1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германија: Стопирана дозволата за Северен тек 2

ЖА / агенции
16 ноември 2021

Удар за спорниот гасовод – германската регулаторна комисија привремено ја запре процедурата за издавање сертификат за Северен тек 2.

https://p.dw.com/p/4346q
Deutschland Nord Stream 2 Verlegung des letzten Rohrs
Фотографија: Axel Schmidt/Nord Stream 2

Германската Сојузна агенција за електрификација, гас, телекомуникации, пошта и железница денеска соопшти дека привремено ја прекинала постапката за издавање сертификат на Северен тек 2, а без него гасоводот не може да биде ставен во погон.

По сѐопфатната проверка на документите за гасоводот, Регулаторната агенција денеска соопшти дека дошла до констатација дека сертификација на операторот доаѓа предвид само доколку тој е организиран во согласност со германското право. Операторот на  Северен тек 2  со седиште во Швајцарија планира основање фирма-ќерка според германското право само за германскиот дел од гасоводот. Постапката за сертфикација ќе остане замрзната сѐ додека не биде завршен преносот на имотот на компанијата – ќерка и додека Регулаторната агенција не биде во состојба да изврши проверка на документите на новоформирана фирма.

Компанијата оператор најави дека Северен тек 2 планира основање две свои компании. „Нашата фирма со овој чекор има намера да обезбеди придржување кон германските закони“, се вели во нејзиното соопштение, но без давање детали за можната должина на постапката и последиците за ставање во погон на гасоводот.

Околу 1200 километри долгиот гасовод  Северен тек 2 е завршен,  но уште не работи. Тој треба да  пренесува гас од Русија во Германија  и други европски земји. Гасоводот е сопственост на рускиот концерн Газпром, а неговата функција е и политички спорна. Неговите критичари стравуваат од растечка зависност на Германија и Европа од Русија, која под претседателот  Владимир Путин  гасот веќе го има користено како средство за вршење политички притисок.