1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Повик политиката и граѓаните да се обединат во кризата

ЖА / агенции
3 април 2021

Франк-Валтер Штајнмајер бара од владата и сојузните покраини донесување разбирливи и прагматични правила во борбата против Ковид-19. „По 13 месеци веќе не помагаат пароли за да се издржи“

https://p.dw.com/p/3rY0X
Fernsehansprache Bundespräsident Steinmeier
Фотографија: Sandra Steins/Bundesregierung

Германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмајер во непланираното телевизиско обраќање побара политиката да донесува прагматични одлуки, а граѓаните ги повика на поголем оптимизам и доверба во сопствените можности, на обединување на силите во третиот бран на пандемијата.

„Не треба постојано да се лутиме на другите или на оние горе. Немојте постојано да укажуваме на тоа што не е можно, туку на тоа што е можно ако секој постапи толку колку што е во негова моќ“, рече Штајнмајер.

Ова е второ обраќање на претседателот на државата во непланиран ТВ настап, обично тој се обраќа само за Божик.

„Апелите веќе не помагаат“

Штајнмајер призна дека постои „криза на довербата“, дека се направени грешки кога е во прашање тестирањето, вакцинирањето и дигитализацијата. „По 13 месеци веќе не помагаат пароли за да се издржи. Не може да се повикува на трпение, разум и дисциплина. Апелите ја загубија ефикасноста во овие исцрпувачки времиња“, смета претседателот. Сега на земјата не ѝ се потребни политички и партиски натпревари, туку „јасност и одлучност. На луѓето им требаат разбирливи и прагматични одлуки за да имаат ориентација, со цел оваа земја да го извлече максимумот од себе.“

Поголема ефикасност

Пандемијата ги покажа слабостите на Германија, како на пример „настојувањето сѐ да се регулира, стравот од ризици и постојано префрлување на одговорноста на други.“ Тоа треба да се промени и институциите да се направат поефикасни во соочување со кризи. Но, сега, среде третиот бран на пандемијата, „потребно е здружување на силите заради разбивање на бранот“.

Повеќе на темата:

Замав на третиот ковид-бран во Германија: се стравува од 100.000 инфицирани дневно

Политиката во корона-лавиринт

Ковид во Германија: Мрачно расположение, но и надеж

Германскиот претседател најави големи рестрикции во следните неколку недели. Но, онака како што пандемијата толку многу побарува од граѓаните, така и тие имаат право да бараат многу од политиката. 

Повик за вакцинирање

Демократијата се темели на довербата на граѓаните во нивната држава, постои поделба на работата – државата да ја работи својата, а граѓанинот својата, порача Штајнмајер.

Тој гледа причини за оптимизам, на пример вакцината против коронавирус е развиена во рекордно време. Претседателот е уверен дека сите одобрени вакцини во Германија се безбедни, а вакцинирањето е најважен чекор за излез од пандемијата. Затоа тој ги повика граѓаните да се вакцинираат во што поголем број.

Пред неколку месеци, по првиот бран, луѓето „со задоволство мислеа дека Германија е светски првак во борбата против пандемијата, но денес се надминуваме во оцрнување", истакна Штајнмајер, прашајќи: „Зошто секогаш мора да постојат такви екстреми, или целосен успех или тотален неуспех?“ Според претседателот, вистината е некаде на средина: ни светски првак, ни комплетен неуспех. Затоа тој упати повик: „Да имаме доверба во себе и да се грижиме едни за други“. 

Германија соочена со трет бран коронавирус