1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германија сака да ја намали зависноста од руски гас

Рајнхард Клебер
5 февруари 2022

Германскиот министер за економија Роберт Хабек смета дека Германија мора да стане помалку зависна од рускиот гас. Ако се нема побезбедно снабдување со гас, земјата ќе стане „пион“, вели Хабек.

https://p.dw.com/p/46Zj8
Deutschland | PK Robert Habeck - Sofortmaßnahmen für Klimaziele der Bundesregierung
Роберт Хабек бара намалување на зависноста од руски гасФотографија: Kay Nietfeld/dpa/picture alliance

Германскиот министер за економија Роберт Хабек сакада ја намали зависноста од руски гас. „Треба да ја подобриме нашата понуда за следната зима“, изјави политичарот на Зелените за медиумите од групацијата Функе и францускиот весник Ouest-France.

Геополитичката ситуација, вели Хабек, ја принудува Германија да „создаде други опции за увоз и да го диверзифицира снабдувањето“. Тоа, посочува Хабек, е безбедносна политика. „Тука мора да дејствуваме и подобро да се заштитиме. Ако не го сториме тоа, ќе станеме пион“.

Северен тек 2: Ранлива рута за снабдување

Хабек предупредува на последиците од пуштањето во употреба на гасоводот Северен тек 2 во Балтичкото Море. „Геополитички, Северен тек 2 не само што ја зголемува зависноста од рускиот гас, туку и се концентрира на рутата за снабдување која е ранлива“, потенцира германскиот министер за економија.

Северен тек 2 ја зголемува потребата за диверзификација на снабдувањето со гас, нагласува тој, додавајќи: „Последните неколку недели и конфликтот во источна Украина ја зголемија нашата загриженост дека Русија ќе ги користи своите испораки на гас и против германските интереси“.

Infografik - Nordstream 2 - EN
Северен тек 2 ја зголемува потребата за диверзификација на снабдувањето со гас, смета Хабек

„Сите санкции се можни“

Ако Русија ја нападне Украина, „можни се сите видови санкции со цел да се принуди Русија да се повлече“, оценува Хабек. Тој истакнува дека моменталната ситуација е неизвесна и дека целта мора да биде деескалација. „Во истовреме, правилно е што САД и ЕУ со голема согласност велат: ако Русија ја нападне Украина, ќе плати висока економска цена за тоа.“