Дали дојде време да се каже – Доста е?!
31 октомври 2020Да се послужиме со прочуената квалификација на славниот француски дипломат од времето на Наполеон и реставрацијата, Талјеран: „Дипломат кој вели ‘да’ тоа значи ‘можеби’, дипломат кој вели ‘можеби’ значи ‘не’, а дипломатот кој вели ‘не’ не е дипломат“. Некои од овие работи што ги наведува Талјеран може да најдат своја употреба во последните денови од „битката“ за одбрана на историјата, идентитетот и јазикот од зачудувачките напади од Софија и нејзината желба да извлече концесии од Македонија кога треба да се одреди преговарачката рамка и првата меѓувладина конференција со ЕУ.
Иако ова се комплетно различни времиња, нашите дипломати би требало да ја проучуваат неверојатната умешност на Талјеран. По абдикацијата на Наполеон во 1814 година, тој стана човек на доверба и на неговиот наследник Луј 18 и беше главен преговарач на Франција на Виенскиот конгрес кога требаше да биде казнета неговата земја. Но лукавиот Талјеран не само што успеа да се избори да седи на масата каде што се одлучуваше за иднината на Европа, туку и да обезбеди речиси маргинални последици за Франција по хаосот што го направи Наполеон во Европа. Ова маестрално превртливо камелеонство секогаш беше во интересот на француската држава. А, секако, и во сопствен.
Би можел ли Бујар Османи да научи нешто од лукавствата на Талјеран? Се разбира дека би можел, ако мисли дека сега има време да ја прочува вештината на дипломатијата во последните десет дена кога треба да се дознае дали најавената бугарска блокада е вистинска намера или заплашување во играта на нерви.
Кога „да“ значи „можеби“
Бујар Османи последниве десетина дена е пред клучното искушение во својата политичка кариера. Ако чита некои изјави на Андреј Ковачев и на другите како овој жесток европарламентарец кои бараат да се признае бугарскиот поглед на споделената историја, тој би можел да се доведе во заблуда, затоа што во нив ќе најде пофалби за неговите последни изјави, со кои, како што тврдат овие сејачи на бурата, Османи имал некаков разумен поглед за разврската на јазолот. Ако ја користиме дефиницијата на Талјеран тоа би требало да значи „можеби“. Бујар Османи е во исклучително комплицирана ситуација – доколку во неговата „мекоќа“ отиде предалеку, би можел да биде обвинет дека како Албанец по националност не ги зема предвид ставовите, мислењата и чувствата на речиси целиот македонски етнички кампус. Не само меѓу населението, туку и меѓу политичките фактори. Од друга страна, тој би сакал да има успех во оваа неверојатно комплицирана мисија и своето министерување да не го започне со „неуспех“.
Се разбира, неговите активности (а и на работните групи на македонското и бугарското министерство) не се без супервизија, па дури и без насоки на премиерот Зоран Заев, а веројатно и на претседателот Стево Пендаровски. Тогаш тоа би значело дека неговиот маневарски простор е во некоја рака омеѓен. Но не и дипломатската умешност. Во Софија упорно се повторува дека ставот на владата е детерминиран од декларацијата на Собранието околу концесиите што треба да ги направи Скопје. Па и Алексис Ципрас беше детерминиран од заедничкиот заклучок на грчките партии уште од 1990-те, па имаше храброст и политичка визија да го склучи Преспанскиот договор. Така што, оваа декларација не е исклесана во камен, како некаква Мојсеева заповед, за да не може да се најде елегантен излез од неа. Се разбира, ако се сака.
Во основа, Бујар Османи, треба да ја амортизира на некој начин ситуацијата во која се најде премиерот Заев во оваа, на прв поглед, неочекувана бура. Заев сега се соочува со две крајности. Првата, доколку најде некакво разбирање за бугарските барања, многу брзо да биде прогласен за „национален предавник“ и целата негова политичка кариера да биде поврзана со попуштањето кон Софија заради поголемата цел – почетокот на преговорите со ЕУ. Заев би требало да знае дека сите негови досегашни успеси (како догорот со Бугарија, а особено Преспанската спогодба и со неа членството во НАТО) може да бидат фрлени на буниште и целата негова кариера да биде оценувана само со концесиите што можеби ќе ги направи кон Бугарија. Тоа не е едноставна ситуација за еден политичар, кој се покажа како предводник на една нова политика на Балканот.
Другата крајност е дека со цврстото одбивање на уцените на Софија тој полека да ја почне преселбата кон патриотскиот камп, со што ќе даде свој придонес кон ревитализирањето на националистичкиот фон. И после ќе биде многу тешко враќањето од овие „пасишта“.
Едно од објаснувањата за оваа тирада од Софија се парламентарните избори во Бугарија во март идната година. Тие објаснувања може да имаат некаква основа, но дали Македонија, народот, идентитетот, јазикот треба да бидат жртва на оваа предизборна бугарска врева? Секако дека не.
Пат кон отуѓување
Бугарската позиција во основа е покомплицирана. Овој спор во меѓународни рамки ни оддалеку не е како проблемот со името со Грција. Нема резолуции на Советот за безбедност, нема специјален претставник на генералниот секретар на ОН, нема специјален заклучок како оној на НАТО на самитот во Букурешт. Тој е сведен на билатерален спор помеѓу два соседиа, а Бугарија нема моќ да го издигне на некој степен погоре. Доколку Софија стави блокада за првата меѓувладина конференција тоа автоматски ќе значи блокада и за Албанија. Тогаш, самитот што го организираше пред две години во Софија ќе стане целосно бесмислен, затоа што тој не ги отвори вратите на ЕУ за Западен Балкан, туку ги затвори. По мартовските избори Бојко Борисов можеби пак ќе биде премиер, но по септември 2021 година во Берлин канцелар веќе нема да биде Ангела Меркел, неговата доверлива пријателка и поддржувач. Во Германија можеби повторно ќе владее ЦДУ, но поради лидерскиот вакуум во партијата не е исклучено на власт да дојде нова лево-зелена коалиција. Ситуацијата во Берлин веќе нема да биде обележана со разбирање.
Потоа, она постојано споменување дека Бугарија прва ја признала независноста на Македонија (за што има неподелена благодарност овде) ќе се загуби во калта на блокадата, а визиите на Жељу Желев ќе бидат помрачени од национализмот на Красимир Каракачанов и другите што пијат од истиот извор. Овој извонреден гест на тогашната бугарска влада сѐ помалку ќе се споменува или фали во Македонија, туку проценките ќе се прават околу иднината и државата која ја блокира таа иднина. Бугарија ризикува да стане целосно отуѓена во Македонија, многумина ќе го поставуваат прашањето зошто, на пример, да продолжи да се гради железничката пруга до Крива Паланка и понатаму и да се вложат милијарда евра наместо тие да се насочат кон развојот на другите делови во државата. Или ресурсите да се насочат кон изградбата на пругата кон Албанија и пристаништето Драч. Да не зборуваме за идните можни бугарски инвестиции. Проблемот со Грција сега изгледа помал – освен додавката на името „Северна“ и откажувањето од наследството од пред 24 века. Бугарија ризикува Македонија својот главен сојузник и партнер да го побара и да го најде во Грција, што само пред три-четири години изгледаше незамисливо. Па и она заедничко претседавање со Берлинскиот процес ќе го направи бесмислено. Бесмислена ќе стане и работата на историската комисија. Бесмислено ќе биде и да бидеш партнер во претседавањето со Берлинскиот процес со држава која не ја признава твојата историја до 1945 година и тврди дека таа е лажно дело на Коминтерната и Тито.
Но, така е во политиката. Меѓу Македонија и Бугарија немаше сојузништво, но имаше некакво разбирање и партнерство. Доколку дојде до блокада нема да има ниту сојузништво, ниту разбирање, ниту партнерство. Само отуѓување.
Македонија сега е поставена во ситуација да го покаже својот карактер. Доколку отстапи за три чекори, подоцна ќе се бара да отстапи и за десет. Што мислите, што ќе се случува кога во историската комисија ќе доде на ред да се расправа за Втората светска војна, за анектирањето на Вардарска Македонија од тогашната профашистичка влада во Бугарија? Тоа може уште сега јасно да се види, не мора да се гледа во кристална топка. Притисоците нема да се намалуваат, туку ќе се зголемуваат. Ситуацијата е таква – двете земји се во НАТО, но едната е во ЕУ, а другата сака да стане членка на европскиот блок. Едните заблуди треба да се наметнат врз другите заблуди.
Во основа, официјална Софија ја поставува Македонија пред избор што не може да го направи. Затоа што за неа нема избор. Затоа што не може да тргува ниту со идентитетот, историјата, ниту со јазикот и да го прифати бугарскиот наратив. Веројатно доаѓа времето кога треба да се каже – доста е! Оваа држава помина повеќе граници кои не се за поминување во интерес на иднината. Но кога некој бара да скокне во длабок амбис, тоа е веќе премногу. Ова се комплицирани моменти за Заев, а и за Пендаровски. Последните неколку недели опозицијата е внимателна да не додава масло на огнот и тоа треба да биде забележано не како конструктувност, туку повеќе како добра проценка на ситуацијата. Можеби европската врата ќе биде затворена од оние што постојано тврдат дека сме „браќа“, но тогаш овде ќе одговараат дека сигурно не сме ни први братучеди. Односите бесповратно ќе се влошат до некоја друга иднина.
Прашањето е дали Заев би можел да постапи поинаку. Неговиот маневарски простор е ограничен како во самица. Тешко е да се поверува дека некој би му нашол забелешка ако рече – Доста е! Па макар европската иднина била одложена за уште некоја година.