Германија во треска: Како да се произведат повеќе вакцини?
30 јануари 2021Германскиот министер за здравство Јенс Шпан на крајот од оваа недела нема добри вести кога е во прашање снабдувањето на Германија со вакцини: „Со оглед на недостигот на вакцини, пред нас се најмалку десет тешки недели“, гласи пораката која тој ја испрати преку Твитер.
На министерот му е јасно дека бавниот почеток на вакцинирање неизмерно штети на кредибилитетот на владата во борбата против пандемијата. Затоа Шпан сака да свика „национален самит“ за снабдувањето со вакцини, кој би требало да се одржи следната недела. На средбата треба да учествуваат претставници на сојузната и на покраинските влади, како и претставници на стопанството.
Канцеларката Меркел ја поддржува идејата. Нејзиниот портпарол Штефен Зајберт порача: „Планирањето е во тек и ќе биде усогласено со сојузните покраини.“ На состанокот ќе се дискутираат и можни драстични чекори: може ли на неколку производители да им се одземе правото на патент, макар и на кратко?
Зедер: ЕУ порачала премалку вакцини и предоцна
Таа идеја инаку ја предложи секретарот на пратеничката група на Социјалдемократската партија во Бундестаг, Карстен Шнајдер. Така на пример компаниите Бионтек-Фајзер и Модерна за нивните веќе одобрени вакцини би можеле на одредено време да бидат лишени од ексклузивните права на патент, па така нивните вакцини би можеле да ги произведуваат и други компании.
Баварскиот премиер Маркус Зедер зборуваше нешто слично во средата во ТВ емисија: очигледно е дека државите на ЕУ доцна нарачале вакцини и во премали количини, така што сега мора да се користат и пронајдат „други капацитети“.
Свен Гиголд, пратеник од Зелените во Европскиот парламент, исто така смета дека треба да се разгледа оваа идеја. Тој во четвртокот изјави: „До бавни испораки на вакцини доаѓа неизбежно кога оној кој ја развил вакцината, истовремено и ја произведува. Итно мораме да ги искористиме капацитетите на други производители. За оние кои ги развија вакцините не е економично да ги прошируваат капацитетите, зашто тие ќе бидат одвишни кога ќе помине кризата.“
Гиголд потсетува меѓутоа дека тие производители со години вложуваат огромни суми пари во развој на вакцини. Експертите велат дека, ако би се одзеле патентите, сѐ помалку компании би биле спремни во иднина да вложуваат во развој.
И премиерот на Бранденбург, Дитмар Воидтке, сака на самитот да се разгледуваат идеи како да се забрза и подобри снабдувањето со вакцини. Со стопанствениците мора да се разговара на кој начин да се искористат подобро ресурсите во Германија, напиша Воидтек во писмото упатено до сегашниот претседавач со кризните состаноци, градоначалникот на Берлин, Михаел Милер. „Дали е можно пренасочување или проширување на производните погони во Германија за на тој начин да се помогне во производството на вакцини? По мое мислење, тоа би бил важен сигнал до населението со кој ние би покажале дека сериозно ја сфаќаме неговата загриженост.“
Центрите за вакцинација спремни, недостигаат вакцини
Загриженоста е оправдана: во Германија се веќе организирани околу 440 центри за вакцинација, додека мобилните тимови вакцинираат воглавно постари луѓе и негуватели во старски домови. Вакцината често недостига. На незадоволните граѓани, кои се обидуваат да закажат термин за вакцинација, постојано им стигаат информации за одложување или откажување на претходно договорениот термин. Речиси 1,7 милиони луѓе во Германија веќе ја имаат применопрвата од две дози, иако би можеле да бидат и многу повеќе, што потврдуваат и сликите на празни центри за вакцинација.
Актуелните истражувања на јавното мислење покажуваат дека сѐ повеќе граѓани не го одобруваат начинот на кој владата води борба против пандемијата. Институтот Аленсбах извршил анкета по налог на весникот „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ и констатирал дека само 49 % од граѓаните се задоволни од владиното менаџирање на пандемијата, додека 42% се незадоволни. Германската влада исто така најави дека ќе соработува со Русија во производство на вакцини, без оглед на моментните политички разлики. Русија планира да поднесе барање до ЕУ за издавање одобрение за употреба на нејзината вакцина „Спутник V".