1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германија ќе инвестира 100 милијарди евра во армијата

БГ /дпа
31 мај 2022

Она што го најави канцеларот Олаф Шолц во март годинава, деновиве станува реалност. Во Бундестагот се разгледува документот за вооружување на германската армија. На што ќе се трошат парите?

https://p.dw.com/p/4C6WL
Mali | Soldaten aus Deutschland
Фотографија: Michael Kappeler/dpa/picture alliance

Речиси 40 милијарди евра од вкупно предвидените 100 милијарди за засилување на германските вооружени сили ќе се потрошат на воздухопловните сили, се предвидува во доверливиот документ на Бундесверот кој го објавуваат повеќе новински агенции. Најголемиот дел од тие средства ќе се наменат за купување на американски стелт авиони од типот Ф-35 кои треба да ги заменат старите воени авиони од типот Торнадо. Се споменува и набавка на израелските беспилотни летала од типот „Heron TP“ - кои се опремени со проектили. Во модернизација на поморските единици ќе бидат инвестирани 19,3 милијарди евра, а 16,6 милијарди во пешадијата. 

Уште 20,7 милијарди евра ќе се потрошат на модернизација на комуникациите во армијата, со набавка на сателитска комуникација и дата центри. Околу две милијарди евра ќе бидат инвестирани во униформи и лична опрема за армијата, како на пример војнички чизми и опрема за набљудување. Уште 500 милиони евра се предвидени за истражувања, развој и вештачка интелигенција.  

Се уште не се познати детали за цената на поединечна опрема, ниту за периодот на набавката. 

Власта и опозицијата во парламентот се согласија на планот во неделата. Во следните два дена на оваа тема ќе дебатираат комисии во Бундестагот, а конечниот предлог ќе биде ставен на гласање на пленарна седница на парламентот во петок. 

На 17 март годинава, неколку недели по почетокот на руската воена агресија врз Украина, канцеларот Олаф Шолц најави дека неговата влада ќе ги засили потенцијалите на армијата со инвестиции од 100 милијарди евра во тековната 2022, а ќе почне да го исполнува и НАТО договорот за два проценти од БДП во одбраната на годишно ниво.