1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дајмлер со рекорден профит во 2011 година

9 февруари 2012

Големата побарувачка на лускузни автомобили и товарни возила на „Дајмлер“ му донесе рекорден профит во текот на 2011 година.

https://p.dw.com/p/13zyE
Рекорден профит во „Дајмлер“Фотографија: picture-alliance/dpa

Според денеска објавените бројки, добивката во изминатата година изнесувала шест милијарди евра и е највисока досега во историјата на фирмата, соопшти концернот со седиште во Штутгарт. Во 2011 година биле продадени вкупно 2,1 милион автомобили на „Дајмлер“, или цели 11 проценти повеќе во споредба со 2010 година.

„Овие резултати покажуваат дека нашиот концерн, со својата широка палета производи - автомобили, камиони, автобуси и финансиски услуги е добро стратешки поставен“, изјави шефот на „Дајмлер“ Дитер Цече.

Dieter Zetsche
Генералниот директор на „Дајмлер“ Дитер ЦечеФотографија: AP

Со оглед на ваквите бројки, Дајмлер на своите акционери има намера да им исплати највисоки дивиденди досега. Околу 160.000 вработени во „Дајмлер“ во Германија пак, ќе добијат бонус од 4.100 евра.

Со исклучок на западноевропскиот пазар, кој е погоден од должничката криза, концернот смета на пораст ширум светот и во тековнава година. Како што се вели, се очекува пораст за четири проценти, во однос на минатата година, на регистрирањето на нивни нови автомобили.

Добрите резултати и зголемената побарувачка на пазарот се причина и за зголемување на бројот на вработените во „Дајмлер“. На крајот на 2011 година во концернот работеле над 11.000 луѓе повеќе отколку во 2010 година. Нови работни места ќе се отвораат и годинава, и тоа најмногу во Северна Америка, Азија и Унгарија.

Автор: Елизабета Милошевска Фиданоска /дапд/дв

Редактор: Борис Георгиевски