1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Пофалби за Скопје - критики за Атина поради старите табли

ДТЗ
31 август 2021

Тој ги пофали отстапките кои ги направи С. Македонија за таблите и за спомениците и ги критикуваше локалните власти во Грција кои не го спроведуваат Преспанскиот договор.

https://p.dw.com/p/3zj2t
Türkei | Nikos Dendias zu Besuch in Ankara
Фотографија: Adem Altan/AFP/Getty Images

„Грција може да биде најтесниот соработник и најдобриот пријател на Северна Македонија. Имаме интерес за стабилноста во регионот и секогаш им велиме на нашите партнери од ЕУ дека  Западен Балкан не смее да стане буре барут во Европа“, ваква порака испрати денеска во Скопје, грчкиот министер за надворешни работи, Никос Дендиас по средбата со македонскиот колега Бујар Османи, со кој разговараа за повеќе теми поврзани со имплементацијата на Преспанскиот договор, поддршката на македонските евроинтеграции, како и за економската соработка меѓу двете земји, како еден од индикаторите дека односите се движат во добра насока. 

-повеќе на темата: Договорот од Преспа под лупа - кој го кочи процесот?

Двајцата соговорници се согласуваат дека Преспанскиот договор е основата за поддршка и соработка меѓу двете земји, но и за влез на Северна Македонија во европското семејство. Високиот гостин од Грција, ја пофали Северна Македонија за последните конкретни чекори што ги направила во имплементацијата на договорот.

Nord-Mazedonien Prespa Forum Dialog Ohrid
Според Османи, Грција веќе ги исполнила најважните обврски од Преспанскиот договор.Фотографија: Regierung Nordmazedonien

„Имплементацијата се однесува на секое писмо, секоја буква. Со Османи разговаравме за промената на името на Археолошкиот музеј и на името на улицата на која што се наоѓа зградата на МНР“, рече Дендиас. Тој оцени дека се направени многу скорешни чекори од кои еден е тргањето на таблата пред МНР,  поставена во некои други времиња. „Таа табла го претставуваше кралот Филип, таткото на Александар Велики, бидејќи договорени сме заедно дека тогаш вашите претци сѐ уште не биле пристигнати на Балканскиот Полуостров и немале можност да војуваат под водство на Александар Велики во длабочината на Азија“, рече Дендиас на прес-конференцијата со Османи, по што замина и не одговараше на новинарските прашања. 

Нема ентузијазам во Грција

Но, одредени точки од договор се уште остануваат да се имплементираат од страна на Грција. Според Османи, Грција веќе ги исполнила најважните обврски од Преспанскиот договор, а тоа е поддршката за влез во НАТО и за почеток на пристапните преговори со Европската Унија. Според првиот човек на македонската диломатија, Преспанскиот договор не се доведува во прашање со тоа што Грција не исполнува дел од своите обврски, како што е усвојување на трите меморандуми коишто се заглавени во грчкиот парламент, но и промената на таблите. Дендиас вината за таблите ја лоцираше кај локалните власти во Грција. 

-повеќе на темата: Сонцето од Вергина уште е „трн во око“ за Грција

„Дендиас вели дека локалните власти не покажуваат ентузијазам за промена на таблите, но очекуваме во наредниот период да има решение за тоа. Што се однесува до меморандумите, тоа е техничко прашање за начинот на работа во грчкиот парламент и тие ќе ги усвојат во моментот кога ќе оценат дека е најсоодветно“, изјави Османи. Според него, меморандумите се прашање на секторска соработка. „И кај нас има уште три-четири договори кои треба да се потпишат, но тоа не значи дека не го спроведуваме договорот“, оцени Османи.

Силна поддршка за ЕУ

Грчкиот шеф на дипломатијата, кој во Скопје ја дочека информацијата дека останува на оваа клучна позиција и во реконструираната влада на грчкиот премиер, Кирјакос Мицотакис, е задоволен од економската соработка меѓу двете земји. „Покрај пандемијата, заемната трговска размена достигна 800 милиони евра. Соработуваме во полето на енергетиката, во заштитата на воздушниот простор, заштитата на информациите и ќе ја продлабочиме соработката во заштита на спомениците и културното наследство“, рече Дендиас. Тој неколкупати повтори дека Грција ќе и ја даде на Северна Македонија секоја помош која што ќе и биде потребна и ќе го поддржи европскиот пат на земјата. 

„Грција продолжува да биде силен лобист за нашата интеграција и започнувањето на пристапните преговори, што Северна Македонија посебно го цени”, нагласи Османи. Тој се заблагодари за грчката помош за време на пожарите и за справување со пандемијата со Ковид-19.

Слични пораки испрати и премиерот Зоран Заев на средбата со високиот гостин од Грција. „Нашата Влада смета на грчка поддршка меѓу земјите членки на ЕУ во однос на нашето членство, бидејќи тоа е нашата единствена алтернатива и од особено значење и важност се односите и соработката меѓу нашите две земји за нашето пристапување во ЕУ“, рече премиерот Заев оценувајќи го особено позитивно периодот по Преспанскиот договор, за кој е карактеристично интензивирањето на пријателските односи особено преку средби, контакти и иницијативи спроведени на сите нивоа.

На средбата со заменик претседателот на Владата за европски прашања, Никола Димитров, е потенцирана подготвеноста од двете страни за обезбедување континуитет во спроведувањето на Договорот од Преспа.„Нашата долгорочна визија е градење на заедничка европска иднина, поради што ЕУ мора да го исполни сопственото ветување кон Северна Македонија и регионот, и да ја спроведе одлуката за отворање на пристапни преговори. Надминувањето на пречките во тој контекст е прашање што е од интерес и за земјите членки, за Грција  како наш сосед, но и за ЕУ и нејзиното стратешко делување во Западниот Балкан”, рече Димитров.