1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дали тврдокорна Брегзит-група раководи со Велика Британија?

Роберт Маџ
27 јули 2018

Среде секојдневниот политички хаос во Велика Британија, едно име отскокнува. Европската истражувачка група е лоби тело кое притиска за фактички тврд Брегзит. Се смета дека тоа, а не британската влада го предводи шоуто.

https://p.dw.com/p/32B4l
Großbritannien, London: Jacob Rees Mogg hält eine Brexit  Rede
Фотографија: picture-alliance/R. Tang

Дури и читателите со слаб интерес за актуелната Брегзит сага ( а кој може да ги обвини?) веројатно налетале на името Џејкоб Рис-Мог (насловна фотографија). 

Пратеникот од редовите на Конзервативната партија е она што се нарекува тори (припадник на Конзервативната партија) од калап. Се образувал на колеџот Итон а потоа продолжил да студира на колеџот Тринити во Оксфорд. Работел во финансискиот сектор во Лондон пред да сооснова компанија за управување со хеџ фондови. Тој е конзервативец за социјалните прашања, а неговите десничарски позиции му донесоа многу почитувачи во редовите на ториевците и веројатно би можеле да се обложите дека еден ден тој ќе стане премиер.

Навистина, бројни аналитичари велат дека тој и групата со која претседава всушност раководат со Брегзит-шоуто наместо премиерката Тереза Меј.

Повеќе на темата:

-Денови на хаос во Лондон

-Одлагање на Брегзит?

-Борис Џонсон си поднесе оставка

Значи што точно сака да оствари групата. Зад нејзиното наизглед меко име, Европска истражувачка група (ЕРГ) веројатно се крие едно од најтврдокорните и влијателни тела за лобирање кое пристиска за тврдо, бескомпромисно излегување од Европската унија. Се разбира, групата внимава ваквиот пристап да го маскира со јазик кој е попријатен за јавноста. Во минатиот септември, тогашната претседателка Суела Франандес  ја опиша ЕРГ како „група од парламентарци кои ја поддржуваат владата да испорача Брегзит кој ќе функционира за секого“.

Großbritannien Brexit - Theresa may auf dem EU-Gipfel in Brüssel
Фотографија: Reuters/E. Vidal

Тоа звучи доволно безопасно, но првите впечатоци можат да бидат лажливи. Како всушност групата околу Рис-Мог успеа да стане толку влијателна?

„ Сметам дека ЕРГ а со тоа и поединци како Џејкоб Рис-Мог, во суштина претставуваат далеку подолга струја на тврд евроскептицизам во рамките на Конзервативната партија. Евроскептицизмот во Британија отсекогаш бил поделен на две струи: меки евроскептици кои во основа само сакаат да стават малку вода меѓу Обединетото кралство и ЕУ и тврди евроскептици кои во суштина сакаат да стават многу повеќе вода меѓу Унијата и Британија и севкупно сакаат да дојде до чиста разделба“, истакнува за ДВ Метју Гудвин, професот по политички науки и меѓународни односи на универзитетот во Кент, кој е експерт за евроскептицизмот во Британија.

Генезата на ЕРГ

Групата е основана во 1993 година од страна на Мајкл Спајсер како одговор на Мастришкиот договор тогаш потпишан од британскиот премиер Џон Мејџор. Спајсер беше еден од оние бунтовници меѓу ториевците кој постојано гласаше против владата за она што тој го сметаше за предавање на суверените права на Британија на федералната држава на ЕУ.

Во текст на весникот Дејли Телеграф објавен на почетокот на годината насловен како „Преземање улогата од УКИП, Џејкоб Рис-Мог и ЕРГ се сега вистинските надгледувачи на Брегзит“, Спајсер напиша: „Групата беше формирана со претпоставката дека најефикасен начин барем за модифицирање на овој процес е да се работи  во рамките на Конзервативната партија, отколку на пример, да се формира ривалска партија како УКИП“

Дали ЕРГ раководи со Брегзит шоуто?

ЕРГ повторно се активираше во 2016 година спроти референдумот за ЕУ во Велика Британија. Иако групата не објавува детали за нејзиното членство, се верува дека има околу 60 членови, многу од нив , но не и сите, водечки пратеници на ториевците и поддржувачи на кампањата за напуштање на ЕУ, како Мајкл Гов, данкан Смит, Лиам Фокс и Прити Пател.

Brexit Symbolbild
Фотографија: picture-alliance/dpa/AA/K. Green

Во февруари 2017 година групата испрати писмо до Тереза Меј поставувајќи ги своите тврдокорни барања за Брегзит: Британија треба да ја напушти не само ЕУ туку и заедничкиот пазар и царинската унија. Тоа ја поттикна претничката на Конзервативците, Ники Морган, која гласаше за останување во ЕУ, да ја обвини ЕРГ дека ја држи Меј во заложништво.  Нејзината колешка Ана Собри изнесе слични критики и неодамна изјави дека Рис-Мог сега ја води земјата наместо Тереза Меј.

Расколот кај Ториевците може да ѝ помогне на ЕРГ

Меѓутоа, Гудвин вели дека таквата интерпретација залажува: „Од една страна, тој секако е популарен меѓу традиционалните социјални конзервативци и поотвореното евроскептично крило на партијата. Но сметам дека тој јасно стави до знаење дека доколку има натпревар за лидерското место во Конзервативната партија тој многу веројатно би бил зад многу поистакнатите и веројатно и повлијателни евроскептици како поранешниот министер за надворешни работи Борис Џонсон“, истакнува професорот.

Подемот на ЕРГ го отвора прашањето дали тоа би можело да поттигне други лоби-групи со слични намери. Гудвин вели дека  не е толку важно дали одеднаш ќе изникнат други слични групи, туку што ќе се случи ако Конзевативната партија имплодира и групи како ЕРГ го исполнат вакуумот.

„Што ќе се случи ако имаме целосен раскол во Конзервативната партија на есен“, прашува Гулдвин. Што ќе се случи ако партијата не е во состојба да најде компримис за прашањето околу ЕУ? Што ќе се случи ако имаме општи избори или Брегзит легислатива за која премиерката Меј мора да се потпре на опозициските партии за да ја протурка во парламентот? Дали групите како ЕРГ тогаш ќе станат повлијателно во сѐ поподелената Конзервативна партија?“, гласат дилемите на професорот.