Голем скок на цената на становите во Германија
19 февруари 2022Цената на станбениот простор во 2021 година во просек пораснала за 14,3% на ниво на државата, односно еден метар квадратен просечно се продавал/купувал по цена од 3140 евра, соопшти Германската асоцијација за недвижности. Во 2020 година цената на станбениот простор порасна за 11,2%.
Станарините исто така бележат пораст, но не толкав како продажбата на станови. Во 2021 година станарините се зголемиле за 3,7% и изнесувале во просек 8,46 евра за метар квадратен изнајмен станбен простор. Во 2020 година станарините забележаа скок од 3,1%.
Во текот на изминатата година, според податоците на Германската асоцијација за недвижности, биле изградени околу 315.000 нови станови. Експертите очекуваат тој број полека да се зголемува во наредните години. Сепак, изградбата на нови станови во градовите во кои има особен интерес за купување, стагнира веќе три години. „Во Берлин бројот на нови станови уште од 2018 година се движи некаде околу 18.000, во Хамбург околу 10.000, во Минхен околу 9.000, а во Франкфурт уште од 2014 година изнесува околу 5.000. Ниту во 2022-та ниту во годините по неа не може да се очекува пораст на бројот на нови станови“, гласи проценката на Германската асоцијација за недвижности.
Германската влада има за цел годишно да се градат по 400.000 нови станови, од кои 100.000 социјални станови. Тоа, како што тврдат експертите за недвижности, во овој легислативен период е невозможно да се оствари. Зголемувањето на бројот на дозволи за градба, ќе се претвори во поголем број на изградени станови дури во наредниот легислативен период поради тоа што времето на градба е долго, констатираат експертите.
- повеќе: Превисоки кирии - германска социјална бомба
Се зголемува побарувачката по големи станови
Според Германската асоцијација за недвижности, во Германија се зголемува побарувачката по големи станови. Бројот на домаќинства со три или повеќе лица од 2010 година досега се зголемувал повеќе отколку бројот на помали домаќинства. Но, во делот на изградбата на нови станови се става акцент на помали станови. Поради тоа, во меѓувреме околу 40% од домаќинствата со пониски приходи, кои бројат по четири лица, живеат на станбен простор помал од 80 квадратни метри.
- повеќе: Како да се најде стан во Германија?
„Градовите би требало итно да ја преиспитаат својата станбена политика и на семејствата да им дадат поголема вредност“, вели Харалд Зимонс, еден од авторите на извештајот на Германската асоцијација за недвижности. Според него, ваквата ситуација со домувањето е „неприфатлива“ од социјален и станбенополитички аспект.