„Дајмлер“ слабо заработи со продажбата на автомобили
7 февруари 2013Добивката на концернот „Дајмлер“ измината година се покачи од 6,0 на 6,5 милијарди евра. Овој рекорден резултат е постигнат пред се’ поради продажбата на акции на „Далјмер“ на Концернот за воздушни и вселенски летови „ЕАДС“. На тој начин добивката се зголеми за 700 милиони евра, се вели од концернот. Останатата продажба донесе малку пари. Особено силно е погодена автомобилската бранша „Мерцедес-Бенц карс“. Поради слабата продажба во Кина, високите давачки за нови модели возила и намалувањето на продукциските капацитети добивката се намали од 5,2 на 4,4 милијарди. Исто така и загубите при продажбата на омнибуси се одразија врз резултатот.
Шефот на „Дајмлер“ Дитер Цече очекува наредната година да има значително подобрување на оперативниот резултат. Дотогаш програмата за штедење треба да донесе резултат. Со неа „Дајмлер“ треба да ги намали трошоците за околу три милијарди евра.
Во целиот свет „Дајмлер“ во изминатата година продаде околу 2,2 милиони автомобили, транспортери, камиони и автобуси - рекродна продажба досега со што се зголеми билансот од претходната година за четири проценти. Меѓутоа концернот не успеа рекордната продажба на возила да ја претвори и во зголемена добивка.
„Дајмлер“ се надева дека ќе може да постигне подобрување со новите модели. До 2020 година концернот сака да изнесе на пазарот 13 нови возила „Мерцедес“, модели кои немаат претхоници, изјави шефот на „Дајмлер“ Цече при претставувањето на годишниот биланс во Штутгарт.