1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Потрага по корените на Васил Гарванлиев

26 март 2021

Бугарскиот неделник „168 часа“ пишува зошто бабата и дедото на Васил Гараванлиев се преселиле во Струмица: кој го убил началникот на службата за државната безбедност во Петрич?

https://p.dw.com/p/3rDFn
Vasil Garvanliev Teilnehmer Nord-Mazedonien Eurovision Song Contest 2021
Фотографија: Martin Trajanovski

Зошто предците на македонскиот претставник на Евровизија, Васил Гарванлиев, го напуштиле родното село Игралиште во Бугарија и се преселиле во Струмица? За причините и текот на тоа патешествие пишува бугарскиот неделник „168 часа“. Заплетот на настаните е лоциран во седумдесеттите години на минатиот век.   

„Официјално, властите ги нарекува 'бандити', 'диверзанти', 'злосторници'. Тогаш нашето детско сознание го прифати ставот дека тоа се опасни луѓе кои им посакуваат зло на луѓето и на татковината. Во сознанието ни беа набиени имињата на најстрашните 'бандити' во реонот: Вампирот и Агликин од Петрич, Арсенија (Асен Ризов од Игралиште) и уште неколку други. Понекогаш гледавме како полицајци и војници ги бркаа прекршителите. Имаше и жртви. Подоцна дознав дека тие се похрабри од останатите и дека имале храброст да го изразат своето несогласување со новата власт, со комунистичката идеологија и со перверзноста во нејзиното спроведување.“

Текстот на „168 часа“ почнува со овој цитат од книгата „Огражден“ на Кирил Назров, (роден во селото  Драгуш кај Петрич), во која тој ги раскажал неговите спомени од детството. Во мемоарите се наведува дека во 1970 година во Петричката околија малкумина биле мажите кои се побуниле против социјалистичкиот режим и си дозволиле смело да ја изразат својата позиција, што ги направило крвни непријатели на власта, но тоа нив не ги исплашило. Еден од храбрите бил и Асен Ризов, на кого денес се сеќавале само најстарите луѓе во неговото родно село Игралиште.

„Останаа само две-три лица кои велат дека неговата непомирлива душа не може да се опише со зборови, а крвта му вриела секогаш кога ќе го слушнел зборот ‘комунист'. Дали е можно да има врска помеѓу овој човек и еден друг, кој пред неколку дена ги разбранува духовите во Северна Македонија? Одговорот е - да“, пишува „168 часа".

Повеќе: Гарванлиев: „Музиката е мојот пасош“

Кој бил Асен (Арсенија) Ризов?

Според неделникот, еден од најголемите противници на бугарската власт пред 1989 година, бил всушност дедо на Васил Гарвалиев. Попрецизно, Асен, или попознат како Арсенија, бил сопруг на сестрата на бабата на Васил. Од „168 часа“ наведуваат дека не дознале дали младиот Гарванлиев ги знае овие нешта.

Кој бил Асен (Арсенија) и што се случило со Норка и Серафим – бабата и дедото на Васил, во 1970 година? Асен Ризов бил опишуван како човек со различен светоглед, приврзан на борбата против социјалистичкиот режим. Поради неговите цврсти уверувања дека Тодор Живков треба да биде симнат од власт, а секој комунист испратен во затвор, тој го предизвикал вниманието на властите кои го прогласиле за „бандит". Сакале да го затворат по секоја цена, а се заканиле дека истата судбина ќе ги следи и јатаците кои му помагале да се скрие. Започнал долг прогон.

„Тој бил нешто како комита, баран заради неговите политички убедувања“, изјавил за „168 часа“ заменик-градоначалникот на Игралиште, Митко Стојанов.

„Немало човек во околијата кој не му го знаел името. Бегал преку Малашевската планина, од село во село, преспивал во колиби. Тогаш неговото родно место било поделено на неколку маала. Се криел кај што може, за да не биде приведен. Побегнал преку границата за да влезе во Грција, а потоа се враќал. Тие секогаш му биле зад петите, но тој секогаш им се измолкнувал“, изјавил Стојанов.

Според мемоарите на авторот на „Огражден“, Асен Ризов немал друг избор освен да ја напушти земјата кога го извршил непоправливото - убиство, но не на кого било, туку на најважната личност во Петричкиот реон во тоа време. Под врвот Маркови Кладенци, Асен го убил началникот на Државната безбедност во Петрич, капетан Тодоров. По убиството Асен требало да исчезне.

„Тој имаше скривалишта кај нас и остана во Бугарија некое време, но мораше да ги напушти границите на земјата. Тоа го стори тивко, некаде меѓу 1970-1973 година. Замина во денешна Северна Македонија. Не можам да кажам каде точно се криел таму, но прогонството продолжи“, изјавил негов познаник.

Музиката е мојот пасош

Морале да заминат и бабата и дедото на Васил

Властите во Бугарија почнале да вршат притисок врз неговите блиски: врз неговата сопруга Магда, нејзината сестра Норка и нејзиниот сопруг Серафим - бабата и дедото на Васил. Никој не знае како, но Арсенија успеал да го организира и нивното преминување на границата. Пред тоа, тие накратко се криеле во село на 3-4 километри од Струмица. Но, крајната цел на Норка и Серафим била Струмица.

„За време на бегството, со нив бил и таткото на македонскиот учесник на Евровизија, кој исто така се вика Васил. Тогаш тој имал 3 години. Семејството трајно се населило таму. За „168 часа“ упатени велат дека во младоста таткото на Гарванлиев продавал весници. Потоа се за заљубил и се оженил. Му се родиле два сина. Постариот го крстиле Константин, а помалиот - Васил. За жал, Васил постариот (таткото) го напушта овој свет по несреќата во Италија, каде работи извесно време. Една година подоцна, умира бабата на Васил, а потоа и неговиот дедо“, пишува весникот.

Според сведочења, за време на животот во Струмица Норка никогаш не се вратила во Бугарија. За разлика од неа, нејзиниот сопруг Серафим често размислувал за родното место и како возрасен неколкупати бил во Бугарија за да ги види старите пријатели и куќата во која израснал.

„Многу луѓе оттука гостувале кај таткото на Васил во Струмица, како и луѓе оттаму патуваа до овде, тие никогаш не ги заборавија своите корени“, изјавил заменик-градоначалникот на Игралиште, Митко Стојанов.

Повеќе: Оди и не свртувај се, Василе

Што се случило со Арсенија и неговата сопруга Магда? Тие немале друг избор освен да заминат во Америка и трајно се населиле во Чикаго. Никогаш не се вратиле во Бугарија. Не се знае дали имале деца.

Според Стојанов, само една жена од семејството останала во селото. Се говорело дека таа била сестра на Магда и Норка, но не биле сигурни дали е биолошка сестра, или донесена.

„Денес сите локални жители во Игралиште стојат зад Васил Гарванлиев“, пишува „168 часа“.

Весникот потсетува на македонските реакции за „бугарска тробојка" во спотот на Гарванлиев, но и дека по анализите на реакциите во јавноста, тој сепак останува македонски претставник на Еврозвизија.

Бугарското село Игралиште е сместено во југоисточните падини на Малешевска планина, на 900 метри надморска височина. Се наоѓа на 20 километри западно од градот Сандански и влегува во составот на општината Струмјани.