Дали ЕУ го остави Западен Балкан на цедило?
19 март 2020Во ситуација во која самата ЕУ се бори да се организира и спротивстави на ширењето на коронавирусот, земјите од Западен Балкан, како и некои членки на Унијата, се чувствуваат препуштени сами на себе и тоа во најтешки, вонредни околности.
Покрај многу мерки кои се преземени со цел соочување со пандемијата и заштитата на сопствениот здравствен систем, ЕУ од 15 март воведе рестрикции на извозот на заштитна медицинска опрема. Така, опремата што Германија и Франција први еднострано ја блокираа за извоз, сега на ниво на ЕУ е запрена за сите трети земји. Во Брисел објаснуваат дека и земјите на Западен Балкан се водат како „трети земји”, но укажуваат на други „разлики во вокабуларот”.
„Во прашање не е забрана, туку воспоставена шема, според која земјите членки имаат можност да одлучат за извозот на специфична медицинска опрема во трети земји”, се наведува во Европската комисија. Во Србија ова го читаат како доказ дека европската солидарност е само празно ветување и верување. „Европска солидарност не постои. Тоа е бајка на хартија”, порача претседателот Александар Вучиќ.
Претходно, Вучиќ најави дека од Германија добил ветување оти на Србија ќе ѝ испорача дополнителни респиратори. Тие не стасаа, како ни одговор на барањето на Србија да се набават заштитни маски преку европскиот Механизам за цивилна заштита. Критики на сметка на европската солидарност стаигнаа и од Италија, земјата која е најтешко погодена од епидемијата на коронавирусот. Амбасадорот на Италија во ЕУ, Маурицио Масари, нагласува дека ниту една земја членка не одговорила на барањето на Рим преку европскиот Механизам да се упати помош во форма на медицинска опрема.
„Само Кина ни одговори. Во таков случај, ова не е добар знак за европската солидарност”, порача Масари.
Дали ЕУ го остави Западниот Балкан на цедило?
На коментарите од Западен Балкан дека ЕУ „ги оставила на цедило” во Брисел одговараат дека во овие тешки времиња е потребна солидарност и дека не е време за „полемички или неосновани обвинувања”. Се укажува дека пандемијата претставува „невидена глобална криза“ и сериозна „вонредна ситуација“ за јавното здравје на граѓаните, општеството и економијата.
„Десетици илјади луѓе се заразени, а илјадници умреа само во ЕУ. Бројот на заразени лица на Западен Балкан е во пораст. ЕК и Европскиот центар за превенција и контрола на болести внимателно го следи развојот на КОВИД 19 на Западен Балкан, а нашите делегации на ЕУ се во близок контакт со надлежните власти”, вели портпаролот на Комисијата, Ана Писонеро. Во ЕК додаваат дека се разгледуваат опциите како најдобро да се пружи поддршка на регионот во ублажување на општествено-економското влијание на пандемијата.
„Тоа вклучува и согледување на можностите за пренасочување на финансиите од претпристапните фондови и флексибилност во правилата за државна помош”, вели Писонеро.
Повеќе:
Коронавирусот ги затвора границите на ЕУ
ЕУ ќе ја поддржи економијата со сите средства
Горчливата лекција на ЕУ во кризата со коронавирусот
Во овој момент во ЕУ по скратена постапка се работи на промена на регулативата за Фондот за солидарност на ЕУ, до кој имаат пристап и земјите во процес на пристапување, да може да ги прошири своите ингеренции на помош во вонредни состојби во јавното здравје.
Фондот првобитно е основан за да им помогне на земјите членки и земјите во претпристапни преговори да се изборат со последиците од природни катастрофи како што се поплави, пожари, суши и земјотреси. Со цел подобра координација со земјите од Западен Балкан во актуелната криза, еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји одржа видео-конференција со премиерите од земјите од регионот.
„Ќе помогнеме на нашите партнери во однос на медицинска опрема во рамки на нашите можности”, наведува Вархеји.
Политички последици на пандемијата
А, тие можности на ЕУ актуелно се мали. Се чини дека ЕУ не ја дочека баш најспремна пандемијата на КОВИД-19. Во прилог на тоа зборува и фактот дека Брисел има проблем да го регулира снабдувањето со медицинска опрема во самите држави членки и дека дури сега, во екот на заразата и вонредната состојба, распишува тендери за заедничка набавка на заштитни маски, респиратори и лабораториска опрема.
Во ЕК велат дека разговараат со Германија и Франција со цел ревидирање на нивните одлуки за забрана на извоз на медицинска опрема.
„Мора да се осигураме дека сите пациенти и оние на кои им е тоа најпотребно ќе бидат снабдени со соодветна медицинска опрема и тоа не само во поединечни земји членки, туку во цела ЕУ”, предупредуваат од Комисијата.
Истовремено, се додава дека и од Германија се очекува да го „исполни ветувањето” и да испорача еден милион заштитни маски за Италија, како и тоа германските компании кои произведуваат или добавуваат медицинска опрема да учествуваат на заедничките европски тендери.
Додека Брисел се бори да ја регулира внатрешната вонредна состојба и да дојде до заеднички европски пристап на 27-те земји членки, Пекинг на Италија, Белгија, Србија и Северна Македонија веќе им излезе пресрет, испраќајки тимови лекари и медицинска опрема.
ЕК вели дека поздравува секаков вид „помош и солидарност” - како од Кина спрема Европа, така и внатре во Европа. Истовремено, се посочува и на големиот број дезинформации кои, како што се наведува во Брисел, злонамерно го користат актуелниот момент на вонредни околности со цел пропаганда против ЕУ.