Бундестагот изгласа задолжителна вакцинација во здравството
10 декември 2021Германскиот парламент денеска ги усвои измените на Законот за инфективна заштита, кој предвидува обврска за вакцинирање на вработените во здравството и во домовите за нега. За Законот гласале 571 од присутните 689 пратеници, против се изјасниле 80, а 38 биле воздржани.
Новата регулатива, иницирана од алармирачкиот раст на новоинфицирани со коронавирус во земјата и потенцијалната опасност од новата вирусна варијанта Омикрон, ќе значи задолжителна вакцинација за персоналот во болниците, во старечките и во домовите за нега, како и во лекарските ординации. Тие до средината на март 2022 година ќе мора да доставуваат доказ дека се вакцинирани или ја прележале болеста. Освен тоа, заради забрзување на имунизирачката кампања, во иднина вакцинирање против коронавирус привремено ќе смеат да вршат и заболекари, ветеринари и фармацевти.
Со законските измени сојузните покраини во случај на пораст на инциденцата можат да наложат затворање на клубови и дискотеки, но и на ресторани. Законот е потврден на итна седница и од страна на Бундесратот.
Во дебатата пред гласањето, сојузниот министер за здравство Карл Лаутербах и други претставници на новата влада ги аргументираа промените. Пратениците од Унијата (ЦДУ/ЦСУ) исто така гласаа за Законот, но ја обвинија владејачката коалиција дека со бројните законски измени предизвикува несигурност кај населението.