1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Грција: Отрезнување по референдумот

Јанис Пападимитриу
2 октомври 2018

Во Грција владее чудење поради неуспехот на референдумот за Преспанскиот договор во соседната држава Македонија, а притоа останува расцепот околу натамошните грчки постапки.

https://p.dw.com/p/35qkD
Mazedonien Referendum Namensstreit Zoran Zaev
Фотографија: Reuters/O. Teofilovski

На грчката страна владее отрезнување, но и извесна доза збрканост. „Бура на Преспанското Езеро“, гласеше ударниот наслов во атинскиот весник „Та неа“ од вчера. Левоориентираниот весник „Етнос“ е на гледиште дека македонскиот премиер Зоран Заев постигна единствено Пирова победа. Интернет-порталот „То вима“ притоа трезвено заклучува дека Заев сепак останува на својата политика за уставни промени преку Парламентот.

Парламентот - последна станица

Референдумот, неуспешен поради непостигнатиот цензус, не беше обврзувачки. Поради тоа премиерот Заев уште има можност да се придржува на својата политика на приближување кон јужниот сосед и спорниот договор да го помине ако не преку референдум, тогаш во Парламентот. Ваквата надеж ја споделуваат и одделни политичари во Атина, и самите заинтересирани за приближување со Скопје.

Еден од нив е Никос Филис, поранешен министер за образование и актуелен пратеник во грчкиот парламент од владејачката партија Сириза: „За целиот наш регион е важно меѓународното признавање и стабилизирање на нашиот северен сосед, во спротивно тој ќе стане јаболко на раздорот на странските сили“, предупредува Филис во разговор за Дојче веле. Во овој поглед, Атина и Скопје имаат идентични интереси, смета левичарскиот политичар. За да ја постигне својата цел, вели Филис, македонскиот премиер може да го протурка Договорот со Грција во Парламентот и на тој начин да му даде доволна демократска легитимација.

Mazedonien Referendum Umbenennung Namensstreit
Противниците на Преспанскиот догвоор се чувствуваат потврдени во ставовитеФотографија: AFP/Getty Images/A. Nimani

Негодување во атинскиот владин табор

Во јуни грчкиот премиер Алексис Ципрас и неговиот македонски колега Зоран Заев постигнаа компромис во спорот околу името, присутен уште од 1991. година. Според Договорот, Македонија во иднина треба да го носи името Република Северна Македонија, да се воздржи од територијални аспирации врз северногрчкиот регион Македонија и да даде уставни гаранции за мирољубивата соседска политика. За возврат, Атина ќе го поддржи приклучувањето на соседот во ЕУ и во НАТО.

Но, во Грција и натаму има задршки во поглед на севернипт сосед. Дури и во самиот владин табор владее неединство. „Резултатот од плебисцитарното изјаснување во Скопје е разочарувачки“, вели Костас Хрисогонос, експерт за уставно право и европратеник од Сириза. Само најверните поддржувачи на премиерот Заев, како и Албанците, гласаа решително за компромисот во спорот околу името, потсетува експертот. Очигледно, мнозински, јавното мислење во соседната држава уште потпаѓа под националистичките ставови, вели Хрисогонос за ДВ. 

Грчка дилема

Непопустливост демонстрира првенствено деснопопулистичката партија АНЕЛ, помалиот коалиционен партнер во владата на Ципрас. Шефот на АНЕЛ и министер за одбрана, Панос Каменос во повеќе наврати одрекува поддршка на Преспанскиот договор, како и се спротивставува во принцип во името на соседот да се појавува поимот „Македонија“. Во Атина никој не би рескирал референдум, а гласањето во Парламентот за Договорот со Скопје во Атина ќе се одржи најрано во март 2019. година.

Дотогаш левичарскиот премиер Ципрас и неговиот непредвидлив коалиционен партнер Каменос очигледно имаат договорено некој вид примирје околу прашањето за Македонија. Ако двајцата никако не можат да се усогласат, Ципрас би имал две можности: или свикување нови избори или Преспанскиот договор да го протурка во Паралементот со помош на гласови на независни пратеници.

Referendum Mazedonien
Фотографија: DW/B. Georgievski

„И неучеството е избор“

Сегашната состојба на работите вели дека Ципрас не може да смета на поддршка од опозициските партии: конзервативниот опозициски шеф Киријакос Мицотакис веќе се изјасни против компромисното име Северна Македонија. И лидерката на Социјалистите, Фофи Генимата е со ист став. Дури и сталинистички ориентираната Комунистичка партија, која традиционално се противи на секаков вид национализам, моментно не гледа никаков повод да му прискокне напомош на Ципрас.

Но, топката засега е кај спротивната страна, оценува Константинос Филис, директор за истражувања во Институтот за меѓународни врски во Атина. „И неучеството на референдумот е некаков избор, кој треба да се почитува“, вели Филис за Дојче веле, па дополнува: „Грција мора да ја респектира одлуката на соседот и нема никаква причина да се меша во неговите внатрешни работи.“

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи