„Нов автогол на тоталитарната власт“
23 мај 2016Гордан Калајџиев, прeтседател на Хелсиншкиот Комитет на Македонија и професор на Правниот факултет на УКИМ, утрово во 9 часот е повикан на информативен разговор во МВР, во врска со негово учество на протест на „шарената револуција“. Поканата за информативен разговор му ја предале полицајци, кои со службено полициско возило го дочекале пред неговиот дом, кога тој со синот се враќал од прошетка низ градот.
„Ова е еден вид автогол на тоталитарната власт“, вели Калајџиев.
„На разговор се повикуваат лица кои се залагаат за правда и правна држава, додека најголемите криминалци се на слобода и под заштита на полицијата. Како причина за поканата за разговор, буквално стои 'учество во протести'. Учеството во протест не е уставно забранета категорија. Претпоставувам дека ќе ме товарат за фрлање боја, а мојот одговор ќе биде дека тоа е нужна одбрана на правната држава, бидејќи на граѓаните не им останува друго средство. Таа 'штета' од бојата е симболична и многу помала од државниот удар што и е нанесен на Македонија“, вели Калајџиев за ДВ.
Расте гневот
Од движењето #Протестирам велат дека не се изненадени од ваквите активности на полицијата, кои од ден на ден заемаат се поголем замав.
„Веќе подолго време учесници во протестите се изложени на вербални закани од разни партиски апаратчици, на масовно снимање со полициски камери, на покани за информативни разговори...Неколкумина учесници во протестите се уште се во куќен притвор, а на дел им се изречени условни казни. Веројатно власта се надева дека на тој начин ќе ги демотивира демократските сили да се откажат од протестите. Но, тоа предизвикува само контраефект и уште поголем гнев и незадоволство“, велат од движењето.
Митко Чавков, уште пред да биде вратен на министерската функција, кон крајот на април најави дека МВР поседува снимки од протестите, врз чија основа ќе бидат поднесени пријави против демонстранти. Провладините медиуми веднаш потоа објавија и список со имиња на демонстранти кои треба добијат кривични или прекршочни пријави. „Окото на Чавков“, како што го нарекуваат демонстрантите,
продолжи да ги снима протестите со уфрлени полицајци маскирани во фриленс сниматели, или со стационирани полициски камермани во внатрешноста на зградите кои се мета на боење од шарените револуционери. Во демократската јавност владее впечатокот дека полицијата приведува лица кои претходно веќе добиле еткета и се одбележани како „мета“ од контрадемонстрантите организирани од Граѓанското движење за одбрана на Македонија - ГДОМ. Откако негови членови јавно побараа да се укинат невладините организии во Македонија, провладини медиуми започнаа хајка против граѓански активисти, претставувајќи ги нивните хонорари за ангажманот во тие организации како исплата за учеството во „шарената револуција“. На таквите манипулации и дезинформации, кои масовно се цитираат и пренесуваат од провладините телевиизии, досега воопшто не реагираше Агенцијата за аудио и аудивизуелни медиумски услуги.
Во истовреме, полицијата од владини подржувачи на Фејсбук беше реторички запрашана каде и се „гумените куршуми“, а некои дури ја изразија заложбата за употреба на „вистински“, што предизвика огромни реакции на социјалните мрежи, но и надвор од нив.
МВР пак се вмроизира
Засега нема оптимизам дека состојбата ќе се смири и дека полицијата ќе се департизира. Експресните кадровски промени што беа направени во МВР по разрешувањето на министерот Оливер Спасовски, навестуваат дека ресорот уште посилно се враќа под партиска контрола и дека ќе расте бројот на демонстранти од „шарената револуција“ кои ќе бидат повикувани на информативен разговор во МВР. Во овој ресор деновиве беа вратени старите началници на Секторите за внатрешни работи во Скопје, Куманово, Велес, Охрид и во Битола. На функцијата е вратен и командантот на специјалната единица „Алфи“, Ивица Анчевски-Пуки. Тој беше осомничен од Специјалното обвинителство за случајот „Тортура“ кој се однесува на апсењето на Љубе Бошкоски, но доби аболиција од претседателот Ѓорге Иванов.
Поранешниот технички министер за внатрешни работи, Оливер Спасовски, оцени дека со враќањето на Митко Чавков на чело на МВР, ресорот повторно се партизира.
„Министерството пак се враќа по старо и се вмроизира. Веројатно им годи МВР да не биде МВР на Република Македонија, туку МВР на ВМРО и да злоупотребуваат луѓе и професионалци внатре во министерството. Јас ги охрабрувам тие луѓе да не потклекнуваат на такви барања, затоа што тие професионалци мора да се изборат да го заштитат дигнитетот на министерството, на Македонија, и да останат вистински чувар на државата. Денес добиваат решенија да се вратат на стари позиции доктори на науки кои ги праќаат во маргинални средини, а за возврат на високи позиции се враќаат началници со сомнително образование и некои за кои веќе соопштивме дека имаат фалсификувани дипломи. Сето ова покажува дека тој систем мора да се демонтира. На Македонија не и е потребно министерство кое ќе и служи на која било партија, а најмалку на оние кои денеска се на власт ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, бидејќи покажаа дека тие немаат демократски капацитет“, рече Спасовски во интервју за ТВ „21“
Сликата за МВР ја дополнуваат и информации објавени во медиумите, дека меѓу 400 новопримени полицајци на кои министерот Чавков деновиве им ги даде решенијата, има и лица со досиеја за кражби, а еден е осуден за фалсификувани документи.