1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Пензиите во Германија, важно прашање на претстојните избори

Кај-Александар Шолц/Н. Домазетовиќ4 август 2016

Квалитетот на животот во „златните години“ станува „жешко“ политичко прашање во пресрет на претстојните парламентарни избори во Германија бидејќи се повеќе Германци се загрижени за своите пензионерски денови.

https://p.dw.com/p/1JbPG
Фотографија: picture-alliance/dpa/K. Hildenbrand

Пензионерите во Германија имаат многу добар животен стандард. Оние кои сега имаат помеѓу 70 и 90 години ги користат бенефитите од економскиот раст на државата во периодот помеѓу 1960 и 1990 годана. Тогаш невработеноста не претставуваше проблем, пазарот на недвижнини беше развиен, живеачката беше сигурна, а од платата остануваше и да се заштеди. Просечниот германец можеше да се потпре на солидната пензија, а многу германски компании нудат и сопствени пензиски фондови. Дури и скромните пензии на граѓаните од источна Германија добија зголемување. Но сега се доаѓа крајот на тоа.

Намален просперитет

Германскиот пензиски сиситем за прв пат беше воведен во 19 век од првиот канцелар на Германија, Ото Фон Бизмарк. Пензискиот систем беше дизајниран на начин што младите работници издвојуваа парични средства за постарите сограѓани, а дел од тие средства ги субвенционираа компаниите. Но, кога населението старее и животниот век на луѓето се зголемува доаѓа до ситуација во која помал број на млади треба да одвојуваат повеќе за се поголемиот број на пензионери.

Во 1980 година германската држава одлучи да ги намали пензиите со цел да се олесни финансискиот товар врз работниците. Од првата реформа на пензискиот систем сите понатамошни промени резултираа со дополнително намалување на пензиите, независно од партијата на власт. Дополнително, даночните ослободувања се намалуваат секоја година што значи дека пензионер во 2025 година ќе располага со многу помалку од пензионер во 2010 година. Приватните пензиски фондови, кои од 2000 година се поддржани со даночни иницијативи, носат помали приноси поради ниските каматни стапки во последните години.

Deutschland Rentner
Пензионер во 2025 година ќе располага со многу помалку од пензионер во 2010 година.Фотографија: picture-alliance/AP Photo/M. Meissner

Пензиите - популарна тема за разговор

Покачуваањето на пензиите генерално оди рака под рака со зголемувањето на платите, кои ова лето забележаа пораст. Во првите години по 2000 година, имаше години без раст. Според ОЕЦД тоа доведе до намалување на пензиите на ниво под просекот. За разлика од Германија, пензиите во Австрија се 50% повисоки, а во однос на возраста за пензионирање, која во Германија веќе подолго време е 67 години, во Франција и Унгарија, работниците одат во пензија порано.

Во меѓувреме расте загриженоста дека генерациите кои доаѓаат може да се соочат со полоша финансиска ситуација во споредба со денешните пензионири. Токму ова го актуелизираше прашањето за пензиите пред претстојните парламентарни избори. Од ваквата ситуација најмногу добиваат традиционалните социјални/социјалистички партии, кои претходно страдаа од пад на популарноста. Во оваа ситуација тие може да освојат политички поени посветувајќи се на проблемот со пензискиот систем.

Ставот на Меркел

Владината коалиција помеѓу социјалдемократите и конзервативната партија на Ангела Меркел се согласи на „солидарна пензија“ која треба да биде столб за идните пензионери кои сега заработуваат подпросечни плати иако се долго време вработени.

Партиите исто така се согласија да ги намалат разликите во пензиите помеѓу источниот и западниот дел на земјата. Граѓаните од истокот на земјата добиваат 10% пониски пензии од западниот дел на земјата, што делумно се должи на нивните пониски примања. Овој јаз полека се затвора од обединувањето на Германија, но се уште постојат диспаритети. Министерката за труд и социјални работи Андреа Налес најави дека на есен ќе претстави свој план за решавање на ова прашање.

Стабилизирање на нивото на пензиите

Дебатата за нивото на пензиите се разгорува. Веројатно е дека до 2030 година пензиите може да се намалат за четири процентни поени. Социјалдемократската партија и синдикатите сметаат дека тоа претставува проблем, а истото мислење го дели и сестринската партија на Меркел, Христијанската социјална унија од покраината Баварија. На последните избори тие побараа зголемување на пензиите за мајките.

Френк Бзирке, претседател на синдикатот Вер.Ди, побара стабилизирање, а потоа и покачување на пензиите. Тој истакна дека 12 милиони работници се под ризик да се пензионираат во сиромаштија и дека тоа е „темпирана социјална бомба“. „Планираната поддршка за оние со пониски пензии не е доволна“, додаде тој. Од најголемиот синдикат на работници во металуршката индустрија ИгМетал веќе излегоа со план, додека од Конфедерацијата на германски синдикати истакнаа дека би сакале да видат промена во курсот на политиката во однос на пензиите, пред парламентарните избори.

Последниот збор, секако, го имаше Ангела Меркел. Таа изјави дека дополнителни прашања поврзани со пензионирањето нема да бидат дискутирани до есента во 2017 година.