1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германија и Израел - односи запечатени од минатото

Бетина Маркс / Александра Трајковска28 мај 2012

Германскиот претседател Јоахим Гаук ја започнува повеќедневната посета на Израел. Речиси е сигурно дека ќе ја продолжи досегашната политика на Германија кон Израел, но вистинските односи меѓу двете земји не се идеални.

https://p.dw.com/p/153VJ
Фотографија: picture-alliance/dpa

Германскиот претседател Јоахим Гаук потекнува од поранешната ГДР, која не одржуваше официјални контакти со државата Израел. Владата во Источен Берлин себеси се гледаше како „антифашистичка држава“ и категорично сметаше, дека не е правен наследник на Третиот Рајх и со тоа не презема никаква историска одговорност. За Сојузна Република Германија, напротив, безусловната солидарност со Израел е едно од основните начела на нејзината политика.

Уште првиот канцелар Конрад Аденауер се трудеше да воспостави добри односи со еврејската држава, формирана 1948 година. Во 1953 година со основачот на израелската држава Давид Бен Гурион го потпиша договорот за помирување. Во 1965 година конечно беа воспоставени дипломатски односи меѓу двете земји. Денес Германија се смета за еден од најблиските сојузници на еврејската држава. Ова неодамна го потврди и германската канцеларка Ангела Меркел, која изјави дека безбедноста на Израел е еден од најголемите приоритети на нејзината земја.

USA Deutschland Israel Geschichte Treffen David Ben-Gurion und Konrad Adenauer
Основачот на израелската држава Давид Бен Гурион и канцеларот Конрад АденауерФотографија: picture-alliance/dpa

Но, германските граѓани веќе одамна не застапуваат вакви гледишта. Угледот на Израел во германската јавност веќе не е онаков како пред десет или дваесет години. Преку испитувањето на јавното мислење што го спроведе магазинот „Штерн“ се покажува дека дури 59 проценти од Германците го сметаат Израел за агресивна земја, додека една третина смета дека Израел ги следи своите интереси без обѕири кон другите земји. Само 36 проценти од испитаниците наведоа дека Израел им е симпатична земја, додека дури 13 отсто сметаат дека оваа земја нема никакво право на постоење.

Bundespräsident Joachim Gauck in Breda
Претседателот Јоахим Гаук патува во прва посета на ИзраелФотографија: picture-alliance/dpa

Пријателство и дистанца

„Меѓу Германија и Израел нема пријателство“, смета минхенскиот историчар Михаел Волфсон. Од 1981 година расте дистанцата меѓу двете земји. Ова јасно може да се прочита од анкетите, изјави историчарот неодамна на една подиумска дискусија во Берлин. По шестдневната војна од 1967 година Израел уживаше висок углед, но тоа се смени по војната во 1973 година. До голем пресврт дојде до 1981 година, кога планираната германска испорака на оружје за Саудиска Арабија предизвика жестоки контроверзи меѓу тогашните премиери Менахем Бегин и Хелмут Шмит. Денес ситуацијата е таква што Израел во германската јавност се вбројува меѓу најнеомилените земји на светот, смета Волфсон.

Посебно кај младата генерација расте критичката дистанца кон еврејската држава. Тие се’ помалку се подготвени да прифатат одговорност кон Израел поради историска вина на нивните предци. Но, и покрај ова, интересот за оваа земја и натаму е голем.

Интерес и критика

Ова го потврдува и германско-израелската историчарка Амар Дал, која на Слободниот универзитет во Берлин предава израелска историја: „Интересот на германските студенти за Израел е голем“, вели Дал во интервју за ДВ. „Израел за Германците има нешто фасцинантно, мистериозно, нешто што тешко може да се пробие. Кога се занимваат со оваа тема студентите мораат да се соочат со минатото и страдањето на еврејскиот народ, а со тоа и со заедничкото еврејско-германско минато. Многумина во Израел гледаат еден националистички проект, чиј успех би можел да ја ублажи германската вина. Но овој ционистички проект пропадна 70 години по Холокаустот: еврејската држава не може да ја гарантира безбедноста на Евреите и другото нееврејско население“, заклучува историчарката. Ваквото сознание полека се пробива и во Германија.

Tamar Amar Dahl Schriftstellerin Autorin Biographie Schimon Peres
Историчарката Тамар Амар ДалФотографија: Björn Duddeck

„Полека се осознава дека и безизгледната политика на Израел доведе до оваа ситуација“. Германците сега се во дилема: тие би морале да се обидат да го обединат чувството на вина со критиката. За ова е потребен суверен однос и став кон Израел.

За „нормални односи меѓу Германија и Израел“ Амар Дал меѓутоа не сака да зборува. Тоа нема да биде возможно уште долго време, бидејќи германското злосторство врз Евреите беше премногу радикално и монструозно. „Холокаустот ќе мора да стои уште долго време меѓу двата народа“.

Подморници и една песна

Сепак, официјалните германско-израелски односи, речиси 70 години по крајот на војната, се добри и стабилни. Од 2008 година воведени се редовни меѓувладини консултации меѓу двете земји, кои наизнменично се одржуваат во Берлин и Ерусалим. Во рамките на ЕУ, Германија се смета за најголемиот заговорник за Израел. Исто така и како испорачател на оружје Германија има висок углед во Израел.

Deutschland baut U-Boote für israelische Marine
Германија ја снабдува израелската армија со подморнициФотографија: picture-alliance/dpa

Вкупно, Израел од Гермнија нарача шест подморници кои можат да се наоружаат со атомски боеви глави. Секоја од нив чини по половина милијарда долари. Меѓутоа треба да се спомене дека Германија сноси дел од трошоците. Првите две подморници му ги подари на Израел, а другите ги субвенционира со повеќе стотици илјади евра.

Испораката на подморниците на Израел беше повод нобеловецот Гинтер Грас, преку песна, да ја изрази неговата загриженост за зголемената затегнатост на Блискиот Исток и неговата критика за израелската политика. Минатиот месец писателот во повеќе германски и меѓународни весници објави песна во која го критикува Израел поради заканите за напад врз Иран. Тоа предизвика бран негодувања, а израелската влада го прогласи за персона нон грата.