Експерт: Делта сојот е позаразен, но смртноста е помала
2 јули 2021Се знае дека Делта варијантата се пренесува полесно, таа е веројатно околу 60 % позаразна, но во поглед на смртноста, таа е веројатно помалку опасна од други мутации на коронавирусот, смета генералниот секретар на Германското друштво за детска и младинска медицина, Буркарт Родек.
Германскиот експерт ова го изјави вчера во Бундестагот каде се расправаше на тема училиштата и пандемијата. Родек истакна дека податоците се базираат на привремени сознанија од Велика Британија, каде Делта варијантата е широко распространета.
Во однос на децата постојат само ограничени податоци, рече експертот, дополнувајќи: „Досега не се регистрирани стационарни згрижувања на деца како последица од инфицирање со Делта вирусна варијанта“. Родек советува внимателен приод и избегнување на ширење алармирачки вести за Делта сојот во различни места во Германија, додека не се соберат доволно информации за фактичката опасност на мутацијата кај деца. Тој пледира и за вршење ПЦР тестови во школите како најсигурно средство за спречување на зараза меѓу учениците, кај кои болеста најчесто не се манифестира со симптоми.
Повеќе:
Поради Делта сојот, повторно рестрикции за луѓето кои влегуваат во Германија?
Вакцината на Бионтек и Фајзер е ефикасна и против Делта сојот на коронавирус
Колку навистина е опасна Делта-варијантата на коронавирус?
Уште еден стручњак предупредува од ширење паника во Германија заради Делта варијантата. Шефот на сојузното здружение на државните здравствени осигурувања, Андреас Гасен, реакциите на ширењето на Делта варијантата ги смета за несразмерни и делумно дури за хистерични.
„Неодговорно е постојаното оперирање со апокалиптички сценарија. Населението има право да биде информирано за најновите развои на пандемијата, но и на рекција со соодветна смиреност и претпазливост“, истакнува Гасен.
Неговите проценки се дека Делта варијантата уште до крајот на јули ќе биде доминантна во Германија. Неговиот став гласи: Делта е полесно пренослива, но постојните сознанија упатуваат на тоа дека е многу понеопасна од досегашните варијанти.
Можно е повторно зголемување на бројките на новоинфицирани, вели Гасен, но досега нема никакви фундирани укажувања за истовремен пораст на уделот на тежок тек на болеста, дотолку повеќе што вакцинираните се доволно заштитени. Тој пледира за укинување на обврската за карантин за целосно вакцинираните луѓе по нивно враќање од престој во области каде се раширени мутациите.
„Знаеме дека комплетно вакцинираните лица се извонредно заштитени и од Делта варијантата, затоа не треба сите да се ставаат во еден кош".
Уделот на Делта варијантата на коронавирус во вкупната бројка на инфицирани врз основа на податоците на Институтот Роберт Кох во Германија изнесувал во средината на јуни преку една третина. Околу 36,5 % од населението, според Министерството за здравство, е целосно вакцинирано против коронавирус.