1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дебата за миграцијата во ЕУ: Јуриш во последна битка!

Макс Хофман
31 август 2018

Францускиот претседател ја прифати фрлената ракавица од Виктор Орбан и Матео Салвини. Тоа е исправно, оти на десничарскиот популизам може да му се спротивставиш само со одлучност, смета Макс Хофман.

https://p.dw.com/p/3431i
Emmanuel Macron und Viktor Orban beim EU Gipfel in Sofia
Фотографија: Getty Images/AFP/L. Marin

Во вторникот унгарскиот претседател изјави дека Макрон стои на чело на блокот поддржувачи на имиграцијата. Тој и италијанскиот премиер пак, се од оние кои сакаат „да ја прекинат нелегалната имиграција". Тоа рака на срце е неточно, оти и Франција сака да ја прекине нелегалната имиграција и Макрон на пример, преку неговиот многупати критикуван став спрема мигрантите во Франција, воопшто не се профилираше како поддржувач на „имиграцијата". Но, сега барем се јасно исцртани фронтовите и со тоа можеби е во најава последната битка околу темата која ја обележува денешницата, или барем така се надеваме.

Клин со клин се избива

Од една страна се значи „нелегалните прекинувачи на имиграцијата". Тоа се десничарските популисти, кои во своите земји работат на одржување нелегални демократии. Од другата страна се „поддржувачите на имиграцијата" на чело со Макрон, човек би можел да рече и вистинските демократи на Европа. Тоа би биле оние кои разбрале дека се потребни компромиси, за да се унапреди Европската Унија. Големи зборови помагаат можеби во борбата за гласови, но не и за решавање на проблемите.

Апропо големи зборови, тоа што Орбан и Салвини се претставуваат како новиот дует од соништата на деснопопулистичките спасители на Европа, кога не би било тажно, би било само по себе виц. Двајцата ги поврзува само бескомпромисниот, натрапнички стил исполнет со омраза. За самата тема пак, имаат потполно различни претстави. Салвини сака другите земји од ЕУ да прифатат бегалци и со таквиот став е поблизок до Меркел отколку до унгарскиот премиер Орбан. Тој пак, во никој случај не сака да прифати какви било мигранти и наместо тоа бара да бидат вратени во нивните матични земји. Францускиот претседател очигледно смета на тоа дека таквите разлики порано или подоцна ќе го уништи новото дуо.

Hofmann Max Kommentarbild
Макс Хофман

За тоа да се случи некој мора конечно да почне популистите да ги става под притисок. Досега остатокот од ЕУ дозволува да го водат Лега Норд, АфД, Фидес и слични на нив. Од страв од нив, некои од етаблираните партии сега го копираат нивниот стил. Тоа е погрешниот начин! Вистинскиот правец е оној што сега го зазема Макрон, дека клин со клин се избива, без да се повлече од неговата позиција или да се извинува за проевропскиот став. Со тоа младиот претседател ја уби во поим и неговата деснопополистичка конкурентка, Марин Ле Пен.

Повеќе: 

Унгарија користи тактика на прегладнување против бегалците

Орбан кај Меркел: Провокатор и идол

Да се обелодени некомпетентноста и противречноста

На засега тивкото мнозинство Европејци им е потребен некој кој ќе ги предводи. Некој кој ќе се бори за нивните вредности, за благосостојба и мир во ЕУ. Некој кој нема да се штеди со јасен став да влезе во битка. И покрај сите проблеми со кои се соочува во Франција, тој некој е Емануел Макрон. „Нема да им попуштам на националистите и на сите оние кои го поддржуваат таквиот говор на омраза", рече Макрон при посетата на Данска. „Ако во мене го гледаат нивниот главен противник, имаат право."

Лични убедувања кои толку моќно се пренесуваат имаат потенцијал да ги обединат луѓето и да им дадат еден глас. Тие имаат моќ да ги обелоденат прикриените разлики меѓу популистите и да им покажат на Европејците дека Салвини и компанија немаат многу да понудат. Тие немаат поим што значи конструктивно владеење, а тоа го покажаа уште во првите три месеци од мандатот на актуелната коалиција во Италија. Не знаат ниту како да се справат со проблеми како невработеноста, промената на климата или сиромаштијата. Следната година ни претстојат изборите за европскиот парламент. Макрон знае дека иднината на ЕУ зависи од тоа, мнозинството Европејци да ја препознае некомпетентноста и противречностите на деснопопулистите. Затоа и е подготвен за решавачката битка.