1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Габриел одново бара крај на блокадата

БГ
29 март 2017

По вторпат во еден месец, шефот на германската дипломатија Зигмар Габриел им порачува на претседателот Иванов и на ВМРО-ДПМНЕ да овозможат формирање влада и да стават крај на блокадата

https://p.dw.com/p/2aDaM
SPD Sigmar Gabriel
Фотографија: picture-alliance/dpa/U. Baumgarten

„Сметам дека е потребно уште еднаш да се побара од македонскиот Претседател и од парламентарните партии сега да овозможат формирање на влада и да ѝ стават крај на блокадата“, изјави германскиот министер за надворешни работи Зигмар Габриел по синоќешната средба со шпанскиот колега Алфонсо Дастис во Берлин.

Двајцата министри изразиле загриженост за развојот на состојбата на Западниот Балкан, и пред сѐ во Македонија.
Габриел порача дека мора да се почитува парламентарното мнозинство во Собранието, кое беше формирано по изборите.

„Степенот на неизвесност, кој моментално го имаме и при кој повторно се будат старите емоции, е голема опасност. Затоа сакаме да се ангажираме за тоа, на целиот Западен Балкан, а особено по однос на актуелната ситуација во Македонија, да се води грижа за да дојде до воспоставување на мирен и демократски соживот“, вели Габриел.

На трети март годинава, за време на посетата на Украина, Габриел рече дека е вознемирен поради состојбата во Македонија. Одлуката на претседателот Иванов да не го додели мандатот за формирање влада на мнозинството беше оценета како недемократска.

„Претседателот Иванов одби да му го додели мандатот за влада на досегашниот лидер на опозицијата, иако тој зад себе го собра неопходното парламентарно мнозинство. Тоа е спротивно на демократските принципи и на европските вредности кон кои се обврза земјата. Претседателот Иванов треба да ја преиспита ваквата одлука и да ја коригира во интерес на граѓаните на својата земја“, порача тогаш Габриел.