Ќе се обнови ли кредибилитетот на ЕУ на Балканот?
23 јули 2021„Или ќе го обновиме или ќе го изгубиме кредибилитетот на Европската Унија на Балканот. Многу се потпираме на занаетот и мудроста на нашите словенечки пријатели, за кредибилитетот да се задржи, а не да се загуби“, порача денеска вицепремиерот за европски прашања, Никола Димитров, пред почетокот на неформалниот состанок на шефовите на дипломатиите на земјите- членки на Европската Унија.
Димитров смета дека под словенечкото претседателство во следните недели и месеци ќе се достигне оваа точка на решителност.
-повеќе на темата: Димитров: Во Европа ќе влеземе како Македонци коишто зборуваат македонски јазик
Тој вели дека е големо задоволство да се биде во Брдо во Словенија и дека ја цени поканата на словенечкото претседателство. За него има смисла земјите од регионот да бидат таму со земјите членки на Европската Унија и додаде дека го покрене и прашањето за пристапувањето и проширувањето на Унијата.
Една од главните теми на состанокот „Кон поотпорна Европска Унија по ковид-кризата“ е и справувањето со коронавирусот. „Вирусот не знае за граници и не знае дали некоја земја е членка или пак има статус на кандидат. Дури и ако гледате географски ние сме окружени од земји членки и затоа битката треба да се води заедно со ЕУ“, изјави Димитров.