Љубовен поздрав од Атина
6 април 2015„Во духот на владејачката слобода на мислење и здружување, немаме коментар околу посетата на грчките челници во Русија“. Ова беше краткиот коментар на портпаролката на Европската комисија во Брисел во врска со најновите изјави на грчката влада пред патувањето на грчкиот премиер Алексис Ципрас во Москва. Во интервју за руската новинска агенција ТАСС, Ципрас, кој на 8 април ќе престојува во Москва, политиката на санкции на ЕУ кон Русија ја оцени за „бесмислена“ и таа води во „ќорсокак“. Тој најави отпор против продолжувањето на ЕУ-санкциите за што одлука треба да се донесе најдоцна до крајот на јуни.
Мина Андреева, портпаролката на Европската комисија, укажа дека грчкиот премиер на последниот самит на ЕУ пред околу две недели се согласи со санкциите. Тие треба да останат во сила се‘ додека не биде реализиран договорот од Минск за смирување на ситуацијата во Украина.
„Нам не ни е позната никкава промена на ставот на некоја влада во однос на оваа точка“, истакна портпаролката. Алексис Ципрас во интервјуто инаку како сјајно минато ја оцени заедничката борба на тогашниот Советски Сојуз и Грција против националсоцијалистичка Германија во Втората светска војна. „Можеме да имаме и прекрасна иднина“, истакна Ципрас.
Пролет меѓу Грција и Русија
Демонстративната близина на партијата Сириза на премиерот Ципрас со рускиот претседател Владимир Путин, кај некои набљудувачи во Брисел предизвикува нервоза: може ли Грција вистински да го напушти европскиот заеднички фронт во надворешната политика во украинскиот конфликт за да си обезбеди економска пресретливост од страна на Русија? Шефот на германската конзервативна пратеничка група во Европскиот парламент, Хериберт Ројл предупреди во Брисел: „Членството во ЕУ претпоставува доверливост, а не изигрувања. Оној кој игра со оган и сега бара помош во Русија, може да си ги изгори прстите“.
Грчкиот премиер покажува самоувереност и покрај или токму поради одолговлечените преговори со претставниците на Европската комисија, ММФ и Европската централна банка, поранешната Тројка.Тој на претседателот на Советот на ЕУ, Доналд Туск му изјавил дека нема автоматски да ги следи санкциите против Русија. „Мораат да не‘ прашаат пред да донесат одлуки“, изјави Ципрас за ТАСС.
Иако, јасно е оти и Грција секогаш е прашувана пред носењето одлуки за санкции, контрираат дипломати од Брисел. Зашто, вакви одлуки во Советот на ЕУ секогаш се носат едногласно. Премиерот Ципрас најави желба да ја остави во минатото зимата во односите со Русија и стреми кон нова пролет: „Ние можеме да бидеме мост меѓу Русија и Западот“.
Русија не е алтернатива за ЕУ
Грчкиот министер за енергетика Панајотис Лафанцанис како еден вид увертира во Москва во вторникот водеше разговори за подготовка на посетата на Ципрас. Тој ја истакна големата грчка заинтересираност за нов проект за лиферување земен гас. Освен тоа, руските фирми планираат првпат да учествуваат на тендерите за експлоатација на нафта и гас пред грчкиот брег. Тоа би бил пионерски чекор. Што е точно, никој не знае. Зашто, грчкиот министер за одбрана неодамна при посетата на Њујорк сакаше резервите на нафта и гас да ги дели со САД.
Владата во Атина се надева Русија да ги олабави своите контра-санкции против увозот на грчки прехранбени производи. Како реакција на економските санкции од страна на ЕУ, Москва воведе увозни ограничувања кон одделни земји од ЕУ. Нивното укинување е работа на Москва. „Притоа, не се работи за заедничка ЕУ-политика“, велат дипломати во Брисел.
Грчкиот министер за надворешни работи Никос Коѕијас на последната средба со своите ресорни колеги од ЕУ од Унијата побара обештетување поради грчките загуби предизвикани од руските контрамерки. ЕУ тоа го одби. Еврокомесарот за монетарна политика Пјер Московиси ги отфрли обидите за проближување меѓу Атина и Москва.
„Грчкото место е во еврозоната, заедно со другите 18 други држави“, изјави Московиси за португалскиот весник „Диарио де Нотициас“.
„Јасно е дека Русија не е никкава алтернатива за Грција“, тврди Московиси. Меѓутоа, мора да се смета дека речиси банкротираната Грција ќе се обиде во Москва да добие намалување на цените при испораката на гас или ќе бара дури и директни кредити, убедени се бриселски дипломати.
Втор пат во Москва
На рускиот претседател Владимир Путин посетата на гостинот од Грција му доаѓа во вистински момент. Тој очигледно се надева грчкиот премиер Алексис Ципрас при следната прилика да се изјасни против продолжувањето на санкциите кон неговата земја. Од историски, културни и верски причини Грција би била лојално настроена кон Русија, смета московскиот надворешно-политички експерт Фјодор Лукјанов. Тоа би бил „добар инструмент за да се врши влијание врз политиката на ЕУ“, изјави Лукјанов за интернет изданието на „Шпигел“.
Алексис Ципрас веќе на 9 мај повторно ќе биде гостин во Москва, но тогаш по повод свеченостите во рамките на 70-годишнината од крајот на Втората светска војна. Многумина други водечки европски политичари го откажаа учеството на прославата која ја организира претседателот Путин, поради окупацијата извршена од руските трупи на Крим.
Атина повторно се заканува со банкрот
Преговорите меѓу Еврогрупата и грчката влада во Брисел околу спроведувањето на реформите и исплаќањето натамошна кредитна помош не напредуваат. Со натамошни разговори или договор, според проценката на двете страни, се смета дури идната недела. Во моментов дури се разликуваат и гледиштата дали Атина воопшто доставила веродостојна листа со реформски предлози. Еврогрупата вели-не. Грција вели-да. Грчкиот министер за внатрешни работи Никос Вуцис „превентивно“ се закани со грчки банкрот. Ако до 9 април не стигнат пари од кредиторите, Грција нема да може да ги сервисира долговите кај ММФ од 450 милиони евра. Со тоа Грција ќе биде платежно неспособна и сама ќе се катапултира од централниот банкарски систем на еврозоната. Претседателот на Советот на ЕУ Доналд Туск не се надева на решение во актуелната грчка должничка криза пред 24 април. Тогаш европските министри за финансии се среќават во Рига на однапред планиран состанок.
Во меѓувреме „Грчки веникс“ од Атина јавува дека германската канцеларка Ангела Меркел сака да купи викендичка на грчкиот остров Тинос Таа најавила интерес, пишува единствениот грчки весник на германски јазик. Информацијата меѓутоа се појави на 1 април, што упатува дека е само шега.