1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Можниот компромис меѓу С. Македонија и Бугарија

20 декември 2021

Една сериозна историска комисија оттука натаму треба да се занимава само со настаните од средината на 20 век: бугарскиот фашизам и раниот југословенски комунизам, пишува во колумна за ДВ, бугарскиот професор Ивајло Дичев

https://p.dw.com/p/44Y3y
Ивајло Дичев
Професор Ивајло ДичевФотографија: BGNES

Новата влада на Кирил Петков се потпира на прагматизам и енергично дејствување. Се разбира, таа тргна да ја извлече Бугарија од ќорсокакот во односите со Северна Македонија, каде што ја турнаа популистите на ВМРО (какво име за бугарска партија!). Петков постави рок од 6 месеци за изнаоѓање компромис и најави дека ќе го прошири опсегот на разговорите меѓу двете земји во насока на бизнисот, транспортната инфраструктура и културна размена. Затоа што е поважно брзо да се отвори авионска линија до Скопје (како што ветува владата) отколку да се караме за етничката припадност на Гоце Делчев. 

Се разбира, политиката е уметност на компромис и бугарските политичари ќе мора да им покажат на своите гласачи дека нешто добиле и го заштитиле националниот интерес. Како впрочем и македонските. Да додадам и дека претседателот Радев - иако го откри и го одгледа Петков – не е на иста линија со него и нема да се изненадам ако почне да изигрува вжештена глава на оваа тема. Сепак, доброто е што лажните патриоти не влегоа во парламентот, а национал-социјалистите колабираа на изборите. 

Прашање е што може да има призвук на победа пред бугарскиот електорат, кој веќе три години се обработува со антимакедонска хистерија (која, патем, се разгорува и на другата страна). Изградбата на железничка пруга е долга работа, но промената на неколку табли на скопските улици ќе им донесе на Бугарите експресно задоволство. 

Вклучувањето на Бугарите во Уставот 

Софија има шест барања. Ги оставам настрана двете чисто формални - декларацијата за немешање во внатрешните работи на Бугарија и редовна употреба на „република“ во името на Северна Македонија (што би требало да значи дека Скопје нема територијални претензии кон Пиринскиот регион). Нашиот сосед е многу помал и воено слаб и да се плашиш од такви работи ми изгледа малку апсурдно. Но, во секој случај, овие две работи можат веднаш да се надминат ритуално и свечено.  

Основото барање до Скопје е „вклучувањето на Бугарите во уставот на Северна Македонија“.  Според моите согледувања, тука е клучот за подигнување на ветото - нашите владетели ќе можат да се вратат со трофејот и да слават. Пред 20 години таму имало 1.400 Бугари, сега слушам дека се зборува за околу 3.000, што е три пати помалку од Власите. Но, се разбира, нема никакви пречки тие да бидат прогласени за малцинство во уставот во делот пред зборовите „и други“.  

Сепак, тука има две тешки прашања. За промена на македонскиот устав е потребно квалификувано мнозинство, а не сум сигурен дали тоа може да се обезбеди во моментов.  Второто е дали Софија ќе биде задоволна од бројот на луѓе кои ќе се декларираат како Бугари на овогодинешниот попис. Од претседателот до последниот фејсбукар, Бугарите се убедени дека бројката ќе биде изманипулирана. Каде се тие 120.000 луѓе што се декларираа за Бугари и земаа пасоши? Значи ги дискриминираат, не дозволуваат да имаат свој идентитет? Се разбира, вистината им е јасна на сите - земале (а понекогаш и купувале!) пасоши не затоа што се чувствувале како Бугари, туку за да одат на работа во Германија. Но, каде да ги бараме сега, и да ги натераме да се попишат како Бугари? 

Бугарија Пасош
Каде се тие 120.000 луѓе што се декларираа за Бугари и земаа пасоши?Фотографија: BGNES

Во Северна Македонија тешко дека се изненадени од оваа тема - пописот таму најчесто станува политички проблем, бидејќи правата на малцинствата се нумерички. Не знам колку оваа одлука ќе ги задоволи бугарските граѓани кои се убедени дека во Северна Македонија живеат потомци на Бугарите. Да се ​​добијат права на малцинство ќе значи и дека мнозинството во таа земја е различно. Да додадам дека е сосема дрско од наша страна да инсистираме некој да внесе малцинства во уставот, ако ние самите не ги признаваме како малцинство ниту Турците кои се околу 8%. И дали сме подготвени на реципрочна основа да го признаеме македонското малцинство кај нас - одговорот е официјален и дефинитивно не. Но, да не ситничариме. Компромисот е лесен и ништо не го чини Скопје да го направи - само доколку се обезбеди мнозинство од две-третини во Парламентот. 

Говорот на омраза?! 

Запирањето на говорот на омразата кон Бугарија е нешто нејасно што може да се развлекува како сакате. Беа давани примери со фактот дека античките Бугари биле дефинирани како Татари. Не знам што е навредливо да се биде Татар, мислам дека ги навредуваме Татарите со тоа што се навредуваме. Но, тоа во секој случај е глупост. Ако утре во македонските учебници пишуваат дека прабугарите се Хуни, што е поблиску до вистината, ние веројатно сепак и тоа ќе го сметаме за „говор на омраза“. Претходно, некој сексистички ја беше навредувал министерката за надворешни работи, некои го навредувале пејачот на Евровизија, кој имал  бугарски пасош. Еден новинар отиде дотаму што ги обвини соседите дека не се радувале на нашиот влез во ЕУ. Е па, не нѐ сакаат и тоа е! 

Проблемот е што се бара конфликт за да се оправда нашата позиција - видете колку сме моќни, нешто зависи и од нас, ќе покажуваме сила врз послабиот. Сетете се само на неодамнешното обвинување во бугарските медиуми дека во Северна Македонија се сквернават бугарските воени гробишта. Потоа испадна дека Министерството за надворешни работи треба да провери дали воопшто таму има такви гробишта. И скандалот стивна, но остана чувството дека нѐ навредуваат. Се надевам дека Петков нема потреба да ја игра оваа игра, неговиот електорат е различен. 

Историјата е најтешка тема 

Се разбира, најтешката тема е историјата. За жал, владата на Петков нема да ја затвори несреќната историска комисија, но, се чини дека новата политика се подготвува да „гледа напред“, а историчарите да не се поттикнуваат со политичките задачи. Впрочем, такво нешто предвидува и единствената потточка во Договорот за добрососедство каде што се споменува историја - дека комисијата треба да работи, но не се предвидува таа да одлучува за влез во ЕУ; нема рокови за нејзините одлуки, ниту се прецизирани целите за неа. Да потсетам дека Франција и Германија го напишаа својот прв заеднички учебник по историја точно 50 години по склучувањето на Елисејскиот договор за пријателство, 56 години по формирањето на Европската економска заедница. Да почнеа со историја, сега ќе беа како нас - до никаде. 

За Бугарија е акт на агресија самото постоење на Северна Македонија

И ако ме прашувате мене, воопшто не се работи за историски факти на кои се колнат и двете страни, туку за идентитети кои тргнале во различни правци во текот на минатиот век. Идентитетот не е факт, туку колективно искуство засновано како на историја, така и на митови, филмови, песни, локална кујна… Се надевам дека Петков замислува нешто како совет за културна размена - потрага по она што нè зближува, а не „авторско право“ врз еден или друг херој од минатото. 

Бугарија | Кирил Петков
Кирил Петков, бугарски премиерФотографија: BGNES

Една сериозна историска комисија оттукa натаму треба да се занимава само со настаните од средината на 20 век, кои имаат директна врска со раздорот меѓу нашите народи: бугарскиот фашизам и раниот југословенски комунизам.

За второто, се надевам дека македонските интелектуалци ќе се мобилизираат и ќе го осудат насилството врз народот со бугарска самосвест по 1948 година. Рехабилитацијата на жртвите е едно од барањата на бугарската страна, кое веднаш може (и треба!) да се исполни. 

Суштината на фашизмот 

Со бугарскиот фашизам треба да се зафатиме ние тука. До 1989 година, доктрината за монархофашизмот беше официјално усвоена од Комунистичката партија, па дури имаше и титула „борец против фашизмот“. Како се случи наеднаш овие луѓе - поранешни комунисти како Радев, поранешни информатори на државната безбедност како Каракачанов – да се  завртат и да изјават дека немало фашизам, а тоа што сме го правеле на окупираните територии било по наредба на Хитлер? Од десет бунари носеа вода за да докажат дека немало  фашизам, немало масовна партија, немало гасни комори. Па, има разни фашизми - од мекиот во Португалија до радикалниот во Унгарија. Но, надвор од терминолошкото жонглирање на секој нормален човек му е јасно дека тогашната бугарска држава била соучесник во нацистичките злосторства – им дозволила на германските трупи да ги нападнат Југославија и Грција, ги превезувале Евреите во Треблинка со вагоните на Бугарската железница. А аргументот, дека сме ги спасиле нашите, а сме ги дале странските Евреи - е тој сам по себе е суштината на фашизмот.  

Мислам дека ако Бугарија направи гест по тоа прашање и отстапи - што во прв ред значи да престане да се „навредува“ од фашистички окупатор - работите ќе се поместат. Мислам дека тогаш и соседите ќе разберат дека многу бугарски војници некогаш верувале дека учествуваат во возвишена кауза, а потоа биле измамени.

За историјата ќе има разбирање само ако секој е подготвен да ги погледне сопствените грешки.

Ивајло Дичев
Ивајло Дичев Ивајло Дичев е долгогодишен автор и дописник на бугарската редакција на ДВ.
Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема