Можна ли е голема коалиција во Грција?
18 септември 2015Последните анкети пред неделните вонредни парламентарни избори во Грција покажуваат дека левичарската партија Сириза на Алексис Ципрас и конзервативната Нова демократија под раководство на поранешниот претседател на парламентот Евангелос Меимаракис стојат речиси рамо до рамо. Сепак, на Сириза и’ се предвидува лесна предност.
Овие две партии се фаворити, а уште седум други се надеваат на влез во парламентот. Токму поради тоа, пак, е речиси неверојатно левицата или конзервативните да освојат апсолутно мнозинство; победникот на изборите, значи, ќе мора да прави коалиција со други партии. Сите опозициони партии се убедени дека главните фаворити се насочуваат кон голема коалиција. Така би можеле да бидат спроведени наметнатите мерки за штедење, за кои обете партии гласаа во парламентот кон средината на август.
Шефот на конзервативците Меимаракис јавно пледира за голема коалиција и дури е подготвен за таа цел да се откаже и од премиерска функција. Екс-премиерот Ципрас долго време го игнорираше тоа прашање. Дури во последните денови од предизборната кампања тој јасно се определи: коалиција со конзервативците би била „неприродна“, изјави на последниот ТВ-дуел на врвните кандидати за изборите. Потоа во интервју за весник потсети и дека последната голема коалиција во 2011 година, под раководство на поранешниот заменик-шеф на Европската централна банка Лукас Пападемос, била „болна за народот и општеството“ и довела до дестабилизација на земјата.
Но, за разлика од поранешните избори, Ципрас досега избегнува лични напади против конзервативниот конкурент. Тоа раѓа сомнеж дека сепак би можело да дојде до голема коалиција. „Не, во никој случај“, вели Николас Вулелис, директор на лево-либералниот „Весник на уредниците“, кого го сметаат за добро упатен во внатрешниот живот на Сириза. „Доколку Сириза по изборите навистина влезе во коалиција со конзервативните, тоа би било крај за Ципрас. Веќе наредниот ден мнозинството од левичарските пратеници би ја напуштиле фракцијата“, вели Вулелис.
Борба за нерешителните избирачи
„Етнос“, весник од Атина, оценува дека главните конкуренти настојуваат во последните моменти пред изборите да ги придобијат 650-те илјади Грци, кои според анкетите уште не се решиле за кого да гласаат. Тука двете големи партии гледаат шанса сепак да обезбедат широко мнозинство и така да ја намалат зависноста од потенцијалните коалициони партнери.
„В недела е крај на експериментот Сириза“, објави шефот на опозицијата Меимаракис на својот последен голем предизборен митинг. Вулелис проценува дека стратегијата на Ципрас се состои во предупредување на избирачите од свртување в десно, на кои им вели дека кој ќе гласа за Меимаракис, ќе добие Самарас во нов формат.
И покрај предизборното поларизирање, не се отфрла ни опцијатата за голема коалиција. „Иако не изгледа така, веројатна е соработка меѓу Сириза и Нова демократија“, тврди економскиот интернет-портал „Бенкингњус“ од Атина. И лево ориентираниот политичар Јанис Панусис во едно радио-интервју се заложи за коалиција на двете големи партии за три или четири години, за да ги решат големите проблеми на земјата. Во владата на Ципрас тој беше заменик-министер за јавен ред, но не е член на Сириза.
Анкетите покажуваат дека мнозинство Грци би поздравиле голема коалиција, иако има и задршки. „Не верувам дека таа коалиција би била вистински ефикасна и побрзо би ги спровела нужните реформи“, вели за ДВ економскиот аналитичар Костас Ступас. Интересно е неговото образложение: едноставно во природата на Сириза е постојано да се однесува како опозиција, дури и кога е на власт.
Алтернатива: коалиција со социјалдемократите
Ако се покаже дека демоскопите беа во право, тогаш победникот на изборите би имал алтернатива да прави коалиција со некоја од помалите лево ориентирани партии. За обата фаворита доаѓаат предвид во прв ред два можни партнера: социјалдемократскиот ПАСОК или минатата година формираната социјал-либерална партија Река (То Потами) на новинарот Ставрос Теодоракис. Обете се надеваат дека ќе станат трета сила на изборите и покажуваат отвореност за идна владина коалиција.
Не е сосем исклучена, но е побргу неверојатна коалиција меѓу Сириза и новата леворадикална партија Народно единство на поранешниот министер за енергетика Панајотис Лафазанис. Таа беше формирана пред само 4 недели од незадоволниците од Сириза, со цел да стане трета политичка сила во земјата, да ги отфрли сите наложени мерки за штедење и да ја врати драхмата како валута во Грција. Но, во анкетите за неа се изјаснуваат помалку од 4 проценти. Со тоа можеби таа ќе спречи Сириза да освои мнозинство, но нема да се наметне како погоден партнер за коалиција.