1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германија тргната на пат кон нови избори

Сабине Кинкарц
2 декември 2019

Членовите на СПД избраа аустајдери за лидери на партијата. Новиот тандем е дел од левото крило и бара крај на коалицијата со демохристијаните. Зошто тоа би можело да биде лошо за Германија, коментира Сабине Кинкарц.

https://p.dw.com/p/3U4Y0
SPD Landesparteitag Symbolbild SPD Kurs
Фотографија: picture-alliance/dpa/F. von Erichsen

Кој би го рекол тоа? Социјалдемократската партија на Германија (СПД) одбра револуција. Членовите на партијата за копретседатели на СПД ги избраа Норберт Валтер-Борјанс и Заскија Ескен, двајца малку познати социјалдемократи кои се борат во левото крило и не кријат дека ни малку не им се допаѓа учество во владеачката коалиција со демохристијаните под палката на Ангела Меркел.

Овој тандем вовториот круг гласање доби 53 проценти од гласовите, во однос на 45 проценти на големите фаворити Олаф Шолц и Клара Гејвиц. Предноста не е голема, но одлуката на членството е јасна.

Тоа е шлаканица за комплетниот естаблишмент на СПД, зашто сите познати социјалдемократи пред гласањето јавно ги поддржаа Шолц и Гејвиц, кои, меѓу другото, ветуваа дека ќе ја продолжат соработката со демохристијаните, сѐ до редовните избори во 2021 година.

Кој сака да се откаже од моќ и влијание?

Тоа беше ветување за мир во коалицијата. И социјалдемократите и демохристијаните стојат лошо во анкетите и никој кој веќе е дел од врвот на партијата или од извршната власт, нема интерес тие да одат на нови избори и да извршатполитичко самоубиство.Оние од првите редови на партијата чувствуваат дека може многу да загубат.

Kinkartz Sabine Kommentarbild App
Сабине Кинкарц

Но, Норберт Валтер-Борјанс и Заскија Ескен на работите гледаат поинаку. Тој има 67 години и всушност веќе се имаше повлечено меѓу пензионерите. Таа има 58 години, политички е активна само од пред неколку години и во пратеничката група нема многу влијание. Двајцата се уверени дека СПД е позиционирана толку лошо само поради тоа што се придвижила премногу до политичкиот центар. Идното раководно дуо сака да ја врати партијата назад кон социјалистичките корени и да обезбеди нов почеток со радикална промена на политичкиот курс.

Само една недела до партискиот конгрес

Тоа и ќе го препорачаат на наредниот конгрес на СПД во деновите од викендот кој претстои. Таму прво ќе бидат официјално избрани, зашто тоа смеат да го прават само делегатите, кои пак ќе се држат до одлуката на членството. Тоа важи за сигурно. Останува прашањето колку брзо и на кој начин водечкиот тандем ќе ја детонира владеачката коалиција и веројатно ќе предизвика вонредни избори.

На партискиот конгрес всушност треба да се донесе одлука за иднината на големата коалиција со ЦДУ-ЦСУ. Новите лидери даваат само препорака. Заскија Ескен на почетокот зборуваше дека СПД мора да ја напушти коалицијата. Во меѓувреме ја промени тактиката и бара нови преговори за коалицискиот договор. Тоа би можело да е обид вината за неуспехот да ѝ се префрли на Унијата (ЦДУ/ЦСУ). Зашто, насоката е јасна: ако Унијата не попушти, на СПД не ѝ останува ништо друго, освен напуштање на владата.

Програмиран неуспех

Јасно е дека Унијата нема да може да се согласи со барањата на Валтер-Борјанс и Ескен: безусловно финансирање на невработените, подигнување на минималниот износ за работен час на 12 евра и дополнително оданочување на богатите. Од сите барања, единствено би можела да се согласи со заострување на мерките против климатските промени.

Тоа за Германија не изгледа добро. Наместо да се вратат на редовна работа, социјалдемократите и натаму ќе се занимаваат со себе и ќе ја стават сојузната влада во заложништво. Ако дојде до нови избори, двете владеачки партии би можеле да потонат уште подлабоко.

Од нови избори најмногу би можеле да профитираат Зелените, кои според анкетите имаат поддршка на 20 до 23 проценти избирачи. Надежи негува и Левицата, која во идното раководно дуо на СПД гледа природен сојузник. Но, Валтер-Борјанс и Ескен прво ќе мораат да ја уверат својата партија во евентуална црвено-црвено-зелена коалиција (СПД, Левица, Зелени). Во партиската база на СПД за нив двајца гласаше секој втор, но исто така и речиси секој втор се изјасни за Шолц и Гејвиц. И, како што веќе спомнавме, целиот партиски естаблишмент е против новото дуо. Дека тие туку така ќе се откажат од давање отпор и ќе се приклучат во редовите на победниците, не е многу веројатно. Такво нешто во СПД никогаш не функционирало. Поверојатно е дека десното партиско крило во никој случај нема да остане во состојбата на шок која беше предизвикана од резултатот од гласањето на базата и само да набљудува како Ескен и Валтер-Борјанс ја реформираат партијата.

Сосема е замисливо дека СПД, наместо посакуваниот нов почеток, во наредните месеци ќе влезе во внатрепартиски борби поради кои уште повеќе избирачи ќе ѝ завртат грб на партијата. Најстарата германска партија, на крајот, би можела да исчезне во политичка нирвана. Тоа не е посакувано, но во СПД, во меѓувреме, е можно апсолутно сѐ.

Kinkartz Sabine Kommentarbild App
Сабине Кинкарц новинарка на ДВ