1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Со хартија, пенкало и факс против коронавирус

Сабине Кинкарц
4 февруари 2021

Дигитализирано здравство до 2020 година – тоа беше планот во Германија. Но, наместо податоците да се обработуваат во реално време, поголемиот дел од здравствените установи се уште рачно се борат против корона-пандемијата

https://p.dw.com/p/3osYA
Symbolbild I  Digitalisierung von Gesundheitsämtern
Фотографија: Britta Pedersen/dpa/picture alliance

Дали се работи за ебола, хеморагична треска или менингококи: Нигерија и Гана со години против овие пандемии се борат со помош на германски софтвер: „Систем за надзор, менаџмент и анализа“ или скратено СОРМАС. Се работи за вмрежен систем за следење на контакти и можни кластери на инфекции, кои во 2014 година го развија епидемиолозите во Хелмхолц центарот за истражувања на инфекции (ХЗИ) во Брауншвајг, кога еболата беснееше во Западна Африка.

Во меѓувреме системот кој е речиси целосно автоматизиран е модифициран и унапреден па со него корисниците сега може да се справуваат со 37 заразни болести. Швајцарија и Франција, но и Фиџи го користат СОРМАС во борба против коронавирус-пандемијата, а наскоро ќе го имплементираат и Буркина Фасо, Брегот на Слоновата Коска, Непал и Авганистан.

Германските здравствени власти споделуваат податоци по факс
Експертите од Хелмхолц-институтот го унапредија и адаптираа софтверот за германскиот здравствен систем уште во мај минатата година. Но, програмата за следење контакти и прекин на синџирите на ширење на вирусот е се друго освен успешен модел во земјата на оние кои го измислија. До сега е инсталиран само во 132 од вкупно 400 општински здравствени установи.

Здравствените установи губат многу време и работа бидејќи во дигитално време се уште рачно внесуваат податоци и се принтаат ексел табели. Податоците се испраќаат по факс и потоа рачно се внесуваат во компјутер. Во ниту една друга институција освен здравствените власти не се користат толку многу факс машините, дури се шегуваше на почетокот од мандатот министерот за здравство Јенс Шпан. Во меѓувреме веќе не му е до шега.

Ниту системот за известување не е целосно дигитализиран
Шпан во 2020 година обезбеди 50 милиони евра за дигитализација на здравството. Притоа, во секое време имаат и бесплатен пристап до системот СОРМАС. Но, министерот не може да ја наложи неговата примена. „Одговорноста за опремување на општинските здравствени установи, а со тоа и одлуката за избор на систем за дигитализација е на покраините и покраинските здравствени установи,“ појаснува портпарол на министерството за здравство.

Ситуацијата е поинаква кај дигиталното поврзување и вмрежување на лекари, болници и лаборатории со здравствените власти и Роберт Кох Институтот (РКИ – централниот здравствен орган на сојузната влада). Таму со полна пареа се имплеметира ДЕМИС – германскиот електронски систем за известување и информации за заштита од инфекции. Министерот Шпан нареди податоците поврзани со наоди и болеста да се споделуваат само по електронски пат. Факс машините „си го отпеале своето", категоричен е тој.

Неконзистентни бројки на заразени

Се разбира, тоа не е толку едноставно. Факт е дека 97% од здравствените власти се опремени со ДЕМИС, но со функционално лимитирана верзија која се уште се наоѓа во тест фаза. Освен тоа и РКИ не е целосно поврзан со сите. Само еден дел од лабораториите можат резултатите од корона-тестовите да ги испратат електронски до сите засегнати страни. Поголемиот дел од податоците стасуваат електронски, но и по факс на локалните здравствени власти и оттаму се проследуваат во Роберт Кох Институтот. Но, РКИ за тоа пропишува употреба на свој систем – СУРВНЕТ.

Во последниве недели илјадници известувања останаа непроследени бидејќи здравствените власти беа целосно преокупирани со епидемиолошките анализи и речиси немаа време да ги стават податоците во СУРВНЕТ.

За да биде хаосот поголем, здравствените власти не го снабдуваат со податоци само РКИ, туку и администрацијата на окрузите и на покраинско ниво. Дел од податоците ги испраќаат и по мејл. Поради тоа постојано се случува РКИ да објави различни бројки од извештаите кои ги објавуваат градовите, општините или покраините.

Заостанувањето има последици
И сојузната влада исто така има проблеми со здравствените служби на чии податоци не може до крај да се потпре. Со оглед на тоа дека тие се затворени преку викенд, податоците во понеделник се генерално нецелосни. Затворањето пак меѓу Божиќ и Нова година имало екстремни последици. Кога канцеларката и покраинските премиери на почетокот на годината ја разгледуваа можноста за продолжување на локдаунот, мораа да признаат дека во тој момент не располагаат со сигурни епидемиолошки податоци и дека најрано кон средината на јануари можело да се очекува податоците да бидат целосно обработени. Сега има контроверзи околу тоа колку треба да е паднат бројот на новоинфицирани за да може повторно да се отворат продавниците, рестораните и театрите. Горната граница која постојано се споменува се 50 лица на 100.000 жители во рок од седум дена. Бројката не е научно издржана, туку се ориентира на „просечниот капацитет на една здравствена установа”, како што појасни канцеларката Меркел неодамна.

Расте незадоволството на канцеларката

Капацитетот би можел да биде зголемен со соодветна дигитална опрема. Изминатиот ноември канцеларката од тие причини кај покраинските премиери се заложи за што е можно побрзо воспоставување заеднички систем за следење на контакти на територија на цела Германија со помош на софтверот СОРМАС. Договорот беше тоа да се случи во јануари 2021. Но, целта не беше постигната бидејќи поединечни покраини си бараа индивидуално решение. Покраината Рајнланд Пфалц на пример го купила софтверот Микадо кој го развила компанија во Кајзерслаутерн, односно со седиште во самата покраина. Тој пак не е компатибилен со СОРМАС. Ангела Меркел пред неколку дена мораше со разочарување да признае дека инсталацијата на ист софтвер на цела територија на Германија „за жал не успеала” бидејќи некои покраини преферирале „други истородни системи”.

Да се апелира и моли

Во меѓувреме сите покраини ветиле дека софтверот СОРМАС ќе го инсталираат до крајот на февруари. Но, тоа не значи и дека веднаш ќе биде ставен во употреба. „Не можеме сега среде најголемиот притисок под кој се наоѓаат здравствените служби од Микадо во Рајнланд Пфалц веднаш да се префрлиме на СОРМАС во посакуваниот формат”, вели Меркел која планира „да остане во контакт со здравствените служби” и постојано да им ги предочува предностите од хомологен здравствен дигитален систем. Со други зборови: ќе треба уште време додека Германија да биде во состојба корона пандемијата да ја сузбива дигитално на начин како што Нигерија тоа го стори со три истовремено избувнати заразни болести во 2017 година.

 

Kinkartz Sabine Kommentarbild App
Сабине Кинкарц новинарка на ДВ