Корона: Бројот на новоинфицирани постојано се зголемува
22 август 2020Бројот на новоинфицирани со коронавирус во еден ден го надмина прагот од 2000 случаи и со тоа достигна највисоко ниво од 25 април досега. Локалните здравствени институти во Германија регистрирале 2034 позитивни случаи, јави изутринава институтот Роберт Кох. Бројот на луѓе кои починале од Ковид-19 е зголемен за седум и сега изнесува вкупно 9267 лица.
Сепак, од ваквите бројки не се извлекуваат директни заклучоци за состојбата со инфекцијата со оглед на тоа што во последно време е многу зголемен и бројот на спроведени тестови. Ако во 31-та недела од годинава (крајот на јули и почетокот на август) бројот на направени тестови изнесувал 578.000, две недели подоцна тој е над 875.000. Стапката на позитивни резултати сега изнесува околу 1 процент, додека на крајот на април тој беше 5%.
Зголемувањето на бројот на случаи на Ковид-19 не може да се објасни само со зголемениот број тестови, соопшти институрот Роберт Кох пред неколку дена. На ниво на државата има голем број локални жаришта и кластери.
Повеќе:
Влажноста е клучна за ширењето на коронавирусот, тврдат научниците
Меркел апелира: Почитувајте ги мерките!
„Увезен“ коронавирус во Германија од Балканот
Косово: Љубовта кон семејството не штити од коронавирус
Германското Здружение на градови бара натамошно проширување на тестирањето кај летувалците кои се враќаат дома. „Многу сме концентрирани на аеродромите, но има и луѓе кои се враќаат од странство со воз, или автобус, или автомобил. Таму постои дупка во тестирањето која мора да ја пополниме“, оцени Хелмут Деди, раководител на здружението.
И во процесот на тестирање на аеродромите се’ уште има проблеми, вели Деди: „Авиокомпаниите за секој патник ни даваат лист, тоа се кутии полни со документи. Потоа документите мора да бидат распределени кај надлежните здравствени институти.“. Тоа, нагласува Деди, значи потреба од многу персонал, кој е подобро да се искористи за следење на контактите на позитивните лица или за тестирање.
Армин Лашет, премиер на најнаселената германска покраина Северна Рајна Вестфалија е против тоа тестовите за патниците кои се враќаат од ризични подрачја да останат бесплатни. Вакви тестови би требало „среднорочно, исто како и аеродромските такси, да се наплаќаат со цената на билетот“, рече Лашет за денешните изданија на весниците од медиумската групација Функе.
Освен тоа, Лашет пледира и за консеквентно казнување во случај на прекршување на обврската за изолација. Кој не се држи до наложениот карантин, намерно го загрозува здравјето на другите. „Ваквите прекршоци ќе ги казнуваме консеквентно. Потребна ни е офанзива“, вели Лашет. Законски можната висина на казна притоа достигнува до 25.000 евра, додава покраинскиот премиер.