Германија соочена со нови корона-рестрикции
21 декември 2021Во предлог-заклучоците кои денеска пред себе ќе ги имаат претставниците на сојузот и покраините првпат се предвидуваат ограничувања на контакти во приватното опкружување и за вакцинирани и прележани. Од 28 декември ќе може да се среќаваат максимално 10 лица. Притоа, децата под 15-годишна возраст не се сметаат. Доколку на средбата има лице кое не е вакцинирано, ќе важат заострени ограничувања на контакти за невакцинирани лица. За нив ќе биде дозволена средба само со лицата од домаќинството и максимално две лица од друго домаќинство.
Божик
За претстојните божиќни празници сојузот и покраините, според агенциски извештаи, се со намера да издадат само препорака, но не и пропис. Тие ќе ги повикаат граѓаните да го „намалат“ бројот на контактите при прославите во семејниот круг на „сопствена одговорност“. Новите ограничувања на контактите потоа би стапиле во сила за Нова година. „Особено прославување за дочек на Новата година со голем број лица, во ваква состојба, е неодговорно“, се вели во предлог-заклучоците.
Големи собири
Натпреварите во фудбал од Бундеслигата и други големи манифестации би требало повторно да се одржуваат без публика. Тоа, од 28 декември, треба да важи за сите „надрегионални спортски, културни и други слични големи манифестации“. Клубовите и дискотеките би требало да се затворат „најдоцна“ на тој ден.
Трговија на мало и слободно време
Во случајот на трговијата на мало и слободното време и натаму ќе остане правилто 2Г - пристап до културни настани, кина, театри и ресторани, како и во продавниците, ќе имаат оние кои се вакцинирани или кои прележале Ковид. Дополнително би можело да се бара и приложување тест (правило 2Г-плус). Овој пропис нема да важи за продавниците за храна.
Вакцини
Во предлог-заклучоците за денешната средба стои и дека целта „до крајот на годината да се инјектираат 30 милиони вакцини ќе биде исполнета“. Властите си задаваат и нова цел: „Сојузот и покраините сакаат до крајот на јануари 2022 година да бидат инјектирани уште 30 милиони вакцини (бустер, прва или втора доза).“ Бустер-кампањата би требало да се интензивира и да тече „и во текот на божиќните празници и деновите помеѓу Божик и Нова година и на Нова година“.