1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

„Доктор Тедрос“: Кој е човекот на чело на СЗО?

Инеке Мулес | Јан Филип Вилхелм
21 април 2020

Во Етиопија, Тедрос Аданом Гебрејсус го реформираше здравствениот систем и многумина го оценија тоа како голем успех.Но, шефот на СЗО не е без контроверзи - а пандемијата на коронавирусот е неговиот најголем тест досега.

https://p.dw.com/p/3bCX9
Schweiz PK WHO Tedros Adhanom Ghebreyesus zu Coronavirus
Фотографија: picture-alliance/Keystone/S. Di Nolfi

Кој ги читал интервјуата со Тедрос Аданом Габрејесус, веројатно ја знае и оваа приказна: Дека на седумгодишна возраст мораше да ја доживее смртта на неговиот две години помлад брат, кој починал од болест која во земја со функционален здравствен систем можела да се излечи. Но, во неговата родна земја Етиопија, во тоа време такво нешто немало.

Тој не сакал да прифати дека некој мора да умре „само затоа што бил сиромашен“, како што во тоа време било и неговото семејство - вака генералниот директор на СЗО често ја објаснува својата заложба за подобра здравствена заштита. Смртта на неговиот брат до ден денес претставува мотив за неговата работа.

Cardiac Center-Ethiopia
Фотографија: DW/S. Muche

Здравствени реформи во Етиопија

Денес 55-годишниот Тедрос зад себе има долга кариера како здравствен експерт. Студирал заразни болести во Велика Британија во 1990-тите и докторирал во областа на јавното здравство. Помеѓу 2005 и 2012 година, како министер за здравство на Етиопија, му беше дадена можност да го реформира  здравствениот систем на земјата.

Повеќе:

-САД ги стопираат уплатите за СЗО

-Што прави Светската здравствена организација?

-СЗО вели „тестирајте“ на коронавирус, но имаат ли сите држави ресурси за тоа?

За време на овие седум години, во Етиопија беа создадени илјадници нови здравствени центри, беа ангажирани десетици илјади помошници за нега во руралните области, а за прв пат беше воведено и здравствено осигурување. Бројот на медицински факултети се искачи од три на 33, бројот на лекари повремено растеше експоненцијално. Стапката на смртност од болести како што се туберкулоза, маларија и СИДА се намали за 90 проценти.

Исто така, се верува дека Тедрос одиграл клучна улога во подобрувањето на здравјето на мајките и на децата, за што се обврзал уште од 2009 година. Од 2012 до 2016 година, тој беше и министер за надворешни работи на Етиопија.

Контроверзата со колерата

Но, не сите негови сонародници гледаат позитивно на министерскиот мандат на Тедрос во здравствениот сектор. Токму за односот кон епидемиите на, поранешниот министер за здравство до денес е соочен со тешки обвинувања. За него се вели дека ја минимизирал опасноста од неколку појави на колера во земјата меѓу 2006 и 2011 година, а со тоа ги одложил  неопходните контрамерки. Лудгер Шадомски, кој како шеф на редакцијата на етиопски јазик во Дојче веле го следеше мандатот на тогашниот министер за здравство, се присетува: „Во нашите интервјуа со етиопските здравствени власти, во негово време секогаш се говореше за’ водена дијареја', иако врз основа на клиничките сознанија со сигурност можеше да се говори за колера“.

Поточно, припадниците на Амхарен и Оромо, кои ги сочинуваат двете најголеми етнички групи во Етиопија и кои беа најпогодени од појавата на колера за време на мандатот на Тедрос, гласно протестираа кога тој беше назначен за генерален директор на Светската здравстена организација во 2017 година. Тедрос му припаѓа на етничкото малцинство Тигре, кое, иако сочинува само околу шест проценти од етиопското население, долго време доминираше во политиката во земјата.

Schweiz Exil-Äthiopier protestieren gegen neuen WHO-Generaldirektor
Фотографија: Reuters/P. Albouy

Активистот за човекови права Касахун Адефрис тогаш за ДВ рече дека е загрижен поради назначувањето на Тедрос: „Додека тој беше министер за здравство, многу луѓе во Етиопија ги загубија животите затоа што тој ги прикриваше епидемиите на колера“, рече Адефрис. „Од моја гледна точка, под голем знак прашалник е да се предложи некој за оваа позиција што направил такви грешки“..

Реформските планови на Тедрос

Конечно, изборот на Тедрос се должеше на големата поддршка која ја доби од делегатите на 55-те африкански земји-членки на ОН. Во тоа време, и на социјалните медиуми доминираше радост поради тоа што Африканец за прв пат беше избран за шеф на СЗО.

Експертите говорат за првични успеси на Тедрос во некои од неговите клучни реформски проекти. Така СЗО во меѓувреме, според нив, реагира побрзо и посеопфатно на здравствените кризи - за разлика од реакцијата на епидемијата на ебола во 2013/14 во Западна Африка. Токму тоа беше причината зошто СЗО, предводена од неговата претходничка, Кинеската Маргарет Чан, беше цел на  масовни критики.

Конфликт со САД

Сепак, критичарите го обвинуваат Тедрос дека во актуелната пандемија на коронавирусот поради обѕири кон кинеската влада не реагирал доволно енергично на почетокот на појавата на заразата. Со ова образложение, американскиот претседател Доналд Трамп дури и ги запре исплатите на неговата земја за СЗО. Неспорно е дека Тедрос во времете како етиопски функционер, посебно како министер за надворешни работи од 2012 до 2016 година остваруваше блиски контакти со политичкото раководство на Народна Република Кина, а Адис Абаба до денес е близок стратешки партнер на Пекинг.

Конфликтот со американскиот претседател меѓутоа веќе подолго време го придружува шефот на СЗО, Тедрос. Во 2017 година, долго пред да започне пандемијата на коронавирусот, Трамп се закани дека ќе ги намали американските уплати за СЗО. Дури и пред да ја преземе функцијата, Тедрос изјави дека сака да ја прошири донаторската база за да се избегнат финансиски шокови: „Ако што повеќе држави придонесуваат, без разлика во колкава сума, тоа би помогнало“, рече тогаш Тедрос.