1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Глобалните климатски промени ѝ се закануваат и на Македонија

Свето Тоевски15 мај 2014

Како кандидат за ЕУ Македонија е обврзана да придонесува кон ублажување на климатските промени преку намалување на испуштањето гасови во атмосферата. Ова подразбира вложувања стотици милиони евра во пречистителни станици

https://p.dw.com/p/1C0Pq
Фотографија: DW/S. Toevski

Денеска, кога во светот се одбележува 15-ти мај, Меѓународниот ден за заштитата на климата, потребно е да се фрли уште еден поглед на еден глобален феномен, кој му се заканува на сето човештво и на сите држави во светот, вклучувајќи ја и Македонија: станува збор за веќе започнатите климатски промени и за глобалното загревање на планетата Земја, поради што многу држави за првпат во својата историја се соочија со невидени суши, огромни поплави и урагани.

Во март годинава Владата на Македонија и нејзиното Министерство за животна средина го претставија „Третиот национален план за климатски промени“, како стратегиски документ, со кој Македонија направи чекор напред заради придонесување кон глобалното справување со предизвиците од климатските промени. Овој „национален план за климатски промени“ содржи детални студии и сценарија како да се намалат растројствата на климата по пат на намалување на испуштањето на таканаречените „стакленички гасови“: јаглеродниот двооксид, метанот, азотниот оксид, хидрофлуорокарбонатите и перфлуорокарбонатите. Околу 75 - 80 проценти од јаглеродниот двооксид, кој во Македонија се испушта во атмосферата, се создава најмногу при согорувањето на горивата во енергетскиот сектор. Земјоделството учествува со 13 отсто во емитирањето на „стакленичките гасови“, главно, на метанот, а од индустриските процеси 6 проценти на таквите гасови.

Како земја – кандидат за Европската Унија и како членка на Европската енергетска заедница оваа држава станува сѐ повеќе обврзана да започне да ги намалува емисиите на „стакленичките гасови“ во атмосферата. Македонија веќе подолго време го усогласува домашното со европското законодавство во однос на енергетиката, како на пример, форсирање на употребата на обновлива енергија, стандарди за енергетска ефикасност во објектите за домување и опремата, намалувањето на загадувањето воздухот од термоелектраните и индустриските капацитети.

Покрај тоа, ако би влегла во ЕУ до 2020 година, Македонија би морала да ги спроведе европските политики и мерки за ублажување на климатските промени и да биде дел од заедничката шема на ЕУ за намалување на емисиите на „стакленичките гасови“ за 20 проценти до 2020 година. Ако влезот во ЕУ не се случи до овој рок, тогаш земјата веројатно ќе продолжи со примената на европските „климатски директиви“ со забавено темпо. Што сосема ќе им одговара на нејзината енергетика, земјоделство и индустрија, бидејќи според слободни, но и сосема издржани претпоставки, би биле потребни стотици милиони евра за воведување пречистителни станици и за филтри на индустриските објекти во погони, со цел да се намали, или во најголема мера да се сопре испуштањето на „стакленичките гасови“ во воздухот. Подзапирањето на темпото на евроинтеграцијата на Македонија и овозможува на нејзината финансиски истоштена економија барем засега да „се спаси“ од ригорозните европски еколошки стандарди.

Symbolbild Hitze Temperaturanstieg Klimawandel
И на Македонија ѝ се закнуваат големи суши поради климатските промениФотографија: imago/Xinhua

„Третиот национален климатски план“ сосема јасно укажува какви климатски сценарија ја очекуваат Македонија ако државите во светот не постигнат меѓусебен универзален договор за ублажување, или сопирање на климатските промени: во периодот веќе од 2025 година температурата на годишно ниво ќе започне да се зголемува за 0,8 до 1,7 целзиусови степена на годишно ниво, а во 2100-та година од 1,7 дури до 7,1 целзиусови степени. Поедноставно кажано, се пожешки температури во годините, опаѓање на дождовите и другите атмосферски врнежи од 2 до цели 33 проценти почнувајќи од 2025 до 2100-та година. Тоа ќе значи големи суши и драматични нарушувања на водоснабдувањата во градовите.

Што сѐ презема во Македонија веќе сега за ублажување на климатските промени?

Македонската Влада започна во своите економски и енергетски политики да им дава сѐ понагласено место на ефикасното искористување на енергијата и на ресурсите. Се забрзува воведувањето еколошки технологии во сите индустриски гранки, кое треба да се поддржи и со насочени истражувања. Од Владата истакнуваат: „Веќе се отпочнати конкретни активности во неколку компании за воспоставување на системи за следење на потрошувачката на енергија. Во рамките на проектот е планирано да бидат опфатени вкупно 17 компании, во кои ќе се воспостават системи за набљудување на потрошувачката на енергија. Во рамките на проектот ќе се понуди можност за поддршка за реализација на проект за енергетска ефикасност на најмалку 6 заинтересирани компании. Започнуваме со сеопфатна стратегија за еколошка модернизација, со опфаќање широк опсег на различни области на политиката, вклучувајќи ги политиката за животна средина и политиките во областите на енергетиката, трговијата, индустријата, истражувањето, транспортот и буџетот.“

Каде се наоѓа во овој контекст македонската индустрија со нејзините загадувања на воздухот од индустриското производство, од испуштањето на „стакленичките гасови“ и други штетни частички во атмосферата?

Д-р Наташа Марковска, претседателка на Националниот комитет за климатски промени на Македонија и експерт, кој ја координираше анализата за ублажување на климатските промени во рамките на „Третиот национален план за климатски промени“, вака одговара на ова прашање: „Македонската индустрија е релативно високо енергетски интензивна, а со тоа има значаен удел и во глобалното и во локалното загадување. Во последно време има заблежителни инвестиции во подобрувањето на технологиите и премин кон поповолни горива. Покрај придобивките за животната средина, тие инвестиции носат и економски придобивки, а се воведуваат и заострените законски и регулаторни барања, според европските стандарди.“

Владата на оваа земја ја наложи законската обврската индустриските компании да мораат да имаат така наречени „А“, или Б“ интегрирани еколошки дозволи за вршење на нивната дејност, зависно од тоа колкави загадувачи се на животната околина. Како единствен позитивен пример меѓу сите загадувачи е цементарницата „Усје“, која веќе ја пушти во употреба пречистителната станица со што ги исполни стандардите, а во последните неколку години фабриката инвестираше 36 милиони евра за заштита на еколошката средина. Владата не ги прифати барањата на „Макстил“ и „Југохром“ за повеќегодишно пролонгирање на рокот за исполнување на еколошките стандарди за добивање А-интегрирана еколошка дозвола, кој беше истечен на 1-ви април годинава. Државниот инспекторат за екологија им наложи на овие компании до 31-ви октомври годинава да ги комплетираат сите еколошко - технолошки процеси.

„Југохром Фероалојс" со просечно произведство од околу пет илјади тони феролегури годишно спаѓа во групата на покрупни испуштачи на загадувачки супстанци. Од Одделот за комуникација со јавноста од оваа индустриска компанија велат: „Со оперативниот план се предвидени за реализација вкупно 29 еколошко-технолошки активности, за кои се потребни околу 12 милиони евра. Досега се спроведени дел од активностите, но сѐ уште претстојат за реализација 7 активности, кои се и најскапи. Започната е постапката за поставување систем за отпрашување, кој е и најголемата инвестиција заради заштита на животната средина, а за тоа веќе е потпишан договор со швајцарска компанија.“

На една скорешна прес-конференција владините претставници изнесоа дека во врска со процедурата за добивање А - интегрирана еколошка дозвола од поголемите капацитети условите ги имаат исполнето „Фени“, „Топлификација“ која се гасифицираше, „Саса“, „Техногас“, „Адинг“, „Алкалоид“, „Цементарница“, „ОКТА“ и десетици други компании. Останува да се види дали мерењата на испуштањето на „стакленичките гасови“ и другите загадувачки материи во воздухот ќе покажат дека овие претпријатија започнале и навистина да водат грижа колку за своите профити толку и за животната средина и климатските промени, како и за здравјето на локалните жители.