучиќ само дома беше политичка ѕвезда. Со косовскиот договор, што го издејствува во Брисел, му успеа и меѓународен пробив. Сега мора да го протурка и внатрешнополитички - и покрај смртните закани.

https://p.dw.com/p/18KCK
Фотографија: picture alliance / dpa

Томас Бреј, познавач на Балканот, за германската агенција ДПА ги анализира приликите во Србија во светлина на штотуку постигнатиот договор со Косово:

„Генерации политичари безуспешно се обидуваа да го решат косовскиот проблем. Постигнатиот договор од петокот во Брисел, посредуван од ЕУ, оди на контото на заменикот српски премиер Александар Вучиќ. Со одбивањето на првиот предлог на ЕУ, неповолен за Србија, тој се одлучи на високоризичен покер и - победи. Зашто, постигнатиот компримис меѓу Белград и Приштина на косовските Срби им носи толку широка автономија, колку што одамна никој не ја сметаше за можна. Сепак, националистите се мобилизираат против Вучиќ, кој, како што тврди самиот, добива закани со смрт.

Кога во осмата преговарачка рунда во Брисел се чинеше дека се‘ е загубено, првпат се вклучи Вучиќ - шеф на најголемата партија (Српската напредна партија), министер за одбрана и координатор на тајните служби. Тој во борбата користеше тешко оружје. Се известуваше за вербални дуели на највисок тон со косовскиот премиер Хашим Тачи, кого го обвинуваше за измами. Вучиќ постојано ја бламираше косовската страна, одбивајќи ракување. Истовремено, тој ги формулираше „црвените линии“ за Србија.

43-годишниот правник претрпе неверојатна метаморфоза од екстремен националист во запален Европеец и демократ. Вучиќ ги малтретираше домашните и странските медиуми во 1998 година од позицијата на министер за информации во времето на српскиот автократ Слободан Милошевиќ, кој почина од срцев удар во Хашкиот трибунал за воени злосторства. Преобразбата се случи во 2008 година, кога Вучиќ со сегашниот претседател на државата Томислав Николиќ, долги години негов радикален патрон, ја основа Српската напредна партија.

Трансформацијата од екстремист во про-Европеец не можеше да биде потемелна. Според извештаите од неговото опкружување, тој беше свесен за изолацијата и економската катастрофа за неговата земја во случај на неуспех на посредништвото на ЕУ во косовскиот проблем. Заради избегнување вавкво сценарио, Вучиќ како мантра повторуваше - неговата земја мора по секоја цена да добие датум за со жар посакуваните преговори за прием во ЕУ. Но, датумот беше можен само со претходно постигнување договор. За разлика од српскиот премиер Ивица Дачиќ, кој беше подготвен да ја потпише исклучително неповолната спогодба, Вучиќ преку своето одбивање издејствува поповолна понуда.

Catherine Ashton Dacic und Vucic
Александар Вучиќ, Кетрин Ештон и Ивица ДачиќФотографија: European Comission

Вучиќ, кому апсењето на најбогатиот Србин, Мирослав Мишковиќ, на домашната сцена му донесе популарност како антикорупциски борец, сега се концентрира на добивањето внатрешнополитички „благослов“ за бриселскиот компромис. А, на овој план веќе има успеси - шефот на државата, кој радо се претставува за тврдолинијаш по прашањата на национализмот, вчера изричито го поздрави договорот со ограничена автономија за своите сонародници на Косово. Истото го направи и премиерот Ивица Дачиќ. Резултатот со српско влијание врз полицијата и судовите беше најдоброто решение и максимумот во отстапките.

Така, српскиот врв веројатно до утре дефинитивно ќе го прифати договорот. Вучиќ меѓутоа има уште две „градилишта“. Во неговата сопствена Српска напредна партија се‘ уште постојат многумина кои не можат да се простат од поранешните екстремни националистички позиции. Тоа би значело расцеп на најголемата партија. Освен тоа, Вучиќ треба да ги убеди и косовските Срби. Тие по никоја цена не сакаат да ја прифатат својата нова автономија, преку која сепак ќе станат дел од речиси исклучиво од Албанци населеното Косово. А, од тоа тие бегаат како ѓавол од крстена вода.

Вучиќ за Радио телевизија Србија изјави дека, од постигнувањето на договорот со Косово, е бомбардиран со смртни закани:

„Секоја секунда добивам порака дека ќе ме убијат“.

Заканите се насочени и кон неговата сопруга и двете деца. Српските националисти го осудија договорот со Косово како предавство. Активисти на Радикалната партија, според РТС, по улиците делат летоци со бројот на мобилниот телефон на Вучиќ“.