Германија ќе заострува мерки за да олабави пред Божик
24 ноември 2020Се' уште станува збор само за заклучок на премиерите на 16-те германски покраини, но е многу веројатно дека повеќето од мерките набројани во нивниот документ ќе бидат и спроведени. За да се спречи висок број инфицирани со коронавирус, треба да се продолжи со спроведување на рестрикциите на контактите донесени на почетокот на ноември, а можно е дури и нивно заострување.
Намерата е од 1 декември да можат да се среќаваат само пет членови од две домаќинства, досега беа десет членови. Рестораните, баровите, кината и фитнес-студијата остануваат затворени. „Зимата која е пред нас ќе бара уште многу од нас“, изјави канцеларката Ангела Меркел неодамна, а што значи тоа, станува се' појасно. Во среда канцеларката повторно има средба со покраинските премиери, на која треба да бидат договорени новите чекори.
Мора да се спаси Божик!
Главна причина за заострувањето е загриженоста дека бројките може да останат високи и за време на божиќните празници, што значи прославата во кругот на семејството би била тешко можна. Тоа политичарите сакаат да го спречат во секој случај, меѓу другото и поради тоа што стравуваат дека ќе се загуби најважното во корона-кризата - разбирањето на луѓето дека рестрикции се неопходни.
Токму затоа од 23 декември до 1 јануари треба да има мало здивнување, односно да можат да се среќаваат максимално десет луѓе од различни домаќинства, не само од две како во моментов. Политичарите се свесни за големото, пред се' психолошко, значење на Божик: „Се разбира, мора да има божиќна прослава на која бабата и дедото ќе слават заедно со внуците“, вели, на пример, градоначалникот на Берлин, Михаел Милер.
Нема голем ефект од актуелните рестрикции
Делумниот „локдаун“, кој е на сила во Германија од почетокот на ноември, а кој некои политичари го нарекоа „бранокршач“, придонесе за стабилизирање на бројот на инфицирани на високо ниво, но не донесе намалување на бројките. „Бројот на контакти со 'бранокршачот' требаше да се намали за 75%, а постигнато е намалување од околу 40%“, соопшти експертот на СПД за здравствени прашања Карл Лаутербах за весникот „Аугсбургер алгемајне цајтунг“.
Сликата во Германија во ноември е сосема различна од онаа пролетоска. Луѓето сега носат маски дисциплинирано, но за држење дистанца, на пример во средствата за јавен превоз во градовите, не може да стане збор. Улиците се полни со луѓе. Затворени се само рестораните.
Без огномет на дочекот на Нова година
Од средината на декември, како што стои во документот на покраинските премиери, на местата полни со луѓе во градовите, би требало да се носи маска и на отворено. Тоа го има делумно веќе сега. Маски треба да се носат и на работно место, во најголема можна мера. А, непосредно пред Божик, на луѓето ќе им се препорача еден вид своеволен карантин, за бројот на инфицирани да не се зголемува уште пред празникот, кога треба да се олабават рестрикциите за контакти.
Повеќе:
Корона: Германија ќе почне со вакцинирање во средината на декември?
Корона-вакцина за помалку од едно евро
Десет совети за позитивни мисли во време на корона
Коронавирусот и во Европа бил раширен уште во септември 2019
И дочекот на Нова година годинава ќе биде прослава со воздржаност. Нема да има огномети на местата полни со луѓе. Тоа важи и за просторот пред Брандебуршката капија во Берлин. За приватните прослави се „препорачува“ откажување од пиротехнички материјали. Меѓутоа, нема да има забрана за продажба на пиротехника, како што бараа некои политичари.
Непрегледни остануваат мерките во училиштата. Онаму каде што бројките се особено високи, треба да важи обврската за носење маска на настава. На универзитетите им се препорачува главно онлајн-работа, што инаку и сега е случај. А, за Божик, треба да се избегнуваат богослужби со „карактер на големи настани“. Што тоа конкретно значи, се' уште не е јасно.