1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Дали пандемијата била „планирана“? Проверка на фактите

Јоша Вебер
21 декември 2021

На социјалните медиуми кружи календар со наводни термини за појавување на следни варијанти од коронавирусот. Тоа треба да е доказ дека Омикрон е „планиран“. Проверката на факти покажува зошто тоа не е точно.

https://p.dw.com/p/44ZFC
Bild-Collage für DW Faktencheck zu Fake Kalender der Virusvarianten von SARS-Cov2.  EN
Фотографија: DW

Уште летоска на социјалните мрежи се појави „скриншот“ од наводно таен распоред за појавување на варијанти на коронавирусот. Сега оваа слика повторно стана вирална и е споделувана од стотици корисници. Според дел од лицата кои ја објавуваат оваа слика, таа е доказ дека корона пандемијата е „планирана“ од моќни институции. 

Тврдење: 

„Се појави нова варијанта на вирусот наречена Омикрон. ‘Тие’ ги поместија плановите – првично беше планирано да се појави во мај 2022 (....)/ Каква фарса“, пишува една жена на Фејсбук.

Друг корисник пак се жали: „Омикрон е лажен!! Уште на 6 август протече информацијата дека е планиран да се појави во мај 2022 година“.

„Омикрон беше предвиден, сето ова е испланирано“, тврди трето лице.

„Ова се планирани варијанти на коронавирусот (...) не бидете глупави, ве манипулираат,“ гласи една од објавите над споделената слика. 

ДВ-проверка на факти: Тврдењето е погрешно 

Манипулативна тука е самата листа, бидејќи е лажна. Според нашите проверки, оваа листа не е поврзана со ниту една од наведените организации, а „датумите за појавување“ на варијантите на коронавирусот не се поклопуваат со појавувањето на досега познатите варијанти. Така, на пример, сега широко распространетата Делта-варијанта не се појави во јуни 2021 како што стои на наводната листа, туку се откри во октомври 2020.

Новите варијанти на коронавирусот се појавуваат по природен пат и не може да се планираат однапред. ДВ побара изјава од сите четири наведени организации на листата.

Портпарол на Светската здравствена организација (СЗО) вели дека ова „не е документ на СЗО“ како и дека никој не може да предвиди дали и кога ќе се појави нов сој на вирусот.

„Нема никаква поврзаност меѓу нас и оваа лажна графика“, јасно одговара и портпаролот на Светскиот економски форум.

Од фондацијата на Бил и Мелинда Гејтс добивме кус јасен одговор: „Ова тврдење е лажно“. Портпаролот на американскиот Џонс Хопкинс Универзитет исто така зазема јасен став: „Ова тврдење е веќе оквалификувано како лажно и Универзитетот Џонс Хопкинс нема никаква врска со ширењето на овие дезинформации.“

Infografik COVID-19 Länder mit Omikron 14.12. 08:30 EN

Лажната листа се шири уште од јули 

Всушност оваа листа уште летоска беше идентификувана како дезинформација, но оттогаш сепак беше споделена и објавена уште стотина пати. Според нашите анализи, првпат се појавила на 8 јули 2021 година на Твитер. Листата брзо стана наводен „доказ“ дека пандемијата е планирана и како таква се споделувала на различни социјални мрежи. Со појавата на Омикрон-варијантата листата повторно станува популарна и вирална. За многу корисници Омикрон е „остварување на предвидувањата“ од листата и ултимативен доказ за автентичноста на листата со „планирани“ идни соеви на вирусот.

За да го претскажете редоследот на именување на варијантите од коронавирусот не треба да сте јасновидец. На 31 мај СЗО воспостави единствена номенклатура за вирусните варијанти на САРС КоВ 2. Секоја следна нова „Variants of Concern" (варијанта која предизвикува загриженост) ќе започне со следната последователна буква од грчката азбука. СЗО само ги прескокна грчките букви Ny (според табелата „Ну“) и Xi (според табелата „Кси“) и тоа го оправда со фактот дека Ну премногу звучи како англиското „ново“ и затоа може да биде погрешно сфатено, а во случајот на „Кси“ се вели дека ова е вообичаено име во Кина и дека не сакаат со името да се навреди ниту една регионална или етничка група. 

Повеќе на оваа тема:  Бајден: Дезинформациите за коронавирусот убиваат луѓе; Фејсбук ја отфрла критиката

Ова не е прв лажен навод за наводно планираната пандемија 

Објавениот календар за планирани вирусни варијанти е погрешен и поради тоа што новите соеви на вирусот се појавуваат по природен пат и не може да бидат испланирани. Вирусите мутираат континуирано и непредвидливо, што според научниците е случај и кај актуелниот САРС КоВ 2 вирус. Мутацијата настанува кога при таканареченото копирање на вирусниот геном се случува грешка во репликата. И ова се случува често. Според податоците на германското Министерство за здравство, во моментов има околу 1500 познати мутации на вирусот САРС КоВ 2, а само пет од нив според СЗО се означени како „варијанти кои предизвикуваат загриженост.“

Згора на тоа, ова не е прва лажна информација за наводно тајно „планирање“ на пандемијата: Меѓу другото и Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), како и германската влада, беа обвинети дека го планирале избувнувањето и последиците од пандемијата – и двете се неточни и неосновани тврдења.