Германците признаваат дека Италија беше подобра
29 јуни 2012Избраниците на Јоахим Лев не успеаја да се пласираат во финалето. Азурите беа подобри, а двата гола за победа ги постигна Марио Балотели. Единствениот гол за Германија од пенал го постигна Месут Езил.
Менаџерот на репрезентацијата Оливер Бирхоф по натпреварот изјави: „Во кабината е молк. Секој е паднат длабоко во дупка. Верувавме во нашата цел и денеска не успеавме.“
Проклетството да се биде секогаш неуспешен против Италија на големи натпреварувања за Германија останува. Капитенот Филип Лам оценува:
„Секој пораз е горчлив, пред се‘ кога сте стигнати далеку на турнирот. Тогаш сакате да сте до крај тука. Тоа не ни успеа. Горчливо е зашто нашата екипа има многу повеќе потенцијал. Но кога тој не може да дојде до израз во вистински момент и кога во одредена ситуација не сте доволно паметни, тогаш натпреварот е загубен.“
Сојузниот тренер Јоахим Лев сепак имаше зборови на пофалба за своите играчи. Неговиот биланс гласи:
„Ако малку порано постигневме гол, тогаш и можностите ќе беа поголеми. Но кога Италија води со 2:0 е многу тешко. Тогаш тие затвораат се‘ назад, а имаат и добри играчи за контранапади. Денеска имавме противник кој беше навистина силен.“
Такво мислење дели и италијанскиот играч Рикардо Монтоливо, чија мајка инаку е родена во Германија:
„Мислам дека одигравме супер прво полувреме. Потоа Германците играа во првите 20 минути од второто полувреме. На крајот можевме да победиме и со 3:0.“
Италијанците во недела (01.07) играат во финале против Шпанија. Шпанците во полуфиналето беа подобри од Португалија.