Димас, првпат...
17 декември 2014Шефот на државата во Грција има само протоколарна функција и не се избира од граѓаните на директни избори, туку во парламентот. За негов избор потребно е дво-третинско мнозинство гласови, или 200 од вкупно 300-те пратеници. Доколку ова мнозинство не биде обезбедено по првите два круга гласање, во третиот круг доволно е и мнозинство од 180 гласови. Доколку и по третиот круг не биде избран претседател, согласно Уставот, се свикуваат вонредни парламентарни избори. На тоа се надева и, во моментов водечката според анкетите, левичарската партија Сириза.
„Тоа што левичарската опозиција воопшто и не предложи свој кандидат, покажува дека тие веќе се подготвуваат за вонредни избори“, вели публицистот и политички советник Левтерис Кусулис за ДВ. Тој не очекува дека големата конзервативно-социјалистичка коалиција која ја предводи премиерот Андонис Самарас ќе обезбеди мнозинство од 180 гласови во парламентот, но и не ја исклучува сосема таквата можност. Најважен сигнал, вели тој, ќе биде првото гласање кое ќе се одржи в среда на 17 декември. „Никој не очекува дека Димас ќе добие 200 гласа, но има голема разлика дали во гласањето ќе го поддржат 170 пратеници, или единствено пратениците од владејачката коалиција“, смета Кусулис.
Во моментов, владата на Самарас ја има поддршката на 154 пратеници во парламентот. Но левичарската опозиција, од друга страна, контролира само 71 глас, а парламентот е раслоен како никогаш досега од воведувањето на демократијата во 1974 година. Сето тоа ги прави прогнозите за исходот од гласањето дотолку потешки. Јасно е дека голема улога ќе играат и гласовите на 24. независни пратеници, мнозинството од кои немаа аверзија кон Димас.
Прашање е како ќе гласаат независните пратеници, со оглед на тоа што дел од нив се поранешни членови на конзервативната Неа Демократија и на неонацистичката Златна зора, а останатите, претежно бивши членови на Пасок. Но, и сите да гласаат за Димас, тој пак нема да собере доволно гласови.
„За Самарас останува само една шанса, а тоа е да бара гласови од политичката конкуренција“, вели политичкиот новинар Јанис Питарас. Мнозинство може да се добие со поддршка од 12. пратеници на десно-популистичката партија Независни Грци, кои пак се длабоко поделени меѓу себе. Втората опција се 10. пратеници на Демократската левица на поранешниот министер за правда Фотис Кувелис.
Коалиција на радикалната левица и десните популисти?
Во меѓувреме, на политичката сцена се случуваат настани кои ги изненадуваат дури и добрите познавачи на грчката политика. Имено лидерот на десно-популистичката Независни Грци, Панос Каменос и шефот на Сириза, Алексис Ципрас договараат коалиција во случај, по вонредните избори, левицата да нема доволно пратеници за да состави влада.
„Ваквата коалиција нема никаква иднина и ќе им наштети на обете партии, но таа се случува. Она што ги обединува Сириза и десничарските популисти е нивното противење на политиката на штедење“, вели политологот Левтерис Кусулис. Но, притоа треба да се има предвид дека Независните Грци воопшто не се хомогена политичка сила. И затоа не може да се исклучи дека одредени пратеници од движењето евентуално би гласале и за Димас.