Кога повторно ќе прозборат 33-те писма на Гоце Делчев?
5 мај 2021Сѐ уште е неизвесно дали сѐ што е напишано од раката на Гоце Делчев (1872-1903) ќе се најде во обемно факсимилно издание следната година, кога ќе се одбележат 150 години од неговото раѓање. Михаил Груев, историчар и претседател на бугарската државна агенција „Архиви“, за БГНЕС изјави дека во соработка со македонскиот Државен архив постоела намера да се објави такво издание, во кое ќе бидат вклучени буквално сите документи кои до денес се чуваат во македонските и бугарските архиви, а се напишани од Гоце Делчев. Но во однос на реализацијата, има впечаток дека македонската страна како да замолчела.
„Минатата година потпишавме договор за продолжување на нашиот договор за соработка со македонските архиви за уште три години. Во него беше вградено и едно издание со факсимили, за сè што се чува од епистоларното наследство на Гоце Делчев во двете архивски институции - бугарската и македонската. До овој момент за документите на Гоце Делчев се правени неколку зборници и во Бугарија и во Македонија, но никогаш сè што е напишано од раката на Гоце Делчев не е собрано во едно обемно научно издание. За жал, колегите од македонска страна замолчеа. Во неколку разговори што ги имав со нив, тие не се откажуваат од тој договор, но и не работат нешто посебно на неговото спроведување“, вели Груев.
Тој посочува дека повредните ракописи на Делчев се чуваат во Скопје.
„Поинтересните и повредни документи напишни од раката на Гоце Делчев, се наоѓаат во македонските архиви. Тоа е дел од онаа документарната колекција што Бугарија ѝ ја предаде на тогашната Народна Република Македонија во 1946 година, заедно со неговите коски. На тој начин македонските архиви ја стекнаа оваа збирка. Ние имаме копии од неа, но оригиналите се чуваат во архивите на Република Северна Македонија“, објаснува Груев.
Повеќе: Гоце Делчев: По Ангелов и Борисов му изрази почит на „бугарскиот револуционер и македонски војвода“
Нема договор за Гоце Делчев во македонско-бугарската комисија
Гоце Делчев - биографија над сите балкански национални граници
Пандемијата за успори реализацијата
Д-р Емил Крстески, директор на македонскиот Државен архив вели дека во однос на споменатото издание станува збор за усмен договор, а ковид-пандемијата ги отежнала работите за реализација на идејата.
„Државниот архив, во рамките на своите меѓународни активности има потпишано и над 20-тина билатерални договори со земји со кои има успешна и поинтензивна соработка. Овие договори ја дефинираат општата рамка на таа соработка и според општо прифатената практика на контакти меѓу архивите во светот, се обновуваат на секои три години. Таков е случајот и со Државните архиви на Бугарија, со која во декември 2019 година во Софија го обновивме тој општ акт. На таа средба со мојот колега Груев, усно дадов идеја заеднички да објавиме Збирка документи и писма на некои историски значајни личности од илинденскиот период што ги поседуваат архивите на двете земји, која од негова страна беше безрезервно и со воодушевување прифатена. Меѓу тие личности, се разбира, е и Гоце Делчев, од кого нашиот Државен архив има 33 оригинални писма“, објаснува Крстески.
Тој и Груев се договориле да направат уште еден заеднички проект - објавување заедничка Збирка на значајни историски фотографии за Балканот од крајот на 19-от и почетокот на 20-от век.
„За реализација на овие два проекта, на средбата во Софија беше договорено да се направат две мали оперативни експертски работни групи, кои ќе ги селектираат оригиналните документи и фотографии и ќе дадат свои коментари на македонски и на бугарски јазик, и кои ќе бидат во постојан контакт. Набрзо по мојот престој во Софија, за жал, се појави Ковид-пандемијата, која значително ја забави реализацијата на овие два проекта, кои се навистина сериозни и не можат да се реализираат само со Зум или други виртуелни контакти“, вели директорот на македонскиот Државен архив.
Пред извесно време тој се слушнал со колегата Груев и уште еднаш заеднички ја потврдиле желбата и намерата тие проекти да се реализираат во подобри здравствени услови.
„Навистина станува збор за значајни историски документи и за нивна реализација е неопходна директна комуникација на стручни лица, кои во меѓувреме ќе ја отпочнат електронската преписка. Според сегашните здравствени и безбедносни услови во светот, не очекувам реализацијата на овие два проекта да се случи набрзо, туку тоа најверојатно би било во текот на наредната година“, смета Крстески.
Нови документи
Груев највува дека тие не се откажуваат од идејата да направат такво издание следната година, ако не со повеќе документи, барем со она што го има во бугарските архиви. Тој потсетува дека документи напишани од Гоце Делчев покрај во бугарските „Архиви“, има и во Националната библиотека и музејот во Благоевград.
„Го собравме сето тоа и подготвуваме едно факсимилно научно издание за големиот револуционер. Покрај тоа, подготвуваме и една документарна веб-страница, со оглед дека печатените научни изданија се за помала публика. Сите тие документи, вклучително и нивната транскрипција, бидејќи ракописот на Делчев не е од најчитливите, убаво е да бидат покажани и да допрат до секој што е заинтересиран. Читајќи ги документите напишани од раката на Гоце Делчев, можеме да видиме на каков јазик пишува тој и какви се неговите најинтимни чувства, мисли и копнежи. Се надевам дека кога ќе ја прославиме 150-годишнината од неговото раѓање во февруари следната година, ќе ја имаме оваа публикација, како и веб-страницата, со кои ќе се изгради мост кон овој голем човек, кој, за жал, е малку познат по својата суштина“, вели бугарскиот историчар.
Највува дека во тоа издание ќе бидат вклучени и нови документи кои се појавиле, а се однесуваат на животот и делото на Гоце Делчев. Станува збор за архивата на еден од Гоцевите блиски соработници, Никола Малешевски.