Делото на Ататурк во Македонија
18 октомври 2011Со голем портрет на основачот на современа Турција во Македонската академија на науките и уметностите се одржува седмиот конгрес посветен на неговот дело, со учество на стотина еминентни научници од Балканот. Покровители се претседателите на двете држави, но Абдула Ѓул не допатува во Скопје, каде пред неполн месец беше премиерот Реџеп Таип Ердоган.
„На територииите што ќе останат надвор од отоманската империја, пред се на Македонија и Албанија треба да им се додели статус на независни држави“, презентираше дел од ставовите на Ататурк, македонскиот претседател Ѓорге Иванов.
Тој по втор пат оваа година ги искажа своите познавања на османлиството.
„Основачот на модерна Турција своето образование, европски погледи за реформи на распадната имеприја ги формираше во предвоена Битола, на почетокот од дваесетиот век. Не ги учеше европските цивилизациски вредности надвор од просторот во кој живееше, а Битола беше влез на Европа во турската имеприја“, рече шефот на македонската држава.
Тој потсети дека таткото на модерна Турција се образувал во Битола, или Монастир како што беше нарекувана.
„Таму ги осознал и практичните вредности на едно мултикултурно и мултиконфесионално живеење “, кажа Иванов.
Директен пренос во Турција
„Во бурните времиња на исчезнувањето на старата мултинационална Османлиска Имеприја Кемал Ататурк го втиснал печатот на динамична и творечка личност која ги вградила принципите на парламентарната демократија и секуларна држава“, одговори турскиот вицепремиер Булант Аранч, кој со претседателот Ѓул и премиерот Ердоган ја сочинуваат влијателната партиско-политичка тројка на властите во Анкара, ни рекоа познавачите на состојбите во Турција. Од тие причини и голем број на ТВ екипи од таму, а државната телевизија ТРТ и со директни вклучувања за научниот собир во Скопје.
Македонско-турските релации добиваат во интензитет. Покрај најавениот инвестициски бран од деловните луѓе на Турција, големиот публицитет на посетата на премиерот Ердоган во Македонија и неговата изјава за зачувување на уставното име, се подинамични се и научните конекции. Покрај овој седми конгрес посветен на Ататурк, пролетоска, исто така во МАНУ беше организиран собир за „Исламот на Балканот“, со тезатата дека реобновата на отоманството спаѓа во концептот на докажување дека исламот е дел од европската цивилизација. Тогаш беше кажано дека Македонија е вистинскиот и единствен простор каде се сочувани најважните артефакти, традиционални и историски вредности за петвековното присуство на османлиството на Балканот и Европа.
Автор: Александар Чомовски
Редактор: Борис Георгиевски