1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Директорот на ФБИ на отстрел поради Клинтон

Михаел Книге
3 ноември 2016

Откако директорот на ФБИ го извести Конгресот за новата истрага во врска со имејлите на Хилари Клинтон, Џејмс Коми се наоѓа на удар на жестока критика. Но, дали тој можел поинаку да постапи?

https://p.dw.com/p/2S4eJ
USA James Comey
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/B. Matthews

Уште на 2 март 2015. година Џејмс Коми веројатно не насетуваше ништо добро. На овој ден весникот „Њујорк тајмс“ обелодени дека Хилари Клинтон во периодот додека беше министерка за надворешни работи, користела приватен сервер за електронската пошта. Уште тогаш, а најдоцна во моментот на нејзиното официјално објавување на претседателската кандидатура, на Коми мора да му било јасно дека овој случај допрва може да му задава главоболки. Зашто, Клинтон уште тогаш не само што важеше за најголем фаворит, туку беше и една од најспорните политички фигури во земјата.

Откако Хилари Клинтон само неколку дена по објавувањето на извештајот на „Њујорк тајмс“ го потврди користењето на приватниот сервер, истрагата против нејзе зеде вистински замав дури во летото. Во август стигна и официјалната потврда од ФБИ за водење истрага против демократската претседателска кандидатка.

Околу една година потоа, на 5. јули 2016. година, директорот на ФБИ Џејмс Коми го соопшти завршувањето на истрагата со резултат - нема основа за тужба против Хилари Клинтон. Тоа беше необично од повеќе причини. Зашто, во САД не е вообичаено ФБИ да соопштува крај на истрага, притоа на неколку месеци пред претседателските избори и тоа на толку исцрпен начин на којшто Коми лично настапи пред новинарите.  

Bildkombo James Comey und Hillary Clinton
Џејмс Коми и Хилари КлинтонФотографија: Getty Images/AFP/Y. Gripas/J. Sullivan

Невообичаена сутуација

„Во ваква посебна ситуација, директорот реши дека мора лично да се изјасни“, вели за Дојче веле Даниел Ричман, професор по право на Универзитетот Колумбија и поранешен американски државен обвинител. Ричман го познава Коми веќе три децении и е негов советник. „Ако тој речеше само дека истрагата е завршена, Конгресот би повел сопствена истрага за да открие што Коми не споменал“. Коми беше повикан во Конгресот. Републиканците, кои ја имаат контролата во Когресот, беа лути што шефот на ФБИ, без оглед на острата критика на адреса на однесувањето на Клинтон, не сакаше да препорача тужба против претседателската кандидатка на демократите. На студен однос Коми, и самиот поранешен републиканец, наиде и кај своите поранешни сопартијци, а посебно кај претседателскиот кандидат Доналд Трамп. Напротив, од страната на демократите, кои почувствуваа олеснување по истрагата, тој доби пофални зборови. Се чинеше, со тоа приказната е завршена.

Сѐ до моментот додека Коми, во петокот пред Хеловин, на единаесет дена пред изборите, по вторпат во рок од неколку месеци запали политичка бомба. Во штуро писмено известување до водечките членови на Конгресот соопшти дека неговата служба почнала нова истрага во врска со имејл-аферата на Клинтон. Тој не можеше да каже дали новопојавените имејли се воопшто релевантни. Писмото не само што предизвика интерес во јавноста, туку ја предестинира и изборната кампања. 

Чудовишна злоупотреба на службената положба

Овојпат критиката против Комни сосем очекувано стигна од таборот на демократите и од Хилари Клинтон. Зашто, со своето писмо шефот на ФБИ не го скрши само железното правило, шест недели пред изборите да се воздржи од што било што би можело да се интерпретира како политичко влијание. Уште повеќе, со своето писмо тој ја преврте на глава предизборната кампања, на западнатата кампања на Трамп ѝ вдахна нов живот ија притисна Клинтон во дефанзива. Постапката на Коми предизвика вчудовидување и кај бројни републиканци и правни експерти, зашто тој реши, без оглед на предупредувањата од надредените служби, да го информира Конгресот.

„Да се информираат членовите на Конгресот околу новата ситуација во истрагата против водечката кандидатка на опозиционата партија е чудовишна злоупотреба на службената положба“, вели за Дојче веле Ричард Пеинтер, професор по правни науки на Универзитетот во Минесота и во периодот 2005 - 2007 година раководен правник за етички прашања во Белата куќа. „Тоа не е начин на кој што работи ФБИ, своите истраги службата ги врши тајно.“

Вилијам Снајдер, поранешен заменик американски државен обвините во Пенсилванија и Вашингтон, смета пак дека Коми, минатата недела, кога го испрати писмото, се наоѓал во икслучително деликатна ситуација. „Тој пред Конгресот веќе даде изјава за завршената истрага на ФБИ во врска со имејлите на министерката за надворешни работи Хилари Клинтон. Мислам дека во моментот кога дознал за постоење нов истражен материјал, дека постапката не е завршена, тој се чувствувал принуден на дополнување на својата изјава дадена под заклетва.“

USA Neue FBI-Untersuchung zu Clinton-Emails
Имејлите на Клинтон повторно на тапетФотографија: Reuters/B. Snyder

Кој е виновен

Пеинтер, како и многумина други, смета: „Тој самиот се доведе во принудна ситуација. На Конгресот му вети нешто што не смееше никогаш да го вети, имено, дека ќе го информира доколку постојат нови моменти во постапката.“ Снајдер пак вината ја гледа во Конгресот. „Воопшто немаше да дојде до ваква ситуација ако Конгресот не го поканеше Коми. Јас мислам дека тој сакаше да постапи правилно.“

Според Даниел Ричман, советникот на Коми, за директорот на ФБИ однапред немало добри изгледи во целата ситуација, без оглед што и да направел. Ако ништо не кажеше, медиумите порано или подоцна ќе дознаеја за истрагата и Коми ќе беше критикуван за молк во вакви невообичаени околности. Бидејќи излезе со изјава, го критикуваат за вршење политичко влијание.

„Неговата агенда е заштита на интегритетот и веродостојноста на ФБИ. Ова е еден екстремен акт на одење по жица, при што сегашниот, исто како и поренешните директори, си ја чукале главата“, вели Ричман.