1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Довербата во Украина не е безгранична

Бернд Јохан/ превод: Ж. Ацеска2 април 2015

Посетата на украинскиот премиер Арсениј Јацењук на Берлин падна во сенка на тешките обвинувања на Советот на Европа за настаните во Киев. Тој вети расветлување, што уште одамна требаше да се случи, смета Бернд Јохан.

https://p.dw.com/p/1F1vZ
Фотографија: Reuters/H. Hanschke

Кој е одговорен за убиените во Киев? Од крвопролевањето на плоштадот Мајдан помина повеќе од една година. Во ескалацијата на насилството во украинскиот главен град беа убиени над 100 луѓе. Досега убиствата не се разјаснети. Извештајот на експертска група од Советот на Европа сега со право остро критикува: властите во Украина правно ја блокирале истрагата, разјаснувањето било спречено. Очигледно, и затоа што припадниците на безбедносните сили, кои учествуваа во насилството во Киев, беа потребни за војната во источниот дел од земјата и затоа требаше да бидат сокриени.

Украина мора да ги спроведе европските вредности

Оваа поразителна оценка ја засени посетата на украинскиот премиер Арсениј Јацењук во Берлин. Украинскиот премиер вети расветлување. Но, неговите министри за таа цел имаа време со месеци. Никакво чудо што Киев сега е мета на критики. Во разјаснувањето на злосторствата на Мајдан не се работи само за правда за жртвите и казнување на извршителите. Во прашање е и тоа дали Украина може да ги спроведе европските вредности на правна држава.

Тоа не е нималку лесна задача за една земја која се наоѓа во војна и која во корен мора да го реформира со години присутниот корумпиран државен систем. Европа и натаму е подготвена да и‘ помогне на Украина. Германската канцеларка Ангела Меркел при посетата на Јацењук вети натамошна поддршка, првенствено од економски и финансиски аспект. Зашто, таа знае дека земјата се‘ уште е нестабилна поради војната. Но, од причина и што се‘ уште не е скршена власта на старите клики и на олигарсите.

Deutsche Welle REGIONEN Osteuropa Ukrainisch Bernd Johann
Бернд ЈоханФотографија: DW/P. Henriksen

Нема стабилизација без прекин на огнот

Кон тоа се надоврзува тоа што Русија не само што и‘ го одзеде Крим на Украина, туку истовремено ја принуди на војна која одзеде илјадници човечки животи и уништи еден дел од земјата. Обновата може да успее само со енормни сили. Предуслов за тоа меѓутоа е да се одржи молкот на оружјето договорен во Минск.

Украинскиот премиер во Берлин изрази скепса во поглед на шансите на овој договор. Грижите ги споделува и Германија. Зашто, руските тенкови и ракети се‘ уште се во Украина. И натаму се заканува напад на бунтовниците, поддржани од Русија, врз украинскиот пристанишен град Мариупол. Примирјето постојано е прекршувано.

И Москва го спречува разјаснувањето на убиствата на Мајдан

Анексијата на Крим и војната во Донбас беше одговорот на Кремљ на желбата на Украинците за подобар живот. Стотици илјади Украинци во тоа име мирно протестираа. Но, на крајот загинаа луѓе, најголем дел убиени од куршумите на снајперисти кои од зад грб пукаа во масите луѓе.

Ова злосторство мора да се разјасни. Многумина одговорни - екс-претседателот Виктор Јанукович и неговиот министер за внатрешни работи побегнаа во Русија, исто како и припадниците на специјалните единици, кои тогаш со сила се справуваа со демонстрантите. Исправно е што Јацењук ја критикува улогата на Русија. Таму побегнаа важни сведоци и можеби и злосторници. И Москва така до денес спречува расветлување на злосторството. Но, и Киев мора да даде свој придонес. Инаку, ќе ја прокоцка довербата на своите партнери од Западот.