1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Опасност од десничари: полицијата под сомнеж

Ханс Фајфер
17 септември 2020

Закани за убиства, депоа со оружје, цртани свастики - има ли десно-екстремистички мрежи и во германската полиција? Неодамна откриени чет групи во полицијата во Северна Рајна Вестфалија ги потврдува сомнежите.

https://p.dw.com/p/3ibw1
Deutschland Polizeifahrzeug
Фотографија: K. Schmitt/Fotostand/picture-alliance

Сторителот се нарекува „офицер на СС". Се алудира на страшните аспекти од германската историја. Таквиот ранг во силите на националсоцијалистичка Германија стои зад убиството на милиони европски Евреи, зад терор и смрт. Сега во 2020 година германската кабаретистка Идил Бајдар добила закана за смрт потпишана од еден самопрогласен таков офицер.

Бајдар е успешна кабаретистка, која го третира секојдневниот расизам против доселеници и со тоа забавува милиони Германци, но и ги наведува да размислат.

Случајот не само што вознемирува, туку и политички е релевантен. Трагата насторителот води директно во германската полиција. Писмото со закани против Идил Бајдар содржи приватни информации до кои се дошло преку компјутер на полицијата во сојузната покраина Хесен.

Закана за убиство со линк до компјутер на полицијата

Бајдар од весник дознала за ‘шпионирањето’. „Чудно ми е што ниту еден полицаец не се јави. Никој не рече: ја имаме ситуацијата под контрола, не се грижете, ние ве штитиме. Се чувствувам препуштена сама на себе, изгледа дека полицијата е рамнодушна за заканата врз мене”, вели таа во интервју за „Тагесцајтунг”.

Бајдар не е прв таков случај. Повеќе политичарки на Левицата од 2018 добиваат слични закани по електронска пошта. И нивните податоци биле повлечени преку компјутери на полицијата од Хесен. Во меѓувреме обвинителството покренало истрага.

Првиот човек на полицијата во Хесен, Удо Минх, во вторникот си поднесе оставка. Министерот за внатрешни работи на покраината, Петер Бојт, е под притисок. Смета дека е возможно да има десничарска мрежа во рамки на полицијата. „Очекувам од полицијата во Хесен дека ќе преземе сѐ за да ги сузбие таквите сомнежи”, изјави Бојт на пресконференција и најави вклучување на специјални истражители.

Deutschland Wuppertal | Razzia gegen Clankriminalität
Фотографија: picture-alliance/dpa/M. Kusch

Случувањата предизвикаа дебата во цела Германија: дали има структурен расизам во полицијата? И има ли десноекстремни мрежи кои ја поткопуваат државата? За синдикатот на полицијата одговорот е јасен: „Во германската полиција немаме структурен расизам”, вели заменикот претседател Јерг Радек во разговор за ДВ. Ако имало појава на расистички или десничарски случки, тоа биле само индивидуални случаи “и тука мора да се истражува со средства на правната држава”. Радек и неговиот синдикат наидуваат на широка поддршка во политиката за таквиот став. Но, и во Германија расте притисокот врз безбедносните сили меѓу другото и заради протестите во САД против расистички мотивирано насилство од полицијата.

Десно-екстремен полицаец собрал 50000 парчиња муниција

Листата на вознемирувачки настани е долга. Во најголемата сојузна покраина Северна Рајна Вестфалија неодамна беа суспендирани 29 полицајки и полицајци бидејќи во десноекстремистичка чет група споделувале фотографии од Хитлер и насилни фантазии против бегалци. Во Северна Германија полицаец формирал чет десноекстремистичка група. Таму се водат т.н. „Листи на непријатели” со илјадници имиња на политичари, новинари и активисти.

При еден претрес полицијата нашла пушки, гранати и 50000 парчиња муниција. Дел од групата според информации на основачот биле и многу други полицајци и војници.

Повеќе:

-Пораст на расизмот во Германија

-Полициско насилство во Германија: „Брате, тоа не е смешно!“

-Висок степен на исламофобија во Германија

Освен тоа, постојано има цртани свастики и анти-исламски пароли на полициските академии во Берлин и Бранденбург. Во спектакуларни криминални случаи од минатите децении полицијата постојано паѓаше в очи со еднострана истрага во која жртвите со миграциска позадина самите биле осомничени, наместо да се истражува во сите насоки.

Најпознат пример е серијата убиства од самопрогласеното „Национал-социјалистичко подземје”. Десноекстремистичката терористичка група меѓу 2000 и 2007 убила девет бизнисмени со миграциска позадина и една полицајка. Но, властите во истрагата се насочија пред сѐ на самите фамилии на жртвите. Убиствата не беа сопрени од полицијата, уку од самоубиството на двајца членови во 2011 година.

Потфрлањето на полицијата и тајните служби доведе до формирање безброј парламентарни истражни комисии.

На крајот дури и конзервативните политичари зборуваа дека државата потфрлила. Политиката и полицијата ветија дека ќе се поправат. Но, од тогаш изгледа малку се променило. Граѓански активисти со години критикуваат дека секојдневната дискриминација на „People of Color” во Германија не се сфаќа сериозно.„Особено кога станува збор задржавни институции, таму и натаму владее многу тесна интерпретација на расизмот”, вели Тахир Дела од Иницијативата на црномурести луѓе во Германија. "Расист е само оној кој се декларира за таков; институциите не препознаваат дека има вткаен расизам”.

Недостиг од студии

Во Германија има недостиг од релевантни цифри за структурата и распространетоста на расистички ставови во рамки на полицијата. Министерот за внатрешни работи Хорст Зехофер одби студија за т.н. расно профилирање, односно контрола на лица врз оснива на бојата на кожата. И тоа иако Европскиот совет ја препорача за Германија.

Bundeskanzlerin Merkel besucht NSU-Gedenkort in Zwickau
Фотографија: picture-alliance/AA/A. Hosbas

Тоа било грешка, критикува Тајир Дела во разговор со ДВ. „Расистички мотивирано насилство од полицијата може да доведе до смртни случаи. Тоа важи за САД и за Германија, и покрај сите разлики во двете земји. Да не се расветлат институционалните приблеми не води до подобрување”.

Рафаел Бер, кој е експерт за полиција, во гостински прилог во магазинот „Шпигел” се жали за погрешен однос на германските безбедносни структури со проблематичната тема и зборува за опасно негирање од страна на полицијата. "Според моите набљудувања, исправните стануваат потивки, а неисправните погласни. Тие повеќе имаат храброст да кажат нешта кои порано можеби ќе ги правеле само во тајност. Го забележуваме тоа и за време на студиите, коментарите се побезобразни, доминантни и поригидни.”

Најголема закана за безбедноста

Тоа се поклопува со сознанијата на внатрешната тајна служба во Германија, Сојузната служба за заштита на Уставниот поредок. На 9 јули министерот за внатрешни Зехофер го претстави Извештајот за 2019 година.

Тој зборуваше за голем пораст на антисемитизмот, десничарскиот екстремизам и расизмот ги нарече најголема закана за безбедноста во Германија.