1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Речиси најдобри пријатели

Бетина Маркс/сн12 мај 2015

Кога пред 50 години Израел и Германија се договорија за воспоставување на дипломатски односи никој не можеше да знае како ќе се развива односот меѓу двете држави и нивните општества

https://p.dw.com/p/1FOUr
Фотографија: AP

Првиот германски амбасадор, Ролф Паулс, во Израел во 1965. година го дочекаа демонстрации, луѓето врз него фрлаа со домати. А денес пранешните израелски амбасадори во Германија, Ави Примор и Шимон Штајн се чести гости во ток-шоу емисиите на германските телевизии.

Двајца поранешни амбасадори го делат мислењето на големото мнозинство германски политичари дека односите меѓу Германија и Израел речиси не можат да се подобри. „Причина се првенствено меѓучовечките односи“, нагласува Примор. Лични контакти меѓу Германците и Израелците, и тоа наспроти намерите на политиката, имаше уште пред да се воспостават официјални односи меѓу државите, и тие подоцна станаа темел за политичките односи. Динамичната соработка на пример на полето на истражувањето и науката почива на контактите меѓу институтот Вајцман во Реховот и Здружението Макс Планк во 50-те години на минатиот век. Во меѓувреме постои и еден заеднички институт. Во 2012 година имено е втемелен Центарот за археологија и антропологија Макс Планк Вајцман

Deutschland Israel Regierungskonsultationen Gruppenbild
Фотографија: picture-alliance/dpa/R. Jensen

Израелците го сакаат Берлин, Берлин ја сака израелската култура

Односите се блиски и на полето на културната размена. Во двете земји постои висока доза на интерес за уметноста, филмот и музиката од дргата држава. Се организираат редовни средби на писатели, заеднички филмски денови, изложби и вернисажи. Во Берлин во меѓувреме живеат многубројни израелски уметници и дизајнери, кои станаа составен дел од културниот живот. „Главниот град на Германија стана магнет за Израелците“, вели поранешниот германски амбасадор во Израел, Рудолф Дреслер. Според проценките во Берлин живеат повеќе од 20 илјади Израелци.

Инаку илјадници млади луѓе од Германија секоја година го посетуваат Израел, како волонтери, туристи или во рамките на училишните програми за размена. Од 1969. година постојат сѐа поинтензивни размени на млади луѓе меѓу двете земји. Според наводите на германската амбасада во Израел во училишните размени годишно учествуваат повеќе од 9000 млади од двете земји.

„Германија е нашиот последен вистински пријател“

На политичко рамниште соработката меѓу Ерусалим и Берлин е тесна и проткаена со меѓусебна доверба. Владите на двете земји секоја година се состануваат на меѓувладини консултации. „Еднаш годишно седиме на голема маса, планираме проекти, се смееме, ама и се расправаме, токму како што тоа го прават добри пријатели“, рече сојузниот министер за надворешни работи Франк Валтер Штајнмајер во Бундестагот и додаде: „Хработо политичко семе на Бен Гурион и подоцна на Конрад Аденауер процвета и вроди со плод и преку нашите сопствени граници, на пример кога заедно се бориме во меѓународните форуми против антисемитизмот и расизмот.“

Партијата на Штајнмаер, Социјалдемократската партија на Германија (СПД) веќе со децении во Социјалистичката интернационала негува добри контакти со својот израелски пандан- Израелската лабуристичка партија. Таму германски пријатели пронашла и младата пратеничка во Кнесетот,Михал Биран. „Германија е вистински пријател на Израел“ , изјави таа во минатата недела во Берлин. „Нашето партнероство со Германија почива на заедничките вредности на еднаквост и мир“.

Deutschland Israel Regierungskonsultationen Merkel Netanjahu
Фотографија: picture-alliance/dpa/R. Jensen

Германија во Израел е поомилена отколку обратно

Сепак има и недоразбирања кои секогаш одново фрлаат сенка врз добриот однос на двете земји. Филип Мисфелдер експерт за надворешна политика на германската владејачка партија, Христијанско демократската унија, на состанок на пратеничката група на оваа партија во Бундестагот извести за инцидент кој се случил на еден фудбалски натпревар во Берлин, на кој полицијата забранила прикажување на едно израелско знаме. Тоа е симптоматично за тенденциите против кои мора да се бори општеството, рече Мисфелдер.

Во едно свое истражување и Фондацијата Бертелсман заклучи дека постои сѐ поголема дистанца на Германците кон Израел. Студијата покажува дека две третини од Израелците имаат позитивно мислење за Германија , ама во спротивна насока расте стапката на неприфаќање. Имено 62% од Германците имаат негативна слика за Израел а 65% бараат да се постави линија над минатото. „На тоа мораме да му се спротиставиме“ , вели претседателката на пратеничката група на опозициските Зелени во Бундестагот, Катрин Геринг Екард. „Никогаш да не се заборави не е хипотека. Тоа е најважното наследство кое можеме да им го предадеме на идните генерации“