Димитров: Ова што го прави Бугарија не е пристојно
20 ноември 2020По 15 години кандидатски статус, вета од Грција, Франција и Бугарија, станува тешко да се разбере дали ЕУ е сериозна, вели во интервјуто за австрискиот весник Стандард актуелниот вицепремиер за евроинтеграции и поранешен шеф на дипломатијата Никола Димитров.
„Најпрво бевме блокирани од Грција, но го решивме овој проблем. Потоа Франција покрена нова методологија за проширување и сега постои нов проблем со Бугарија. Навистина е тешко да се разбере дали ЕУ е сериозна во однос на нас“, вели Димитров.
Министерот вели дека доколку Софија не ги промени позициите, „ќе мораме да најдеме нови начини на кои ќе ја европеизираме нашата земја".
„Бидејќи, ако нашиот процес на пристапување се сведе толку многу на билатерален проблем што дискусиите за историјата ќе станат поважни од борбата против корупцијата, независноста на судството, функционирањето на демократските институции, слободата на медиумите, околината и енергијата, тогаш тоа не е процес кој европеизира, туку процес кој балканизира."
Тој во интервјуто ги критикува како навредливи, бугарските позиции во кои се говори за т.н. македонска нација и јазик.
„Во некои бугарски документи постојат тврдења кои се, отворено кажано, навредливи. Овде станува збор за ’таканаречена македонска нација’ и таму се вели дека нашиот јазик е западнобугарски дијалект. За ваква расправа не би требало да има простор во Европа во 21 век! Ниедна друга земја нема правна основа за отворање прашања кои се во центарот на нашиот суверенитет. Нашиот јазик е наша работа. А ставањето под знак прашалник на јазикот и идентитетот на соседот не е добрососедство, а искрено, во 2020 година не е ни пристојно“, вели Димитров во интервјуто за австриски Стандард.