1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Десен терор - каде е побуната на совесните?

Мартин Николас/З. Јордановски20 октомври 2015

Пред една година за прв пат продефилира Пегида. Многу работи се случија во меѓувреме. Ситуацијата со бегалците ја промени Германија. Деснорадикалните станаа побрутални. Насилството на многу места е стратегија.

https://p.dw.com/p/1Gqkb
Фотографија: Reuters/H. Hanschke

„Купи си солна киселина, инаку НИЕ ќе го сториме тоа!“ Социјалниот работник Карен Лариш често добива такви закани, вели дека дури е распишана и награда за нејзината глава. Сепак таа ни не помислува да се откаже. И нејзиниот проект - Центар за интеркултурни средби - повеќепати беше опустошен од десноекстремните. „Досега поднесов преку 120 пријави“, вели Лариш.

Таа е политички активна и падна в очи ангажирајќи се против десниот екстремизам во градот Гистро, во покраината Мекленбург - Предна Померанија. „Тие стратегиски целно избираат некое лице и во Гистро тоа сум јас“. Со тоа сакаат да ги предупредат другите воопшто да не се активираат.

Десноекстремната сцена во Гистро е генерално многу насилнички настроена. „Тоа оди од напади во младински клубови, во кои врз младите истураат врел чај, па се’ до напади врз хендикепирани лица“. Во последнава година готовноста за насилство уште се покачи, вели таа. „Со ситуацијата со бегалците никој не може да се справи“. Тоа го искористуват десните; во градот во меѓувреме владее клима на страв. Сите се заплашени.

Mecklenburg-Vorpommern - Stadtvertreterin Karen Larisch
Карен Лариш често добива заканиФотографија: picture-alliance/dpa/B. Wüstneck

„Паднаа цивилизациските рампи“

Германија и посебно нејзиниот источен дел се промени, бројката на десномотивирани кривични дела во август достигна кулминација во целата држава. Само во тој месец, според министерот за внатрешни работи Томас де Мезие, се регистрирани 1450 такви дела, годинава досега се извршени 490 напади врз сместувалишта за баратели на азил. Лани, за споредба, во текот на целата година имаше околу 200 такви напади. Министерот тие бројки ги прокоментира со зборовите: „Паднаа цивилизациските рампи“.

Контраразузнавачката Служба за заштита на уставот на почетокот на септември предупреди на натамошен пораст на десното насилство и дури не исклучи ни дека некои групи се подготвени „да извршат десноекстремистички напади“. Причините за тоа Службата ги гледа во антиазилантската агитација на десноекстремистички партии како НПД, „Десницата“, „Новиот пат“ и други. Дебатата за бегалците им даде повторно нов елан на движењето Пегида и на партијата Алтернатива за Германија (АфД), која беше пред згаснување.

Една година по првата „прошетка“ низ Дрезден, Пегида е повторно тука - и тоа со полна сила: на почетокот на минатата недела низ главниот град на Саксонија продефилираа 9000 нејзини приврзаници. Бегалците беа навредувани како „стока“, а за канцеларот Ангела Меркел и вицеканцеларот Зигмар Габриел беа „резервирани бесилки“ поради нивната политика. „Пегида е расистичко и антидемократско движење“, коментира Мартина Ренер од партијата „Левицата“. Обвинителството од Дрезден поведе истрага во врска со бесилките поради „поттикнување на вршење кривични дела и ширење меѓунационална омраза“. На викендот беше објавено дека имало смртни закани против обвинител кој ја водел истрагата.

Deutschland Pegida Kundgebung in Dresden
Демонстрација на Пегида во Дрезден со бесилка за вицеканцеларот Зигмар ГабриелФотографија: Reuters/H. Hanschke

Мартина Ренер гледа јасна поврзаност меѓу порастот на насилството и приливот на приврзаници кај деснонационалните групи: „Тука некои се чувствуваат како ’извршители на широко сфатена народна волја‘, која преку Пегида доаѓа до израз на улиците“.

Екстремизам во средиштето на општеството

Колку можат да бидат заканувачки тие самонаречени „извршители“, забележуваат не само доброволно ангажираните, туку и избраните претставници на народот. Документацијата „Мрачна Германија“ на АРД (Првата програма на германската телевизија - н.з.) покажува како можат едноставно граѓански протести да се претворат во насилство. „Побуната на совесните изостанува“, раскажува Детлеф Флајшман, градоначалник на Науен, град во покраината Бранденбург. Тој реши да прифати бегалци и покрај отпорот на некои гласни противници. Прво некои граѓани излегоа на улици протестирајќи против него, потоа уследија директни и лични закани, а на крајот беше запалена спортската сала предвидена за сместување на бегалците. „Може да се зборува за тероризам“, вели социјалдемократскиот градоначалник. И покрај тоа, Флајшман го гради планираното сместувалиште за бегалци.

Во градот Треглиц десните сили постигнаа успех: градоначалникот Маркус Нирт под нивен притисок поднесе оставка велејќи: „Немам поддршка од населението и од политиката“.

Brandanschlag auf Flüchtlingsheim in Bischhagen
Опожарен објект за сместување на бегалци во БишхагенФотографија: picture-alliance/dpa/M. Gränzdörfer

Политикологот Хајо Функе, пензиониран професор на Слободниот универзитет Берлин, зборува за „доминација на џганот во секојдневието“. Притоа го има предвид градот Мајсен на Елба. И таму се чини дека се расплинети границите меѓу отворениот десен екстремизам и делови од граѓанскиот центар.

Побуна на совесните?

Ситуацијата во однос на заканувачката состојба денес е споредлива со онаа од 90-тите години на минатиот век, вели Мартина Ренер, која е членка и на парламентарната Анкетна комисија за случајот со убиствата извршени од страна на НСУ (Национал-социјалистичката илегала). Разликата, според неа, е само што денес се креваат значително повеќе луѓе. Но, не секаде. Примерите од Гистро, Науен и Треглиц покажуваат дека десните групи вршат некој вид насилна превласт, толерирани од многу граѓани од центарот на општеството.

NSA-Untersuchungsausschuss 05.06.2014 Berlin Martina Renner
Мартина Ренер од „Левицата“Фотографија: picture-alliance/dpa

Токму поради тоа во Германија недостасува еден вистински сигнал во целата земја, смета Ренер: „Во Австрија 150 000 луѓе излегоа на улица за бегалците, а против расизмот. Кај нас уште не се случи такво нешто“.

Таков знак очекува и Карен Лариш, која во меѓувреме е под директна полициска заштита и само во одредено време смее да излезе од дома: „Јас сум ограничена во моето дејствување, додека оние кои ми го прават тоа, слободно се шетаат“.

Една година по првото дефиле на Пегида, Лариш нема многу причини за надеж. Но, барем неодамна доби забележителна донација од актерот Тил Швајгер за нејзиниот Центар за интеркултурни средби. А постојано добива и електронска пошта со пораки како „Добро е што те има“ или „Фала ти, дека го правиш тоа“. Но, се’ помалку луѓе излегуваат со неа на улица на протест против десните: „А имавме време во кое на сите прозорци во Гистро има истакнати шарени знамиња, кога дефилираа десните. Тоа време помина“, констатира Карен Лариш.