Договорот ИНФ е минато: Што понатаму?
2 август 2019Втори август е денот кога САД официјално се повлекуваат од Договорот за ограничување на нуклеарните ракети со среден дострел кој беше потпишан во 1987 година и на САД и Русија им наложуваше комплетно да го елиминираат својот арсенал на ракети со дострел од 500 до 5500 километри.
Со договорот за прв пат двете суперсили прифатија да елиминираат цела категорија на нуклеарно оружје и да дозволуваат опширни инспекции на своите постројки за да обезбедат дека двете страни ги почитуваат одредбите од договорот.
Тоа беше особено важно за Германија, која во 70тите и 80тите години на минатиот век се соочуваше со масовни демонстрации насочени против стационирањето на нуклеарно оружје на нејзина територија. Кога демонстрантите не успеаа во своите намери, повеќе од 100 ракети од типот Першинг 2 беа стационирани во Западна Германија.
Благодарение на потпишувањето на договорот беа уништени 2,692 ракети. Нешто помалку од половина од нив не беа позиционирани, или пак се наоѓаа во лагери. Се до денес во Германија преовладува одбивен став кон атомско оружје.
Речиси три децении по потпишувањето на договорот, САД врз основа на извештаи на тајните служби ја обвинија Русија дека не го почитува договорот. Вашингтон тврди дека руската ракета 9M729 ги прекршила одредбите од договорот. Русија пак ги отфрла обвинувањата и тврди дека ракетата има максимален дострел од 480 километри и дека од тие причини е комплементарна со договорот.
Кој е влогот на Европа?
Како што продолжуваат меѓусебните обвинувања на релација Вашингтон – Москва и обврските од договорот се суспендирани, така европската безбедност е се пофрагилна.
Улрих Кин од Институтот за мировни истражувања и безбедносна политика при универзитетот од Хамбург смета дека ова се „многу лоши вести за европската безбедност” и додава дека „тоа значи оти практично се враќаме во историјата во 1980 година каде од руска страна ги гледаме ракетите насочени кон Западна Европа и можеби за година или две и од западна страна насочени кон Русија.”
Минатата година во западните земји имаше лавина реакции по стационирањето на ракетата Искандер-М, која има капацитет да нпси и нуклеарни боеви глави, во градот Калининград кој е руска ексклава на Балтичко море. Русија тоа го објаснува како одлука за нејзината национална безбедност, додека соседните земји членки на НАТО како Полска го сфатија како сериозна закана. Од Кремљ велат дека ракетите биле поставени како контра на развојот на американски антиракетен штит во истчна Европа. Иако од Вашингтон тврдат дека штитот е наменет да се пресретнат можни напади од Иран, Москва смета дека е всушност насочен кон Русија.
НАТО да остане унитарна
Целта на НАТО е безбедноста на сите нејзини членки, па така едногласното делување е предизвик кога перцепцијата на тоа што е закана е различна во рамки на Алијансата. Родерих Кизеветер од владеачката ЦДУ смета дека е важно да се задржи „360 степени поглед на ситуацијата” и да се обезбеди интересите на сите земји членки да бидат еднакво застапени. Но, со раскинувањето на Договорот источните и балтичките земји членки на НАТО кои понепосредно ја чувствуваат заканата, веројатно ќе бидат поподготвени за билатерални договори со САД.
Повеќе на темата:
-САД најавија излегување од договорот за разоружување ИНФ
-Русија исто така ќе се повлече од ИНФ
-СИПРИ: „Атомското оружје станува поважно“
„Највисоката цел е да се превенира натамошно ширење на нуклеарно оружје во Европа” вели Кизеветер и посочува дека не треба да има “специјален договор меѓу Полска и САД за стационирање на нуклеарно оруќје во Европа.” Тоа само би дал аргумент на Русија која сака да го заслабне НАТО сојузот и прави се во нејзина моќ да ја постигне целта.
Рихард Вајц од Институтот Хадсон од Вашингтон се согласува дека тоа би можело да и помогне на Русија да предизвика раздор меѓу сојузниците, но од друга страна “би можело и да поттикне заедничка инвестиција за одбраната, или пак да ги спречи сојузниците да купуваат оружје од Русија” вели Вајц и додава дека американската администрација сето ова го гледа само како “цена што мора да се плати за да се прават бизниси”. САДинсистира членките на НАТО да стигнат до 2 проценти од БДП издатоци за одбрана, цел која само неколку земји до сега ја постигнаа.
Дијалог со Русија
Иако Германија не е потписник на договорот, исто како и други европски земји е засегната од неговото раскинување. Фабрис Потие, сениор консултант на Меѓународниот институт за стратешки студии и поранешен шеф на Одделот за планирање на политики на НАТО, за ДВ вели дека Германците и Французите треба да продолжат со напорите да се одржи дијалогот за договорот меѓу сојузниците во Алијансата и смета дека мора да продолжи дијалогот со Русија.
Потие процесот го опишува како „многу комплицирана игра” и вели дека ниту Германија, ниту Франција не сакаат да бидат перцепирани како некои кои посредуваат за договор меѓу Русија и САД, но од друга страна “не може да останат ни пасивни бидејќи се засегнати.”
Што е следно?
Германија традиционално е претпазлива кога се работи за воени мерки. Па клку во Германија има подготвеност за “лактање” во пост-договорната ера?
Кизеветер од редовите на ЦДУ смета дека заедничка верификација би бил првиот чекор кој ќе обезбеди кај ниту една од двете страни да не дојде до забуна меѓу конвенционална и нуклеарна ракета. Има потреба од “интензивно градење доверба и научна размена за да се избегне човечка грешка.” Кизеветер исто така смета дека треба да се формира зона во кја нема да има ракети со среден дострел и дека мора да продолжи дијалогот со Русија преку “интензивно заживување” на советот на НАТО и Русија.
Како и да е, експертот за контрола на оружје Улрих Кин од универзитетот во Хамбург вели дека Германија мора да преземе и други мерки како на пример поголеми инвестиции во можните таргети како што се воздухопловната база Рамштајн која е централна во Германија и други транспортни рути на НАТО во Европа.
Да се чува сигурноста на Европа и да се превенира трка за вооружување ќе биде една од главните задачи во идните години. Многумина страхуваат дека повлекувањето од Договорот за нуклеарни ракети со среден дострел би можело да го загрози натамошниот опстанок на други договори како оној за Ново стратешко редуцирање на оружјето, нуклеарен договор меѓу САД и Русија кој истекува во 2021 година.